Коментар

Декласификација на докази или на судии

објавено:


Приватен собир на иматели на безбедносни сертификати, задолжителна декласификација на докази за употреба во судска постапка или попречување на правдата од сами(о)те сторител(И) на делото?!

Ова се само мал дел од дилемите кои се појавија неделава, по второто ПОДГОТВИТЕЛНО рочиште во скопскиот кривичен суд за предметот наречен „Тврдина 2“ или уништување на документи во УБК (тајната полиција).

Убаво рекол народецот, двајца правници - три мислења. Така и во овој предмет, триаголникот судија-обвинител-адвокат, толку различно го читаат и процесниот и законот за класифицирани информации што се на раб, сериозно да го поткопаат правниот систем, барајќи логика во решенија кои се скарале со секоја логика!

За нас, обичните смртници, кои како јавност седиме во судницата, лебдат многу отворени прашања, па во оваа прилика, ќе се обидеме да поставиме неколку дилеми, кои, оние што го познаваат и применуваат законот не би требало да се во недоумица кој греши!

Прво, скопскиот кривичен суд измисли нова „мода“ да држи подготвителни рочишта во скратена постапка, нешто, што Законот за кривична постапка (ЗКП) не го предвидува.

Членот 347 од ЗКП, на кој се повикаа двете судијки Татјана Михајлова (за насилството пред општина Центар) и Лидија Тупанчевска Петровска (за Тврдина 2) за да го оправдаат „подготвителното“ ако се чита внимателно членот, никаде не дава таква можност и форма за рочиште, кое формално претставува главна расправа, на која Судот во записник го констатира присуството на обвинетите, нивните адвокати, новинарите и другата јавност.

Скратената постапка не само што не предвидела форма на подготвително рочиште, туку на судијата поединец не му дава ни право со решение да отфрла или не прифаќа одредени докази, како што е тоа пропишано како надлежност за судијата на претходна постапка или за Советот за оценка на обвинението.

Двете судијки во скопскиот суд, постапувајќи по предметите на СЈО, направија микс од одредбите за скратена и редовна постапка, како што им одговара, па со право е реакцијата на обвинителката Фатиме Фетаи, која предизвика нервозна реакција кај судијката Татјана Михајлова, дека добила покана за главна расправа, а не за подготвително рочиште!

Во ваквата хаосна постапка и мешање на одредбите од ЗКП, ако ништо повеќе, судијката Тупанчевска Петровска, би можела да извлече поука од предметот за лекарот Дејан Ставриќ и да се потсети дека повисокиот суд интервенирал во нејзиното решение да му дозволи на обвинителот Трајче Пеливанов да го прецизира обвинението, предлагајќи го оштетениот како сведок, кој претходно заборавил да го вметне во скратена постапка на вакво, т.н. подготвително рочиште.

Што се однесува пак до доказите, Законот исто така не му дава право на судијата во скратена постапка да отфрли или прифати докази, како што сакаат да го направат тоа со класифицираните информации, туку, само евентуално ако тоа се докази собрани на нелегален начин, спротивно на закон.

Во случајот „Тврдина 2“, СЈО во УБК влезе со судска наредба од судија на претходна постапка (се сеќавате на фамозната снимка каде што Катица Јанева вика „отвори, отвори“ пред влезот на МВР, обидувајќи се да ја спроведат наредбата). Ова, на секого му е јасно дека доказите се обезбедени на законит начин, во процедура пропишана со закон.

Тврдењето на одбраната дека овие докази се спротивни на закон, класифицирани се, а УБК не дава согласност за декласификација, е надвор од секоја здраворазумна логика. Законот за класифицирани информации ја уредува постапката за декласификација и кој до каков степен на класификација може да има пристап, но во ниту една одредба не предвидел дека евентуалното одбивање да се декласифицираат ги прави докази собрани спротивно на закон.

Посебно, што тие како докази и навистина не треба да се декласифицираат за употреба во судска постапка. Која е смислата на безбедносните сертификати, доколку треба задолжителна декласификација?

Па, тогаш, овие докази би можеле да се изведуваат во целост пред јавност, без потреба тоа да се стори на рочиште каде што е исклучена јавноста, ниту пак ќе има потреба од одредба која предвидува кривична одговорност, за секој што ќе открие класифицирана информација соопштена на судење затворена за јавност.

Затоа, барањето логика од страна на судијката Тупанчевска Петровска, со одредбите за посебните истражни мерки, што го наметна како дилема во расправата е чуденка со 100 непознати, бидејќи ПИМ-от се докази кои се прибавуваат со претходна наредба на јавен обвинител или суд.

Но, што да правиме со класифицираниве информации кои Јавниот обвинител, СЈО во случајов, ги собрал во истрагата што ја води и со кои располагал со нив? По логиката на судот и адвокатите, УБК требало да му даде дозвола, декласификација на СЈо уште додека ги прибирал со наредбата на судијата на претходна постапка, што секако би се граничело со правна лудост.

Затоа, по принципот двајца правници, а три мислења, скопскиве судии на ваков начин се обидуваат да создадат правен преседан, по принципот на донесеното решение дека „бомбите“ не се доказ или спогодбата на Звонко Костовски од „Пуч“ кој е осуден без притоа да се утврди фактичка состојба и од кои докази произлегува поткрепата на самопризнанието дека Костовски сам или заедно со другиот обвинет прислушувале илјадници телефонски броеви и илјадниците фајлови со аудио записи успеале незабележително да ги изнесат од просториите на тајната полиција.

Судијките од кривичниот суд имаат дилема и како ќе ја напишеле пресудата доколку доказите останат класифицирани и како такви се изведат на главна расправа?

Предметот „Шпион“ во кој имаше десетици такви докази нема да го раскажуваме, пресудата на над илјада страници ја имаат во судот, па можат да видат како постапиле нивните колеги, а како пракса можат да го земат и предметот „Резервни армиски предмети“, како и низа предмети во кои има малолетници во постапката или кога се работи за чување на личниот морал или безбедноста и интересите на државата.

Во серија вакви случаи, „приватниот собир на иматели на безбедносни сертификати“ како што го нарекува одбараната судењето кое би се водело без декласификација на доказите, се преточува во пресуда, која при нејзиното јавно објавување на веб страницата (а по правосилноста) нема да ги содржи класифицираните информации, туку, на тоа место ќе има објаснување дека одреден дел не е јавен и приказната, многу едноставно, и правно и законски и логички завршува тука.

Секоја дополнителна дискусија насочена во правец дали чашата е полупразна или полна до половина би била простор за купување време, час по кривораздавање и дерогирање на процесните одредби на ЗКП кои ја регулираат скратената постапка.

Дали ова рочиште треба да биде јавно или пак на него треба да се повикаат само обвинителот и адвокатите е друга приказна, како и дилемата на судијката дека со адвокати без сертификат им се скратува правото на одбрана на обвинетите од адвокат што тие го избрале, се теми што не би ги елаборирале сега.  

Делот пак кој се однесува на дозволата што се бара од УБК или сега од Дирекцијата за класифицирани информации излишно е да се коментира, бидејќи тоа претставува еклатантен пример на попречување на правдата. Кој би сакал да си даде докази против себе, настрана од фактот што УБК се поставила уште позаштитнички и ги унапредила обвинетите.

Затоа, додека судијкиве не направиле правно ненадоместлива штета со носење решенија со кои ќе отфрлат докази само затоа што се класифицирани, време е авторите на ЗКП, а имаше поголема група на професори, судии, обвинители, претставници од Министерството за правда, да кажат што мислеле кога го подготвувале законот и да ја прекинат рашомонијадата на увезени интервенции на самите судии само во предметите што ги иницира СЈО.

Ваквите преседани, ако се дозволат, понатаму ќе му се удрат од глава на целиот систем. До наредните рочишта има уште најмалку еден месец, доволно време авторите на ЗКП да се огласат. Секој крик потоа, би бил по свадба - тапани! Тогаш не ќе мораме да зборуваме за декласификација на докази, туку на судии. И тоа на судии кои свесно го кршеле законот.