Коментар

Заев формираше „Патриотско друштво“ за следење на реформите во судството

објавено:


Во Владата на Република Македонија вечерва се одржала конститутивната седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017 – 2020 година) соопшти владината прес служба, поткрепувајќи го соопштението со неколку фотографии и текст, кој верувале или не е за гинисови рекорди на глупости.

Прво, како што вели владината ПР служба, зоран Заев кој претседава со Советот, рекол дека формирањето на Советот било „ПАТРИОТСКИ ЧИН“.

-На оваа конститутивна седница, премиерот и претседавач на ова тело, Зоран Заев,  рече дека  формирањето на Советот е со цел враќање на дигнитетот на правосудствто, обезбедувањето правда и право согласно очекувањата на граѓаните и претставува патриотски чин. Премиерот информираше дека тој ќе ги обезбедува сите неопходни информации за политичките процеси низ кои ќе се спроведува имплементацијата на реформите во правосудството-пишува во владиното соопштение.

Да се задржиме само на два акценти: што е патриотски чин, да собереш истрошени партиски кадри, кои биле на функции во „режимот“ како што го нарекуваа владеењето на Груевски и да ги претставиш како реформатори? Ако ова е патриотизам, тогаш, што е предавство на очекувањата на граѓаните и што значат „политички процеси“, дали тоа што во Советот му седат повеќе поранешни министри, од кои слободно може да си формира паралелна Влада?

И, замислете, на состанокот било заклучено дека на наредната седница треба да се усвои Нацрт-деловникот за работа на Советот за следење на реформата во правосудството кои им бил презентиран денеска, а веќе за следната недела е закажана нова средба на која ќе треба да се изгласа деловникот за работа, а ќе се разгледуваат и закони кои се во владина или во собраниска процедура.

Па, фино што не решиле да ги разгледуваат законите по изгласувањето од Собранието, како што е законот за албанскиот јазик кој пост фестум ќе го праќаат на мислење во Венецијанската комисија. На север од нас велат „боље икад, него никад“, ама, не сум сигурен дека ова е применливо во случајов!

А сега, да се задржиме на персоналниот состав на Советот кој е скандалозен по сите основи.

Во него, како што соопштува Владата, освен премиерот Зоран Заев, се и министерот за правда кого го немаме во овој период, заменикот министер Оливер Ристовски, политичка фигура предлог на СДСМ, Јавниот обвинител на РМ, Љубомир Јовески, исто така политичка функција,  Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, исто така уште пополитичка функција,  Народниот правобранител и екс министер за правда Иџет Мемети кој треба да е контролен механизам над Владата и министерствата а не дел од владини тела, пракса што не е нова за Мемети кој прифати дури и да спроведуав правосуден испит, назначен со решение на министер за правда, што е незамисливо за ваква, според закон независна функција.

Но, листата не застанува тука, па ја дополнуваат екс министерот за локална самоуправа во влада на ВМРО ДПМНЕ, а сега претседателот на Здружението на судии,  и судија на Врховниот суд Џемаили Саити, судијката Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд на РМ, сопруга на амбасадорот Сашо стефков, која од Основен суд директно изгради кариера во Врховниот суд,  Лидија Димчевска сегашната вд претседателка на Апелациониот суд во Скопје, Шефајет Хајдари од Апелациониот суд во Гостивар, Антонио Јолевски од Основното јавно обвинителство во Битола, Ристе Бојаџиски од Основното јавно обвинителство во Штип, Иван Џолев, претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Илир Сулејмани, претседател на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, сите освен избрани во времето на ВМРО ДПМНЕ.

На листата се и: адвокат Александар Тумановски сограѓанин на Заев од Струмица, како претставник на Адвокатската комора на РМ, професорките д-р Гордана Лажетиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, д-р Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Жарко Хаџи-Зафиров, претставник на Блупринт групата на граѓански асоциации за правосудство, д-р Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност -Скопје, при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола, и поранешен директор на финансиска институција во времето на ВМРО ДПМНЕ, адвокатите Звонко Давидовиќ од Скопје и Ибраим Бајрами од Тетово, (ако Тумановски е претставник на АКРМ, на чиј предлог се Давидовиќ и Бајрами?) Магдалена Несторовска, како претставник на Министерството за внатрешни работи, Марија Митевска од Министерството за финансии и последниот и најспорен на листат, како што пишува „Џелал  Бајрами од Јавното обвинителство на РМ“.

Бидејќи Владата Бајрами го пишува само како „Претставник на јавното обвинителство“, да не мислат читателите дека станува збор за возачот на Јавниот обвинител, да потсетиме дека Бајрами е Јавен обвинител во јавното обвинителство, а поранешен министер за труд и социјала и заменик во МВР, во многу клучен момент, кога полицијата го откри случајот „Монструм“, за кој сега тврдат дека исто бил монтиран, а на прес конференцијата, Бајрами беше рамо до рамо со Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков.

Џелал Бајрами, за кого има разговори кои упатуваат на сериозен криминал со земање мито за доделување на инвалидски пензии во случајот познат како „Метастаза“ преку него и неговиот шофер, сега не само што е Јавен обвинител во ЈОРМ, туку е и лидер на групата која деновиве излезе и јавно се спротивстави на преквалификација на кумановскиот случај, што беше основ за реакција на Јовески дека е прекршен кодексот, а ЈОРМ не работи со надгласување, издвоени мислења или поделба на македонско и албанско обвинителство.

Но, што направи вечерва Заев? Со „патриотски чин“ го делегитимираше јавното обвинителство на два дела, па едното е македонско а другото албанско? Која е потребата на иста маса во тој Совет да седат дури 2 обвинители од ЈОРМ, и јавниот Јовески и Бајрами?

Дали Заев е свесен каков „патриотски чин“ како што се фали направил вечерва? По што, толку е важно во Советот да има двајца обвинители од ЈОРМ, и двајца од Основните обвинителства, а да не вклучи ниту еден од четирите Виши обвинителства во земјава, на пример?

Што ќе биде следно, формирање на Албанско обвинителство или паралелизам во работењето на сегашното, каде што под Јолевски ќе бидат обвинителите Македонци, а под Бајрами, обвинителите Албанци?!

Навистина е тенка линијата помеѓу патриоти и предавници, но прашање е кој и колку е свесен дали ја згазил таа линија.

Затоа, време е некој да му каже на Зоран Заев дека му треба одмор, а кога ќе се врати, сериозно да размисли каде ја води земјата, во кој правец, барем во делот на реформите на судството и да се повлече, бидејќи не ја разбира областа и не му е местото таму како прво, а второ, да не заборави дека се уште е обвинет за примање поткуп, а зад тоа обвинение и натаму стојат и Јовески и Бајрами и другите во Советот, како и тие, кои одлучуваат за низа формалности за неговото судење во кривичниот суд, во Апелација, па ако сакате и во Врховниот суд, каде што Саити е член на советот.

Затоа, ова „патриотско друштво“ кое се собрало вечерва, може да биде само спој за приватна забава на која Заев како домаќин ќе одлучи кого ќе си покани. Но, не и вака, каде што со државни пари ќе ни раскажува за „патриотски чинови“. И, нека размисли сериозно, дали ова беа очекувањата на граѓаните за реформи во судството? Ако мисли дека ги исполнил нивните очелувања, веднаш да знае дека многу се излажал или го излажале. Како и да е, не го оправдува дури ни незнаењето.