Истраги

Жалбата на Талевски ќе се разгледува на јавна седница во скопска апелација

објавено: ажурирано: 27.06.2016 11:27:00


Кривичниот суд на Апелациониот суд Скопје со кој претседава претседтелката Љиљана Ивановска Шопова денеска на јавна седница ќе ја разгледува жалбата за куќниот притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, поднесена од неговите адвокати.

Седницата е закажана за денеска во 14 часот и ова е ретка пракса кривичниот совет на апелација да разгледува жалба за притвор, бидејќи сите докази се во предметот.

Разгледувањето на предметот за Талески на јавна седница, велат од Апелацискиот суд, било на барање на одбраната на битолскиот градоначалник, која ја обжали одлуката на Кривичниот суд.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 претходно го укина решението на судијата на претходна постапка со кое на Талески само му беше одземен пасошот и донесе одлука на битолскиот градоначалник да му биде одреден куќен притвор.

Талески куќниот притвор почна да го издржува од 20 јуни, кога битолската полиција почна со спроведување на решението на Кривичниот суд, а нивни екипи прават ненајавени посети во неговиот дом.

Битолскиот градоначалник е првоосомничен во случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Тој заедно со уште 22 лица се товари за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.