Коментар

Државен правобранител на партиско дугме - трите неславни цензорски минути на Фехми Стафа од БЕСА

објавено:


Како се станува „славен“ на 40-тиот ден од поставување на функцијата, како што велат, додека уште ни духот не ти е вселен во институцијата? Па, ако го следиме примерот на Државниот правобранител, еве вака: пушташ „гола времена мерка“ или барање до судот да се забрани филмот, кој ниту ти, ниту тие што ти рекле го гледале, па по два дена се посипуваш со песок, покажуваш колку не те бива за таму кај што си се изгребал да дојдеш партиски, и логично, со тоа треба да ја завршиш и кариерата во која си добил „3 неславни минути“. Оти, за слава и да си сакал, си немал со што да ја стекнеш.

Извесен Фехми Стафа од Скопје ее нов Државен правобранител на Република Македонија. Како кадар на БЕСА, крилото што коалицира со Зоран Заев и СДСМ, на крајот на август на седница на Влада е именуван на функцијата државен правобранител. За оние што помалку ги следат институциите и која што работи, а што треба да работи, Државен правобранител не е Иџет Мемети, кој како Народен правобранител треба да ги штити граѓаните од државата, туку овој е државен, кој ги штити интересите на државата!

На некој јазик тоа е „адвокат на државата“ или „адвокат за штети“, а кај нас почнал како ОПШТЕСТВЕН Правобранител, па Јавен правобранител, а сега Државен правобранител, функција, навидум небитна, но многу значајна ако сакате да остварите одредени права во денационализација, експропријација, откуп на земјиште, ако ја тужите државата за многубројните видови на штети и многу други работи, без чие мислење не може да завршите никаква работа.

Е тој, заштитникот на интересите на државата, се вика Фехми Стафа од Скопје, кој, реков, цели 40 дена е на оваа функција.

Името му го слушнавме, но се „убив“ барајќи му фотографија, ама тешко оди, затоа што човекот кој дошол како партиско решение, зад себе немал ама баш никаква позавидна кариера, пред да добие да ги штити државните интереси.

Но, благодарение на партиската страница на Беса, таму го има Фехми сликан со ЕУ амбасадорот Самоел Жбогар, а зад него логото на ЕУ и слоганот на Унијата, додека на веб страницата на државното правобранителство, на која ставил биографија на македонски, албански и англиски, ќе најдете фотографија која е помала од форматот за лична карта, што е неупотреблива за медиумско експонирање.

Во споделената биографија пишува дека Фехми Стафа е од Скопје, но нема податоци за годините, што за разлика од него ги пишува кај другите правобранители на кои, тој им е шеф.

Понатаму, пишува дека дипломирал на Правниот Факултет при Државниот Универзитет во Тетово, отсек правни науки, а во моментов е магистрант при ФОН Универзитет во Скопје, отсек: Казнено Право. Но, и овде нема години, кога дипломирал, за да може човек колку искуство има Правобранителов како стручна работа на правото.

Но, ако се расчепка малку кој е Правобранителот, веднаш и се доаѓа до цаката, зошто ги крие годините кога дипломирал. А, еве и зошто: Во биографијата е наведено дека „својата кариера, Стафа ja започна во 2005 година во Oсновниот Суд Скопје 2-Скопје, каде работеше до 2009 година. Од 2009-2010 работел во Секретаријатот за Спроведување на Рамковниот Договор – Влада на Република Македонија, додека од 2010 до 2018 година во Основниот суд Скопје 1 - Скопје“.

Oд овие години се дознава дека Стафа во Oсновниот суд Скопје 2 се вработил како административец, лепел доставници, разнесувал материјали кај судиите, формирал предмети, а како што велат судиите „во меѓувреме завршил факултет како што завршил“ па најверојатно, со добиената Диплома, заминал да работи во Рамковен договор, од каде што, од Влада, во времето на ВМРО DPMNE, како кадар на ДУИ се вратилл во Основниот суд Скопје 1, каде што работел на кривична материја, која, ете го одвела да биде и магистрант на таа насока.

Инаку, работата во Државното правобранителство е граѓанска и управна материја, која нема допирна точка со кривичната, освен предјавување на штета во тие постапки, па од таму, со ништо посебно не е квалификуван за работа, пардон, шефување во правобранителството.

Стaфа, својата биографија ја завршува со тоа дека ги има положено Правосудниот и Нотарскиот испит, а во текот на својата професионална кариера учествувал на многу бројни семинари и обуки од областа на правните науки.

На 22 август 20018 Фехми Стафа е именуван од Владата на Република Македонија за Државен Правобранител на Република Македонија.На веб страницата се наоѓа и информација дека на крајот на септември учествувал на дебата за донесување на антикорупциски закон, каде што, како гостин зел учество во дискусијата.

Толку за биографијата, а ссега да се префрлиме на неговите неславни 3 цензорки минути поврзани со филмот на режисерот Јани Бојаџи.

Откако министерот за култура, сопартиец на правобранителов, а некој си иинженер по струка, без да го гледа филмот обвини дека ги нарушува меѓунационалните односи, побарал од Стафа, или Фехми сам се понудил, бидејќи не верувам дека инженерот министер има кликер за такво нешто да смисли, да бараат судот да ја запре премиерата и прикажувањето на „Ругање со Христос“.

И така, Фехми, кој едвал досега избројал 40 дена на својата функција пуштил предлог до скопскиот суд за забрана за прикажување, позната кај правниците како гола времена мерка, без тужба, ама затоа ја назначиле вредноста на спорот или штетата од 18 милиони денари, или околу 300 илјади евра колку што бил буџетот на филмот.

И нормално, откако ова излезе во јавност, а некој се сетил и им истрил сол на глава, Правобранителот, исто така со поднесок го повлекол барањето, па вчера судијката Сузана Дончевска, како што успеаја да известат некои новинари „не донесе никаква одлука“. а, каква пресуда да донесе, освен да констатира дека е повлечен предлогот или народски речено, глупоста.

Ама, затоа Фехми пак, кој треба да ги штити државните интереси, вчера ја оштети државата, бидејќи тужениот продуцент на филмот си дојде со адвокат, кој за 5-те минути седење во судница си поднесе трошковник за застапување, за полномошно и сето тоа зголемено за ДДВ. И судот, нормално мора да ги прифати овие трошоци бидејќи оваа правна екскурзија „кошта“.

Со вакви предлози, по принципот „пу-пу не важи“ Фехми негативно влијае и на новинарската фела и за тоа мора да биде санкциониран, вака фино кажано разрешен, за да не направи дополнителни, поголеми штети на интересите на државата, кои му се доверени да ги штити.

Имено, вчера во судница се појавија неколку новинари кои следат култура, кои дошле прв пат во суд, а уште по прв, прв пат во граѓанскиот суд, па синоќа, кога ги читав извештаите од судница, три пати се прашав, дали бевме во истата судница тие 5 минути или не! Но, нејсе, каква држава, такви професии во сите области!

А правобранителството, барем јас откако паметам во овие 20 години го водеа: Петар Стоилов, Зоја Лега Станојевска, покојната Оливера Китанова и Насер Ајдари. Двајцава последни напредуваа во Врховен и Уставен суд, но на Фехми Стафа, Владата треба да му се заблагодари пред да направи и 100 дена, бидејќи не може да ги штити интересите на државата Правобранител кој е партиски потрчко, на копче, кој добива и спроведува партиски интереси. Замислете, утре да му текне да се согласи со распродажба на државата која треба да ја штити!

Подобро, не замислувајте, туку како го запознавме блескаво, така и да го заборавиме. Владата е на потег! Оти, нели ќе одиме во Европа, нели цензурата е забранета, нели држвните се пред партиските интереси, нели професионалци, а не партиски војничиња...Нели?!