Коментар

Судска хименопластика

објавено:


На времето, кога се уште важеле некои норми, грев било невестата пред брак да спие со момчето или не дај боже со друг. Ако девојката била „чепната“, таа, ден по свадбата бил враќана на магаре, свртена да гледа наназад и тоа било најголемиот срам за една фамилија. Бидејќи се работело за честа.

Но, времињата се менувале, медицината одела напред, традицијата, навиките и обичаите добивале нов лик, па, доколку некој посака сега да глуми мачо-мен на првата прачна ноќ, со мала интервенција, наречена хименопластика се решава и тој проблем. Со малку пари, или повеќе сеедно, ем честа е спасена, ем задоволството за некој наивец е набрзина подготвено.

Овој хит во медицината, хименопластиката, често баран и практикуван во одредени општества во кои традицијата е пред се, се примени за жал и во Македонија, во делот на судството.

Со големи фанфари, со удар на ѕвона денеска парламентот донесе два двотретински закони, за Судски совет и за судови, кои беа најавени дека преку ноќ ќе го просветлат судството, а поддржани и од ВМРО ДПМНЕ.

Но, приказната многу наликува на хименопластика за наивни и неискусни, отколку за желба вистински нешто да се менува.

Овие два закони, како што беа објаснети, ќе треба да ја гарантираат судската независност, а во суштина, ако се погледнат,  ќе сфатите дека во нив не се менува ама ништо суштински.

Никаде не се споменува одговорноста на судиите и Судскиот совет за кадрите кои досега ги избрал и кои потекнуваат од разни тефтерчиња, бидејќи на ниту еден од нив нема да му фали влакно од глава, тие и понатаму судат и пресудуваат, Судскиот совет избира и разрешува, и се така, тече, ама ништо не се менува!?

Еве, накратко само дел од „новите реформски“ решенија во законите, од кои ќе се уверите дека не само што ова не е реформа, туку не е ни хименопластика, туку само ефтина, бит=пазарска  шминка!

Во измените што денеска беа изгласани во Собранието, предвидено е судиите да одговараат дисциплински доколку без оправдана причина не ги закажуваат рочиштата по предметите или ја одложуваат постапката. Ова досега не само што постоеше, туку беше уште построго и се подведуваше под нестручно и несовесно работење на судијата и беше основ за разрешување.

И, што е новината?

Нечиј хонорар веројатно и глумење лудило за наивци! Но, сигурно сите не би дозволиле да бидат превеслани со вакви “реформи“.

Во законските измени е предвидено  да се разреши ако не работи по АКМИС системот, повреда која и досега можеше да се констаира и да се постапува по неа. Ако и ова е „реформа“ на судството, простете, ама реформаториве мора да биле малку поднапиени кога го предлагале законов, зашто, трезен човек би се срамел, а не да се гордее со козметичкиве корекции!

Усвоен е амандман на ВМРО-ДПМНЕ, и избришан е членот според кој министерот за правда и претседателот на Врховниот суд како членови на Советот учествуваат во работата на Судскиот совет без право на глас.

Значи, го враќаме решението од пред 2011 година, кога Михајло Маневски палеше и гасеше во Судскиот совет и се најде посочен во зивештаите на Европската комисија. и, некој ова го нарекува реформа? Наместо целосно департизирање на Судскиот совет, тој и натаму останува политички орган, послушен, зависен, со поданички однос кон власта, која и да е. Не дај боже на реформаториве на судството да иим текнело да предвидат по сила на закон (со измениве) да му престане мандатот на Судскиот совет. Овие членови, за кои видовме како работеле во „бомбите“ ќе чекаат регуларни избори на крајот на 2018 година, а имаат право да бараат и уште еден 6 годишен мандат!

Некој спомна реформи?! Дај, раскажувајте ми за нив, Ве молам, би било супер да слушам бајки пред спиење!

Оваа власт, под реформа го подразбира новото решение дека судија може да биде разршен ако открива доверливи информации што ги спознал постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција. А, во Законот за кривична постапка, цела глава кривични дела кои ја регулираат оваа материја, но сега, со закана од разрешување ќе ги плашат судиите!

Некој се „сетил“ во измените на Законот за судовите да вметне дека Врховниот суд добива рок за утврдување начелни ставови и начелни правни мислења за прашања од значење за обезбедување на единството со примената на законите. Рокот не смее да биде подолг од 6 месеци по сопствена иницијатива, по иницијатива на претседател на суд, на судии или по иницијатива на адвокати. Мислењата треба да се објавуваат на веб-страницата на Врховниот суд.

И ова е страшна реформа! Оваа надлежност, Врховниот суд ја има откако постои, но реформаториве мислат дка со рок од 6 месеци ја откриле Америка! Во превод, предвиделе едно големо „ништо“.

Ако сакате и следното реформско решение ќе го множиме со нула. Тоа предвидува судските информатичари задолжително стручно да се едуцираат преку Академијата за судии и јавни обвинители. 

И, наместо да го решат прашањето со нефункционирање на Академијата, со вечната директорка која седи без мандат таму, со наместените избори на кадри за судии, тие во закон предвидуваат инфоматичарите да одат на обука во Академија?

Да прашам, кој правник ќе ги едуцира информатичарите во Академија? или ќе вработат и едукатори информатичари?

Бидејќ СДСМ и ДУИ „реформски“ се во таков креативен занес, може да му обезбедат ментоство на Ѓорѓе Иванов да ги едуцира информатичарите на Академија. човекот, ем на времето предаваше информатика на Правен, ем може да се каже дека е правник, па да помогне во веќе усвоените реформски решенија!

Меѓу реформските решенија е и тоа, дека член на Советот, додека му трае  мандатот, не може да биде избран за судија, за судија во повисок суд или за претседател на суд.

Во сите нормални Од држави ова е класичен конфликт на интерес и никому не му паѓа на памет вакво нешто, ама, кај нас тоа се става во закон.

Уште да напишат во некој закон дека Коле Штерјев не може да ја избира внуката за ообвинител бидејќи тоа е конфликт на интерес, а не смее ниту сега да дозволи Деса Пауновска, член на Советот на јавни обвинители, да сака и да бара да биде избрана за Виш обвинител во Гостривар! Едно е желба, а друго е реформа, ама „Советот на Коле„ не е дојден на дневен ред, власта беше зафатена со веќе наброените реформи!

А, во суштина, што ни се случува во „реформираното судство“ по рецепт на СДСМ и ДУИ, а помогнато од ВМРО ДПМНЕ?

Па, во тоа судство, ептен реформирано, судењето за „Титаник“ ндва пати се одлага, бидејќи Јово Вангеловски, кој јавно призна дека подметнувал докази во предмети, и натаму е претседател на Врховниот суд и не може да одлучи по барањето за изземање на судиите. Замислете ги реформите, решението доаѓа откако е одложено судењето, некој час покасно, а судовите еден од друг на само 100 метри оддалеченост! Рокови, итност и се што предвидува законот не е влезено во реформаторската агенда!

-Мај ќе биде месец на две историски одлуки: Добрила Кацарска ќе го ослободи Зоран Заев за „Поткуп“ а ќе го осуди Никола Груевски за „Тенк“. моите „пара способности“ за предвидување велат дека Груевски ќе добие 1 година ефективен затвор, а Кацарска ќе добие функција Претседателл на Апелациониот суд Скопје. А, Заев ќе биде ослободен и никој нема да прашува како струмичкиот градоначалник „МПЦ-ЗАЕВ ДООЕЛ Струмица“ функционирал во секуларна држава и тоа никому не му е гајле. значи, сепак во „Поткуп“ се зборувало за пари, ама според Заев, тоа биле за Црквата?! Аха, а што бил Заев во фирмата „МПЦ-ЗАЕВ ДООЕЛ Струмица“, управител? Во кое својство барал пари Заев за Црквата? затоа што бил голем верник или грешник? Што и да бил, судството не смее да биде пералница за гревови!

Во реформираното судство, и натаму обвинетите за 27 април не излегоа затоа што понудија гаранции и кауции или затоа што некој се смилува, туку поради политички договор! А тој беше, ВМРО ДПМНЕ ќе ги поддржи законите за судството, во замена за притворите за 27 април. Секако, судството беше тука само да го одглуми аминувањето.

Да не го заборавиме и обвинителството! Еве, кога ќе го ослободат Заев, ќе го разрешат ли обвинителот Владимир Милошевски, кој според Заев го конструирал и водел 3 години случајот, или се ќе биде по старо?

Да, се знае веќе дека јавен обвинител на Скопје ќе биде Сашо Рајчев, а во организиран криминал Вилма Русковска. Коле Штерјев има друг фаворит за организиран, ама, овој пат математиката не му излегува на пазар.

А Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева Јавното обвинителство на Република Македонија почнаа да ги затоплуваат односите! Во голема љубов се и нераздвојни и се по скопските кафеани дел од нивните обвинители.  Можеби размислуваат како да го применат законот за заштитени сведоци или како да ги предупредат одредени сведоци.

Туку, се расплинив многу во реформиве на судството, а темата ми беше хименопластиката. Или, не глумете невиност! И хименопластиката, се крпи, се крпи, но не може вечно, еден ден, сепак, ќе мора од корен да е менува нешто.

А, дотогаш, на здравје подзакрпување. И глумење невиност. По кој знае кој пат.