Информации

Стразбур на мака: Македонија ја праќа Софија Лаличиќ на пракса во Европскиот суд

објавено:


Комисијата што ја правеше листата за тоа кои млади судии и обвинители ќе се најдат како предлог за да поминат 6 месеци на пракса во судот во Стразбур минатат недела ја завршила работата, без изненадување. Како што објави СВЕДОК уште во јуни, очекувано, прв на листа кој се предлага за Стразбур е младата судијка од Кривичниот суд Софија Лаличиќ.
Името на Лаличиќ беше споменувано уште во текот на интерјвјуата, што се покажа како точно.
Но, наместо со тројца кандидати од редот на судиите, Комисијата утврдила 6, па од нив, Судот во Стразбур треба да избере еден. Листата со обвинители има само тројца кандидати.
Извори блиски на Претседателката на Врховен Лидија Неделкова и на директорката на Академијата за судии и јавни обвинители за СВЕДОК тврдат дека на листата на судии покрај Лаличиќ се нашле и велешката судијка Габриела Гајдова, гостиварскиот судија Али Алиу, кој минатата недела со стаж од 5 години како првостепен судија беше избран за судија во Апелација Гостивар (и прв кадар на Академијата кој е веќе во второстепен суд), судијката Злата Попова од Гевгелија и по една судијка од Управниот суд и од скопска двојка.
На листата на обвинители пак, според истите извори, се нашле струмичката обвинителка Надица Василева и скопскиот обвинител Мишо Илиевски.
Лаличиќ е ликот од бомбите на опозицијата која директно од екс директорот на УБК Сашо Мијалков дознава дека ќе биде избрана за судија и дава сугестии кој друг да биде избран или да не биде избран за судија.
 
Сега Стразбур е на потег, да видиме кој од понудените кандидати ќе избере.
 
 
Во продолжение потсетуваме на текстот објавен во текот на јуни на СВЕДОК: 
 
Лидија Неделкова како претседател на Комисија, во чиј состав меѓу другите се и и Сашо Василевски од Советот на Јавни обвинители, владиниот агент Костадин Богданов, Јелица Крстевска член на Судскиот совет, денеска се очекува да донесат одлука за тоа, кој тројца судии и тројца обвинители ќе ги утврдат на листа, од кои Судот за човекови права во Стразбур ќе избере по еден, што ќе поминат 6 месечна практична работа во Европскиот суд за човекови права.
СВЕДОК од извори во инситуциите здолжени за избор и селекција на кандидати, дознава дека се пријавиле 22 судии и јавни обвинители, за двете места - практиканти на 6 месеци во ЕСЧП во Стразбур.
Комисијата во текот на вчерашниот ден почнала со подготовки за финалниот избор и како што дознава Сведок, денеска се очекува да бидат составени листите од судии и јавни обвинители.
Според достапните информации, на двете листи ќе се најдат 6 од 22-та пријавени, а на Стразбур ќе биде последната одлука, кого ќе земе на практична работа.
Сепак, интересни се кандидатите кои се јавиле, кои влегуваат во т.н. „сваровски судство“, термин употребен во прислушуваните разговори, токму од судијка која сега сака да оди во Стразбур, во комуникација со екс директорот на УБК Сашо Мијалков.
СВЕДОК дознава дека на листата на пријавени повеќемина се обвинители, иако позвучен е списокот на пријавени судии кои се од младата генерација и кои имаат стаж од 3 до 10 години, со исклучок на еден судија кој има многу поголем стаж, а водел и суд во земјава.
Прва и најкоментирана кандидатка за практикант во Стразбур е Софија Лаличиќ, судија од Основниот суд Скопје 1, Скопје, чиј глас во „бомбите“ ни ја разоткри „сваровски“ шемата во судството, убедувајќи го сашо Мијалков кој и јавува дека ќе ја бираат за судија, кого друг треба или не треба да го изберат за судија, а посебно не кандидатките кои со скапи „сваровски“ подароци се „гребеле“ кај Лидија Неделкова, тогаш претседател на скопска единица да ги предложи за судии.
Софија (Сафија) Лаличиќ за судија е избрана во 2012 година, а претходно беше соработник за односи со јавноста во Кривичниот суд, а работела и во адвокатската канцеларија Апостолски пред да дојде во судот. Судијка стана на неполни 29 години, родена е 1984 година,  а за судија е избрана во јануари 2013 година. Има судиски стаж од 3 години и 5 месеци. Интересно е што токму Неделкова која ја оговара Лаличиќ во бомбите треба да даде „амин“ за нејзино ставање на листата.
Извори од комисијата за Сведок откриваат дека младата скопска судијка доцнела и на закажаното интервју, а кога дошла, веднаш си влегла иако бил повикан на интервју судија од гостиварскиот суд. истиот извор од Комисијата тврди дека Лаличиќ не му се извинила ниту на колегата на чие место влегла преку ред.
Покрај Лаличиќ, за која бомбите открија дека е „кадровик“ во судството и сите типуваат дека ќе се најде на листа за Стразбур, изненадувачки е и името на Ѓоко Радојков, судија кој 3 години без мандат, како в.д. претседател го водеше Основниот суд Скопје 2, а сега, формално е заменик претседтел на тој суд. Радојков има поодминат судиски стаж, и не влегува во групава на млади судии. Во двојка суди полесни предмети од граѓанската материја.
На листата на пријавени кандидати се и судиите: Злата Попова од Гевгелија, Бетим Јахија од Тетово, Али Алиу од Гостивар, Габриела Гајдова и Ангел Трипчев од од судот во Велес. Меѓу кандидатите била и управната судијка Едита Насковска, која е утврдена на листа за кандидат за судија за Стразбур, па веројатно овде нема да биде земена во вид.
На листата на обвинители пак, најбројни се кандидатите од скопското обвинителство: Ненад Савески, Мишо Илиевски, Александар Марковски, Ивана Трајчевска, обвинителката од Струмица  Надица Василева. Дел од судиите и обвинителите имаат завршено Академија за судии и обвинители.
Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, на 18 февруари 2016 година го објавија повикот за пријавување на судии и јавни обвинители за престој и работа во ЕСЧП.
 

Академијата за судии и јавни обвинители објави дека ќе испрати 2 кандидати од редот на судиите и јавните обвинители во Република Македонија на 6-месечен престој и работа во Европскиот суд за човекови права, за да ги надградат знаењата и вештините за практична имплементација на Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права.

Судиите и обвинителите кои конкурираат мора активно да го познаваат англискиот или францускиот јазик на ниво кое е неопходно потребно за непречена усмена и писмена комуникација и работа на конкретни предмети, изработка на одлуки и правно истражување и пребарување за потребите на обработка на случаите во Европскиот суд за човекови права. Рокот за нивно аплицирање истече во првата недела од март, на кој се пријавиле 22 кандидати, кои биле повикани на интервју пред Комисијата, во која иако е член не присуствувал владиниот агент Костадин Богданов.
Според јавно објавените критериуми, селекција на поднесените пријави врши Комисија, формирана од страна на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, составена од претставници на Академијата, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија и Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.
Комисијата при селекцијата ги рангира кандидатите врз основа на следните критериуми:
-оцена на работата во претходните 2 години (највисоко се рангираат кандидатите кои во претходните 2 години се оценети со највисоки оцени од страна на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, па редоследно кандидатите со пониска оцена, се до кандидатот со најниска оцена кој е најниско рангиран); и
-посетеност на обуки за имплементација на Европската конвенција за човекови права во претходните 2 години (највисоко се рангираат кандидатите кои посетувале најголем број обуки за имплементација на Европската конвенција за човекови права, дома и во странство, што се докажува со сертификати или потврда издадена од Академијата или друг организатор на обуката, па редоследно кандидатите со помал број обуки, се до кандидатот со најмал број на обуки кој е најниско рангиран).
Предлог листата на кандидати, според критериумите Академијата ја упатува до Европскиот суд за човекови права кој го врши конечниот избор на двајцата кандидати за 6-месечен престој и работа во Европскиот суд за човекови права, врз основа на внатрешната регулатива на Судот, согласно објавената информација за распоредување во Регистарот на национални правници.
   Правата и обврските на кандидатите кои ќе бидат избрани за престој и работа во Европскиот суд за човекови права (начин на примање плата, мирување на местото) ги регулираат Судскиот совет на Република Македонија односно Советот на јавните обвинители на Република Македонија врз основа на Законот за судовите и Законот за јавно обвинителство.

СВЕДОК од Академијата за судии и јавни обвинители во два наврати побара официјални податоци до каде е постапката за избор на практиканти во Стразбур, но не доби информации.. Директорката Анета Арнаудовска која две години ја води Академијата без да и биде продолжен мандатот пак се најде на листата од тројца кандидати кои се утврдени за судија во европскиот суд за човекови права со мандат од 9 години.