Коментар

Како Судскиот совет му ја отсвире „Свирете ја зајди зајди тивко полека“ на судството

објавено:


Се сеќавате ли на песната „Свирете ја зајди зајди“, што пред 20-тина години ја испеа Олгица Христовска на мелодија на Драган Вучиќ? Во таа песна текстот беше следен: свирете ја зајди, зајди - тивко полека. Таа песна мене ми е судена..

Е, токму овие стихови треба да бидат основа за химната на македонското судство, на кое одамна му ја пеат „Зајди, зајди“ бидејќи таа песна изгледа и повеќе од судена им е.

Последен што ја отпеа „Зајди, зајди“ беше оркестарот наречен „Судски совет“. Тоа е една „мала група“ која фалшира откако е формирана, ама, рака на срце, секогаш знае да избере наменски песни, кои се движат во распонот на настани помеѓу свадби и погреби! Па, затоа, илустрацијата што ја земам овој пат, бидете сигурни, не асоцира на свадба, ниту остава простор за „весеље“.

Во вторникот, Судскиот совет избираше судии и претседтели на судови, каде што покажа таква „синхронизација“ при избор на кадрите што им ги јавиле од СДСМ и ДУИ, дури да се чудиш дали се наоѓаш во Кина или во Македонија, кога е во прашање демократијата, судската независност, почитување на критериумите и законските норми, а не „тефтерчето“ кое толку беше употребувано во пежоративна форма во изминатиов период, баш како реакција на се што слушнавме во бомбите.

Но, да одиме по ред: по речиси една година (а законот предвидел процедура од 2 месеци) се избра претседател на скопска апелација. Тоа е судијката Лидија Димчевска, која и тогаш, пред неколку месеци, а и сега, имаше најголем број на поени. Но тогаш, поради силното пењавење на Влатко Самарџиски и Владе Богдановски (чии деца „случајно“ работат во Основниот суд Скопје 1) изборот се одложи за да можело да се испеглаат оценките на Добрила Кацарска и Весна Димишкова кои биле „тероризирани“ од Владимир Панчевски и не им биле давани предмети во работа за да имаат висока оценка.

И, се изгубија уште неколку месеци, за вчера да видиме дека и со сите пеглања, судиите кандидати од скопска единица се зад судииве од Апелација. А, да, и на Панчевски не му фали ништо, уште е судија, а Судски вршеше преоценување за да се исправат оценките. И никому ништо, малку повисоки оценки и толку.

Ама, овие во Судски не ги болеше уво за празната позиција во скопска апелација, туку чекаа налог дали да ја изберат Кацарска. Но, по пресудата за Никола Груевски, математиката се сменила: Кацарска, која има уште 2 години до пензија, не би истерала цел мандат, па новата „весела партиска математика“ вели дека сега Добрила Кацарска ќе ја подготвуваат за судија на Уставен суд, каде што мандатот трае 9 години и не е врзан за старосната граница од максимум 64 години за пензионирање на судии.

Тоа веќе би било добра награда, несомнено.

Откако се испеглал овој план, Судски добил „пас“ да ја избере Лидија Димчевска, без оглед на нејзиниот „вмровски бекграунд“ бидејќи тој е од Љубчово време, тогаш беше избрана од кумановскиот суд во скопска апелација. За избор на Лидија ургирале и судии блиски до Заев, убедувајќи ја партиската комисија дека помало зло би била Димчевска, отколку Кацарска.

Ако некому му значи моето лично мислење, јас имам супер однос со Димчевска, во еден случај дури во најголемиот вмровски „режим“ има донесено пресуда во моја корист по тужба за клевета (судеше клевета и навреда) иако многумина ќе ја паметат дека пресудила во корист на Сашо Мијалков, во корист на некој друг а на штета на Тито Петковски, Јани Макрадули, Перо Шилегов и други сегашни функционери, а тогаш опозиционери.

Како и да е, Димчевска не е лошо решение, зад себе има 31 година стаж, зашто се друго би било полошо со вд статус или пак повторување на огласот.

И дебарскиот суд доби претседател, еден од сите чаетворица судии на тој суд, кој пред само неколку месеци не доби поддршка. Но, во меѓувреме, некој ги испеглал работите. па и овој мал суд, доби шеф.

Доаѓаме до интересниот детал, зошто и овој пат Судски не избра еден судија во Врховниот за кривичен оддел, иако има пријавено 4 кандидати, направена е ранг листа, на која, како и пред неколку месеци повторно најмногу поени има Цветанка Периќ од скопска апелација, со таа додавка што, сега има и „купон плус“, потпишана е како претседател на Советот што ја потврди затворската казна за Никола Груевски!

Но, изборот е одложен, зашто членовите не ги добиле биографиите од Комисијата на самиот судски, за да видат дали имаат најмалку 8 години стаж во Апелација со работа на кривична материја, како што предвидува законот. Но, случајно или не, на листата сега за судија на Врховниот суд се појавува Зоран Теофиловски, од гостиварска апелација, зет за сестра на Александра Зафироска од Судски, позната како „Сашка која и рефереира на секретарката на Никола Груевски, каде ќе распише огласи за избор на судии“.

Сашка, има мандат уште еден месец во Судскиот совет, а нејзиниот зет е избран во време кога таа беше член на Советот (бидејќи 12 години е во ова тело). Па, гледајќи сега како и Зафироска е едногласна во поддршката на кадрите на ДУИ и СДСМ за судии, ништо чудно наместо Периќ (за која гласно зборуваат дека имала конекции со ВМРО ДПМНЕ) да го протуркаат Теофиловски, кој е поранешен заменик министер за правда а ако добро ме служи сеќавањето, го врзуваат и некакви кумовски релации со бизнисменот Ристо Гуштеров. Ако на Зафироска, после се што беше објавено во бомбите и после „катиљ ферманот“ на СЈО кое за неа изнесе серија квалификации за злоупотреба на позицијата, не треба да не изненади дека во пазарот може да влезе и кариерата на зетот во највисокиот суд во земјава.

Како поинаку да се објасни гласањето на Зафироска, за судија во Управен суд да стане Елизабета Васкова, екс генерален секретар на Судски совет, со која не можеа да се смислат и ја разреши во правно спорна процедура?! Но, знаејќи во колку се работни групи беше ставена Васкова од актуелнава Влада, веројатно и Зафироска, како и „освестениве“ пратеници, заборавила што се зборуваше и гласала за овој избор. По скрасување на синот како нотар, ќерката во банка, на Зафироска и останува уште да го скраси зетот по втор пат и мирно да се врати во тетовскиот суд од каде што излезе пред 12 години, да суди прекршоци и да си ја чека пензијата!

Врв на партиската директива е изборот на Субхи Јакупи, член на ДИК и заменик министер за правда претходно, од редовите на ДУИ, кој влезе во Вишиот упраен суд, како чекор до Врховниот суд, од каде што на мала врата влегоа сите партиски кадри, поранешни министри и јавни функционери, кои инаку, можеа само да сонуваат за овие позиции. па така, преку Управен беа прошверцувани во Врховен и Џемаили Сати, екс министер кој сега и ги предводи судиите и Исамедин Лимани, па Рахилка Стојковска, Владо Стојановски, Јелица Крстевска, Емилија Илиевска..и тн. И после се чудиме какво било судството?! Какво може да биде, кога највисокиот суд во земјава стана „депо“ за складирање на истрошени партиски кадри, министри, заменици, државни службеници, партиски кадри.

А, посебно двата управни суда се збир на само партиски кадри, што може да се види и со налогот на ппретходните избори, сите од Управен да гласаат за Влатко Самарџиски, кого во живот не го виделе, но му овозможија позиција во Судски со максимални гласови, неспоредливо повеќе од гласовите што ги добил во судот во кој работел.

И пак велам, се прашувате зошто нема реформи? Па и Владата на СДСМ сфати дека не му треба реформа на Судскиот совет, ни по структура како да се избере ни според регулатива, бидејќи самите членови покажуваат таква сервилност кон нечие ново тефтерче. И овој избор, како и минатонеделниот избор за членови на Управниот одбор на Академијата на судии покажа дека СДСМ и ДУИ може да се презадоволни од тоа како ги слуша Судскиот совет.

Денеска, сосема случајно, Здружението на судии повторно фрла во ветер американски пари и на конференција во Охрид зборува за транспарентност на Судскиот совет. На тој Судски совет, за кој гледаме колку е сервилен кон секоја власт, а во кој, мнозинството се судии избрани од самите судии. но, наместо одговорност, Џемаили Саити кого го вратија од Америка за да прегласа одлука во Монструм, зашто го заборавиле притворот, поважна му е да зборува дали Судскиот совет е транспарентен отколку да го отвори прашањето за одговорноста на тие судии кои седат во телото и го закопаа судството со нивните одлуки.

Па, наместо јалови и непотребни дискусии, судиите кои за некој ден треба да гласаат за нови членови на Судскиот совет од своите редови, треба многу да размислат дали пак ќе гласаат како што ќе каже партијата или ќе избираат според стручност и интегритет! Ако се одлучат за првава варијанта, ќе го изгубат вечно правото да сменат нешто.

Во оваа прилика ќе ги поздравам судијките од скопска двојка, кои, кога пред 6 години прогнозирав кој се ќе биде избран во Судски по налог на партиите, реагираа и ми се лутеа дека сум ги омаловажил, бидејќи тие не гласале и од каде јас го знам резултатот пред време. Но откако „изгласаа“ и мојата прогноза се покажа како целосно точна, ретерираа и прашуваа „дали ова е можно“?

Драги судии, се е можно, затоа, наместо по конференции, на кои ве водат поранешни министри, пред Вас имате можност да гласате, па направете избор поразличен од некој партиски. Ако не му тргне на судството, не верувам дека може да му биде полошо!

А до тогаш, слушајте ја „свирете ја зајди зајди“ зашто таа песна ви е судена...