Информации

Продолжува увидот во Кожле, се распрашуваат пилотите кои слетале безбедно на Александар Велики

објавено:


Фотографија: Томислав Георгиев „Фокус“

МВР соопшти дел од деталите за вчерашната авионска несреќа во близина на селото Кожле, во која загинаа сите 6 патници при уривање на мал спортски авион соптвеност на аероклуб од Тревизо, кој летал на релација до Приштина.

Според полициското соопштение, вчера во 17.36 часот дежурен полициски службеник од РЦ за ГР „Север“ во Единицата за известување и команда при СВР Скопје пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ Скопје на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патници во него. 

-Според првичните информации од Контролата на летање известено е дека авионот бил приватен од типот „PAJPER PA 34“ со германски регистарски ознаки и дека истиот полетал од Тревизо Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување на гориво.

Околу 18.45 часот телефонски од СВР-Велес е добиена информација, дека жител од село Кожле, пријавил во СВР Велес, дека во атар на селото општина Петровец-Скопје слушнал експлозија, по што во околу 20 часот од страна на полициски службеници од ПО „Петровец“, заедно со мештани од Кожле пронашле остатоци од авионот на место викано „Јеловица“ во атар на селото. 

Од извршениот преглед на терен пронајдени се делови од авионот и тоа крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефони, карти за патување и една италијанска патна исправа.

Веднаш по известувањето во 18.45 часот е активиран Одделот за специјални полициски операции, од каде се ангажирани 50 полициски службеници со 10 моторни возила од Единицата за специјални задачи како и 120 полициски службеници со 15 моторни возила од Единицата за брзо распоредување.



По пронаѓањето на авионот од страна на полициски службеници од ЕСЗ е извршено обезбедување на периметарот на местото на настанот, и известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје која излегла на местото на настанот, по што извршено е првично фотографирање, но поради немање на услови за вршење на увид, истиот согласно насоките од јавниот обвинител е планиран да продолжи во утринските часови.

Поради непристапноста на теренот и лошите временски услови екипата на Итната помош пристигнала на местото на незгодата околу 1 часот, додека екипата на противпожарната единица откако пристигнала во Кожле е вратена назад заради немање потреба од нивна интервенција.

Во текот на ноќта формирана е стручна екипа составена од Јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полициски службеници од Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, ЕУМНА при СВР Скопје, УПС од СВР Скопје, Единица за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти, потраги и ЦПС кои денеска во 6 часот е упатена кон местото на незгодата со цел продолжување на активностите во насока на обезбедување на местото на настанот, вршење на увид, и идентификација на починатите лица, со цел обезбедување на докази на причините за авионската незгода и смрта на патниците.

Утринава екипите кои се упатени на местото на настанот, поради лошите теренски услови во 10 часот пристигнале и во 10.30 часот е започнато со обезбедување на локациите за кримтехничко одбележување на трагите- стои во полициското соопштение.

Фотографија: Томислав Георгиев „Фокус“

Јавното обвинителство соопшти дека во тек е увидот на лице место раководен од јавното обвинителство на Скопје кој се врши на местото на несреќата.

-И покрај тешко пристапните услови, се координираат и преземаат мерки за прибирање и утврдување на фактите и причините за несреќата. Увидот се врши од страна на двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, кои раководат со увидните екипи од надлежните органи. По наредба на јавен обвинител обезбеден е дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа. Снимките од дронот ќе бидат од голема помош за утврдување на динамиката на движењето на леталото, како и за разоткривање на начинот на кој дошло до несреќата-соопшти ОЈО Скопје.

Обвинителството извести дека се врши испитување и на двајца пилоти од Италија кои биле со други две летала и слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Испитувањето се врши со цел прибирање на податоци и информации.

Основното јавно обвинителство Скопје повика и стручно лице кое е компетентно за овој вид на несреќи, со цел да придонесе кон истражните дејствија, наведува обвинителството.​

Италијанскиот весник „Ла Република“ објави дека авионот го управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аеро-клубот во Тревизо, а во него биле и потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, Италијанката Илариа Берти, Ангело Калегари и Косовецот со италијански пасош Висар Бегај. 

.„