Правни анализи

Кредибилитетот на заштитениот сведок во судските постапки

објавено:


Веќе подолг период, во праксата на судовите во Република Македонија се злоупотребуваат повеќе правни институти, преку кои се кршат основните човекови права и слободи, меѓу кои примарно место заземаат злоупотребите на притворот и загрозениот (заштитениот) сведок, преку кои, на колено, се прекршува кичмата на правдата и обвинетите се испраќаат на долготрајни затворски  казни

Но, тука, низ краткиот приказ на личниот, семеен и општествен профил на загрозениот (заштитениот) сведок,  даден преку анализата на неколку позначајни кривични предмети, ќе се предочат некои од заедничките, општи карактеристики, кои во праксата го истакнуваат овој институт, бидејќи тие се скоро идентични и во сите останати предмети во кои е користен овој институт.

Иако историјата на овој институт не е многу стара,ниту далечна,бидејќи подробностите за неговата експлоатација правно се обезбедени со донесувањето и стапувањето во сила на Законот за заштита на сведоци (Сл.весник на РМ бр.38/05),како и во поновите измени и дополнувања на ЗКП,  неговата зачестена злоупотреба од страна на правосудните органи, го наметнува прашањето за определувањето на неговиот психосоцијален и кривично-правен карактер.

Пред се, интересен е загрозениот сведок, затоа што тој, во најважниот дел на постапката, односно истрагата и докажувањето, го зазема клучното место во процесот на сведочење, односно презентирање и утврдување на битните факти во постапката.

Преку користењето на „загрозен, или заштитен сведок“, во историјата на странските законодавства, од кои всушност и е превземен овој институт и во нашето законодавство, разрешени се многу значајни предмети, почнувајќи од пред  неколку децении, кога за прв пат е применет во американското право, за разбивање на сицилијанската мафија „Коза Ностра“, која делувала на подрачјето на САД, а потоа и во Италија (случајот кој го водел судијата Фалконе и др.).

Ова било проследено и со низа мерки на заштита на овие сведоци, со оглед на нивната дотогашна мафијашка историја и сериозноста на заканите кои мафијата им ги упатувала, но во кои сепак, со директни сведочења, сведоците лично посочувале што виделе и знаеле, кои биле исклучително важни за случаите кои се воделе, така што мафијата била разоткриена, разбиена и санкционирана, а заштитениот сведок, со нов идентитет и потребната заштита, бил преместуван во нова средина, каде добивал шанса за нов почеток во својот живот.

За разлика од странската пракса, како продукт на нестабилната демократија, посебно во последните неколку години, во нашата судска пракса се исфабрикува таков профил на загрозен сведок кој е целосно ставен во служба на едностраната забрзана процедура за докажување на вината на обвинетиот, или обвинетите, во која се остава сосем мал простор за поинакво докажување, а особено не во правец на афирмација на истакнатото од одбраната, или содржината на другите докази, ако не се вклопуваат во наводите на загрозениот сведок, кои се земаат како основ за целосното судско утврдување, макар и спротивно на одредбата на чл.365 ст.3 од ЗКП, која забранува пресудата да се заснива само врз исказот на загрозениот сведок.

Така, „благодарение“ на исказот на загрозениот сведок, многу обвинети се осудени на долготрајни затворски казни и испратени на нивно извршување, како на пример во предметите: „Змиско око“, „Метастаза“, „Детонатор“, „Ликвидација“,„Кампања“, „Ровер“ и други.

Што е заедничко за сите “загрозени“ сведоци, во спомнатите предмети?

Прво, нивното нетранспарентно и неосновано подведување под тој статус, иако не ги исполнувале критериумите предвидени во одредбата на чл.2 од ЗЗС и соодветните одредби од ЗКП, посебно во однос на нивната загрозеност, или на блиски членови на фамилијата и потребата од заштита. Во прегледаните одлуки на судот, вооошто не се образлагаат причините и законските основи, или барем најнеопходните, за да се оцени оправданоста на определувањето на овој статус.

Второ, сите лица кои го добиле овој статус, предходно или во тој момент, биле под кривично-правна обработка од надлежните органи и таа улога им е изнудена, наметната и диригирана во текот на целата постапка, од страна на органите на МВР, некаде во содејство и со ОЈО, така што, во понудата да ја спасат својата глава, се фатиле во тоа диригирано оро. На многу од нив, притисоци им се вршени и за време на притворот, при посети вршени и без знаење на истражниот судија.

Притоа, зачудува што тоа се дозволува или толерира, а не се дозволени посетите на притворениците од страна на Хелсиншкиот комитет, дури, во некои случаи и на Народниот правобранител.

Трето, се забележува отсуството на точни, конкретни и прецизни информации за предметниот случај, а се изнесуваат споредни, наслушнати и индиректни информации, кои немаат издржани логички целини, но се прифатени во  неоснованите и неаргументирани заклучоци на судот, без нивна вистинка проверка и докажување.

Четрврто, при изведувањето на тоа доказно средство, во сите случаи, се повредени нај основните процесни  и човекови права на обвинетиот и одбраната, проследено скоро со потполно одбинање на се што е предложено од истите, под плаштот да не се открие идентитетот на загрозениот сведок, или дека истакнатото е спротивно на изведените докази, без посочување на кои.

 

Петто, во образложението на сите пресуди во кои е користен загрозен сведок, отсуствува споредбеното, аналитичко и компаративно докажување, бидејќи е застапено само фрагментарното, селектирано, нараторско прераскажување на доказите, спротивно на одредбата на чл.374 ст.6 од ЗКП.

Имено, во случајот „Кампања“, на „загрозениот“сведок, дотогашен семеен пријател на обвинетиот Љубе  Бошкоски,  од страна на органите на МВР,  наметната му е улогата на „агент-провокатор“, со диригирани постапувања, наведувања на одредени места, на кои манифестирал недозволени поттикнувања кон одредени чинења и слично. Сето тоа беше повеќе пати коментирано и критикувано во медиумите, како и од експертите по право,  кои  како и одбраната, не увидувајќи никаква опасност и потреба за заштита, повикуваа на непосредност во постапката, но тоа не беше прифатено од судот.

За судот,  доволен доказ за изречената казна затвор, биле снимките од неколкумесечното следење на Бошкоски, со примена на посебни истражни мерки и сведочењето на загрозениот сведок „3-1“. Но покрај казната, судот бара Љубе Бошкоски да врати  30.000 евра, иако сведокот  „3-1“, на главниот претрес признал дека само 10.000 евра се негови, а одбил да одговори дали 20.000 евра се негови. На вештачењето на 100.000 евра, не била пронајдена  ДНК, ниту на Бошкоски, ниту на загрозениот сведок, туку на две женски лица. За тие пари, ниту има одлука на кого ќе му припаднат, ниту оштетно побарување од загрозениот сведок.

Сопругата на обвинетиот Љубе, Виолета Бошкоска, во медиумите настапи со тврдење дека Љубе Бошкоски е наместен.Таа се сомнева дека  тоа лице се крие под статусот загрозен сведок, затоа што доцна вечерта во неделата на 05.06 2011 година, пред апсењето, му се јавил на Љубе и ги поканил на прослава на матурската вечер на неговата ќерка.Таа утредента дури купила и подарок, ама се случило тоа што се случило.

Од  друга страна, покрај тоа што е нивни пријател, овој човек е близок и со високи функционери од сегашната власт.Истиот човек, пред дури телефонски ја побарал и ја повикал на гости во неговата куќа, во една соседна држава. Бошкоска тврди дека од разговорот со него, воопшто не добила впечаток дека се чуствува загрозен. Сведокот со Љубе Бошкоски разговарал и во неделата на 5 јуни, ден пред апсењето.

Не е јасно како полицијата прецизно знаела кога Љубе ќе оди кај сведокот дома, или на средба со него во кафеана, а дека, овој пак, уште ќе му даде и пари. Ако МВР не ги прислушкувала телефоните на Бошкоски, како што тврдеше тогашната министерка Гордана Јанкуловска, тогаш се наведува на заклучокот, дека пријателот на Љубе, во сценариото за „Кампања“, имал улога на актер, доделена од МВР. И иницијативата за првата средба била од тој сведок.Иако Бошкоски не барал пари, пријателот го наведувал разговорот на таа воденица,а сето тоа камерата на МВР, го овековечила.

Според експертите, спротивно е и на нашиот закон и на европските конвенции, полициски информатор, да поттикнува на кривично дело. Доказ  дека во аферата „Кампања“,  ова лице било полициски соработник, а не загрозен сведок, иако официјално добил таков статус пост фестум, на 6 јуни, се и сведоштвата на луѓе од раковоодството на Обединети за Македонија.Имено, тие биле присутни кога Бошкоски околу пладне на 6 јуни, бил повикан од пријателот на средба во „Воденица“. Љубе Бошкоски заминал, а не поминало многу време, откако разбрале за богатиот „улов“ на Јанкуловска.(Види: дн. “Фокус“ од 10.11.2011 год. “ Виолета Бошкоска, за лицемерието на „загрозениот“ сведок:Љубе го фрли во зандана, а мене ме викаше на гости“).

Во случајот „Ровер“,по сторениот гаф во судницата, по кој не намерно се наѕрел идентитетот на загрозениот сведок, повторно и за јавноста, медиумите, експертите и одбраната, не е утврдена ни една причина за загрозеност на сведокот, кој нешто начул, нешто од друг слушнал и си протолкувал,  пресудната улога му е дадена на тој сведок, бидејќи ниту еден навод или доказ од одбраната на е прифатен, под истите изговори на судот.

Се работело за лице, барем по неговите лични изнесувања, кое се дружело со најпознатите рекетари, изнудувачи и деликвенти во критичниот период, но на него му е поклонета верба од страна на судот. Во истиот случај, според наводите на обвинетиот Ивица Ристиќ, во притворот во Шуто Оризари, од страна на органите на МВР, му бил вршен притисок, со убедување, по цена на неговата слобода, и тој да биде загрозен сведок, но дека одбил, по што следува и неговото осудување на долгогодишна казна затвор, и покрај неговата  поранешна информаторска улога, за која, предходните криминални активности, му биле простувани.

Сите овие работи, поставуваат низа прашања: каков статус може да има таков човек, кој ако знаел за предметното убиство,  молчел  11  години, дали воопшто требало да го добие овој статус, или обвинителот требало да покрене обвинение и против него, со оглед на неговата должност како граѓанин ,да го пријави  делото и да ја спречи штетната последица, и што е најважно, како е можно да се покренува обвинение затоа што некој, во случајов, загрозениот сведок, нешто наслушнал, без директни и сигурни извори на сознание.

Сите тие прашања се дебатирани на повеќе трибини, меѓу кои и  таа со тема: „Заштитениот сведок помеѓу правната држава и прекршувањето на човековите права,“ која уследи по сомнителното забрзано процесуирање на случаите „Кампања“ и „Ровер“, на кое експертите ги истакнаа загрижувачките аномалии на нашиот правосуден систем, нефункцирањето и злоупотребата на правните институти, од што нема правна сигурност, предвидливост и процедура според закон, туку, зависна од политичките центри на моќ, при што, случаите со загрозените сведоци се претвораат во ептен наместени политички процеси, во кои има сериозни фалинки во начинот на испитувањето на загрозениот сведок и целиот контекс не дава за веродостојност на исходот, во кој процес, судот е најслабата алка, низ кого се поминува како топол нож низ путер, за разлика од спроведувањето на фер судење, кое тргнува од здрава логика и каде што доказите мора да се тестираат, зошто може да се злонамерни.

Во случајот „Ореше“, загрозениот сведок го стекнал тоа својство, по неговото притварање во истражниот затвор во Шуто Оризари, за кривично дело разбојништво. Од исказот што го дал овој сведок во истрагата, под псевдоним „Бреза“, меѓу другото, ги наведува и неговите познатства и контакти со лица кои се занимавале се недозволени активности, изнуди, рекет и други криминални дејности, но го дал својот исказ,  со содржина како во записникот Ки бр.288/08 од 05.11.2008 година, за подоцна, кога самиот се откажа од тоа негово својство и јавното истапување како личност Златко Арсовски, да даде дијаметрално спротивен исказ, целосно негирајќи го предходниот како присилно изнуден од  органите на МВР, останувајќи при последниот исказ и по извршеното соочување со сведокот Соња Арсовска, на записникот за главен претрес  К бр.204/11 од 12.03.2013 година.

Претходно, и за овој сведок, во решението на ОС Велес, К бр.288/08 од 05.11.2008 година, освен определувањето на псевдонимот „Бреза“ и посебниот начин на испитување со прикривање на идентитетот и изгледот, со примена на технички уреди, друго не е појаснето, посебно за потребата и основите на стекнувањето на тоа својство, што е одлика и во сите други решенија, донесени од страна на судовите во Република Македонија, како некои унифицирани, шаблонизирани одлуки.

И загрозениот сведок „Кам-14“, од кривичниот предмет КОК бр.40/10 на ОС Скопје1 Скопје, е со претходно проблематично, (инкриминирано) однесување, но за разлика од бројните осудителни пресуди, за чудо, овој случај завршил со ослободителна пресуда, под наведениот бој од 28.12.2010 година.

Од напред наведеното произлегува дека скоро во сите случаи во кои се користени загрозени сведоци,  се работи за:

- криминогени, несоцијализирани или проблематични личности, кои, заради проблемите во кои се нашле, станале  плен на уцена на органите на МВР, да го прифатат тоа својство, да го презентираат веќе подготвениот исказ од нивна страна, за возврат на нивно ослободување за исти или други нивни инкриминирани дејствија, и дека, за жал, пресудите претешно и исклучиво, се засниваат на исказите на овие сведоци.

Само во два случаи: „Монструм“ и „Ореше“, сведокот сам се откажал од тоа својство, под изговор на грижа на совеста и дека предходно им бил изнуден исказот, но дека сега ја зборуваат вистината.

Заради лошите лични, морални и асоцијални карактеристики на тие лица, при една реална, законита оценка на нивниот  правен кредибилитет  како сведоци, од една страна, и дадените конфузни, паушални и непоткрепени искази, базирани во основа на посредни информации и индиции, нивните искази се во најмала рака компромитирани, и како такви не можат да бидат основ за валидно пресудување.

Се поизразена е потребата судската пракса да обезбеди загрозниот сведок, сам да може да одлучи дали ќе го задржи тоа својство, или ќе се откаже од истото, но и да се внесе законско задолжување за судот, да може да го открие неговиот идентитет, месец дена пред главната расправа, (како што е предвидено на пример во чл.109-г ст.2 од ЗКП  на Србија), за да им се овозможи на обвинетиот и на одбраната, соодветно да ги подготват прашањата за главната расправа, меѓу кои и за кредибилитетот на загрозениот сведок, за да се отстрани секакво сомнение дека „работите се наместени“ и дека резултатот на постапката е однапред предвиден.

Како архаична дефиниција за загрозениот човек во нашата судска пракса,  може да се наведе дека тоа е: нечовечно, бездушно суштество, кое се ставило во служба на ѓаволот. Порано постоеш поговорка дека:  “За време на Тито, имаше здраво жито“, но денес, за жал, изгледа дека повеќето е какол, и дека повторно е актуелно, античкото Диогеново барање со фенер и денски да најде човек.

Галерија: Заштитен сведок