Коментар

За „кртот“ Сулејманов и другарите му во советот на обвинители

објавено:


Да се мали деца, не се! Речиси сите возрасни, уште малку пред пензија, и логично, од нив, од такви луѓе се очекува да се разумни и рационални, а, ако се на функција, одлуките да ги носат за доброто на граѓаните, транспарентно и отчетно. Но, ова би била идеална слика за некои земји, тела, органи, функционери, кои сигурно немаат допирна точка со Македонија. Зашто, кај нас, еве како се однесуваат избрани или именувани функционери, како луѓето во Советот на јавни обвинители.

Да сме на чисто, тоа е тој Совет, за кој ретко кој имаше слушнато се додека не се формираше Специјалното јавно обвинителство, односно политичкиот избор на обвинителката, а членовите на ова тело, како грефчиња чекаа до полноќ на повик да ја потврдат едногласно одлуката за изборот на Катица Јанева, за потоа да ја оспоруваат цело време, да не и даваат предмети и да измислуваат „топла вода“ секогаш кога никој не го бара тоа од нив.

Тој совет на Јавни обвинители, неделава донесе две многу скандалозни, а во секој случај и важни одлуки: ги пополни Јавното и Вишите обвинителства со партиски падобранци, луѓе кои немаа допирна точка со обвинителство или протрчале низ него и реши да се ослободи од едан сериозна бројка на обвинители, кои според законските измени имаат право да работа до 67 години, а не само до 64 години како што беше старото решение.

Секако, тие две одлуки порталот СВЕДОК ги објави, напишавме дека се скандалозни, образложивме зошто, а другите медиуми, политички партии и експерти се јавија со реакции и ги објавија овие вести два дена подоцна, откако првиот човек на Советот Петар Аневски потврди дека се избрани ликовите наведени во текстовите на Сведок, како и одлуката за непродолжување на мандатот на обвинителите.

Во Советот на обвинители седниците се тајни, па не може да се дознае кој и каде е избран или разрешен, веб сајтот последен пат им е ажуриран кога „одел Господ по земја“, на пример во 2010 година кога објавиле кој бил избран за заменик, а од тогаш се смениле 10 души.

И во такви услови, кога за да добиете информација мора да си гледате на нокти, членовите на Советот биле „погодени“ од објавените информации, кои всушност мора да се јавни, па деновиве, само што не дошло до тепачка во СЈОРМ, кога Зоран Сулејманов кој сега доби нов 4 годишен политички мандат во ова тело, му се нафрлил на друг член на Советот обвинувајќи го дека е кодош и дека од Советот излегле информации, кои, пак да се потсетиме треба да се јавни.

Нејсе, работата се потсмирила, кој се замешал во кавгата, кој си гледал сеир, кој сето тоа го префрла на нечија пресметливост, но овој инцидент сериозно го отвора прашањето, дали овие луѓе се избрани таму да работат, да штитат партиски интереси и да се тепаат како мали деца, или треба да се тело што ќе го претставува врвот на организацијата која е овластена во име на државата да гони криминал.

Затоа, еве неколку совети до Сулејманов, на кој ќе му посочиме дека пукал со „ќорци“ и му се нафрлил на погрешен човек, не сметајќи дека и самиот тој можеби е извор на информациите кои „процуриле“ од Советот.

Сведок ги користи сите легални начини да дојде до информација, а рака на срце, поради долгогодишното следење на судската проблематика и многу информации доаѓаат до Сведок. Праксата покажа дека информациите што ги пласираме се точни, а тоа, што не им одговараат на Сулејманов, Аневски, Зврлевски и другарчиња им, воопшто не е тема на која Сведок троши време за размислување.

Затоа, Зоран Сулејманов треба да размисли и да се потсети, дали на секоја вечерна прошетка низ Аеродром, со неговата сопруга, судијка на Вишиот Управен суд не разговарал и за одлуките што ги носеле, носат или треба да ги донесат во Советот. а сега, во лето, кога сите се внесени во „здраво тело здрав дух“ можеби неговиот разговор стигнал како инфоо до Сведок, директно или индиректно.

Истото се однесува на пример и за Марко Зврлевски и Петар Аневски, кои низ паркот во скопски Карпош секоја вечер со прошетки ја одржуваат линијата. Можеби еден друг член кој често пие кафе во близина на редакцијата на Сведок нешто кажал, можеби другата членка, другиот член...и така, во недоглед може да го наведуваме Сулејманов да размислува кој се може од Советот дури и несвесно да ни биде легитимен извор, не исклучувајќи го дури и вратарот.

Затоа, наместо да се обвинуваат кој е кодош и издаица, а кој во име на патриотизмот носи такви одлуки со кои стручно го унаказува за генерации македонското обвинителство, Сулејманов и неговите другари во СЈОРМ, треба да кажат, до кога партиски падобранци, дел од нив и членови на СЈОРМ и со последниов избор во Републичкото и во Вишите обвинителства во Скопје и Штип ќе ни ја кројат судбината и ќе ја туркаат земјава во амбис.

На крај, да ги потсетиме само додека тие се занимаваат со тоа како Сведок дознал, а тоа што е дознаено требало да биде јавно, во земјава е формирано Специјално јавно обвинителство, кое, сите се согласија и затоа и го формираа, е основано затоа што обвинителството на чие чело како кадровици се луѓево од СЈОРМ не работело. Ни стручно, ни професионално, никако.

Во правни држави, како и во македонскиот Кривичен законик, за постапките на членовите на СЈОРМ се предвидени повеќе кривични дела. само, треба некој да постапи по КЗ.