Коментар

Специјални грешки во чекори

објавено:


Марија Ѓорѓева (втора од лево) и Лејла Кадриу (четврта од десно) Јанева предлага да го напуштат тимот

Специјалното обвинителство кое деновиве беше актуелно поради разно-разните притисоци од разни политички центри на моќ, со одлуката на обвинителката Катица Јанева да исфрли две обвинителки од тимот, си пукаше во нога и се стави во устата на Советот на Јавни обвинители кој повторно имаше агенда деновиве да ја „мати водата“.

Одлуката на Јанева, која ја обелодени Претседтелот на Советот Петар Аневски, а не самата обвинителка, тешко може да се оправда со дополнителното објаснување дека било оценето дека 10 обвинители се доволни!

Ајде да видиме како стојат законски работите, па како практично, па како треба да стојат за да нема штетни ефекти.

Прво, Катица Јанева само го предлага тимот, а Советот на јавни обвинители ги избира обвинителите од редот на постојните јавни обвинители во обвинителствата во Македонија. Од тука, Јанева не можела да ги разреши, ниту да бара да ги вратат предметите и да ги остават клучевите и да се преселат во канцеларија кај полицајците, се додека Советот не донесе одлука да го прифати предлогот за разрешување, односно враќање во обвинителството од каде што дошле.

Ова, на прв поглед значи манифестирање на сила, ароганција и претворање на Специјалното обвинителство во приватен посед, што, ниту може, ниту треба да се дозволи.

Што ќе се случи сега ако Советот остане на одлуката да не ги разреши? Јас дури сугерирам Советот да не ги разрешува и на тој начин да докаже дека не е кутија за желби, независно дали станува збор за желбите испорачани од ВМРО ДПМНЕ или од Катица Јанева.

Јанева, се сеќавате, бараше 15 обвинители, па во последен момент по маратонско плачање, исфрли двајца од предложените обвинители, а сега, три месеци подоцна заклучила дека се доволни 10 обвинители.

Прво, Јанева до денеска не соопшти што материјал доби од СДСМ и колку постапки ќе произлезат од таму, за да тврди дека 10 обвинители се доволни. Дополнително, Собранието утре треба да го изгласа годишниот Буџет, во кој се вкалкулирани платите, придонесеите и сите трошоци за овие обвинители што на годишно ниво прават ориентационен збир од околу 150 илјади евра.

Овие пари Собранието треба да и ги одземе утре или при правење на ребаланс? Затоа, планирањето на тимот, со вакви осцилации може да говори само за несериозност, лоша проценка и грешки во процедурата кои не се дозволени. Ако грешат во кадровските решенија и процедурата, да не се чудиме како ќе ги водат постапките.

Тврдењето на обвинителката дека во Скопје и Тетово немаат обвинители па затоа им враќа двајца е чиста флоскула и приказна која тешко кој малку запознат во функционирањето на Обвинителството ќе ја голтне!

Јанева знаеше каква е кадровската екипираност на скопското и тетовското, па, ако и станало жал, можела да земе обвинители и од Битола, Охрид, Велес, Штип, Струмица, но не го сторила тоа.

Предметите на пример на скопската обвинителка Марија Ѓорѓева, а истото важи и за Тетово, се разделени по други обвинители или ги работат стручни соработници. Како оштетен на пример, во истрага што ја водеше обвинителката Ѓорѓева таман дојде предметот во суд, се смени обвинителката па „молев-колев“ да дојде било кој обвинител на судење, зашто службите на обвинителството ме известија дека многу од тие судења за кои обвинителите станаа „специјални“ се одлагале.

И, сега да и бидам благодарен што Јанева ќе ја врати Ѓорѓева? Мене како граѓанин штетата ми е направена, а немам гаранција дека таа ќе продолжи да ги работи и натаму предметите што ги имаше до септември.

Овој мој „проблем“ го имат десетици граѓани чии предмети се одлагаат поради заминување на обвинителите, но нас никој не е прашува, бидејќи ние не спаѓаме во политичките криминалци, кои имаат право и да си одберат кој обвинител ќе ги гони, и да му нацртаат дека ако не успее да ги заврши истрагите за 18 месеци може да им „плукне под прозор“.

Засега  не чувме кој обвинители ќе постапуваат пред повисоките судови, па утре ќе се соочиме и со правни проблеми (изземање) па да не излезе дека нема обвинители.

Затоа, одлуката на Јанева за смена на обвинителките (повторно велам, само предлага, не може да разреши) е саморанување кое доаѓа во време кога Советот е подбуцнат да и бара отчет и какви докази добила од СДСМ и по кој закон ги завеле доказите.

Дополнително, обвинители што ги познаваат „специјалциве“ укажуваат и на карактерите, па за некои од нив, ова било очекувано, зашто тешко можело да се спојат едни со други.

Вакви егзибиции не му требат никому, а не сега кога се очекува да соопштат по кои предмети ќе постапуваат. Советот, колку и да го изгуби кредибилитет во последниов период, сега со право поентира дека тие цело време укажувале дека бројката на обвинители е нереална, а Јанева беше таа која викаше „или сите или никој“, па сега Комисија ќе утврдува кој е во право.

Што би рекол, Претседателот на државата ни, ова изгледа шашаво, и не не сум убеден дека вака треба да функционира!

Многу ме интересира што ќе речат четирите политички партии за разрешувањава (во најава) кои се натпреваруваа на 15 септември да кажат дека специјалната обвинителка е нивни предлог, заеднички, на сите.

Или, сега некој се срами што се истакнувал толку и не убедувал дека демонстрираниот консензус не бил вештачки!