Истраги

Судијката Поп Стефанија ги прогласила незаконски претресите на СЈО во домот на Грујовски

објавено:


Судијката Александра Поп Стефанија донела решение со кое ги прогласила за незаконски претресите што ги извршило Специјалното јавно обвинителство во домот на Горан Грујовски од УБК, бидејќи не било обезбедено неговото присуство, дознава Сведок од извори блиски до судијката во Кривичниот суд во Скопје.

Поп Стефанија ја прифатила жалбата на началникот од УБК, осомничен за уништување на опремата и доказите во врска со прислушувањето и одлучила дека претресите направени во неговиот дом се незаконски, бидејќи СЈО не го обезбедило неговото присуство.

Претресите биле направени додека Горан Грујовски беше во во притвор со решение на судија на претходна постапка на Кривичниот суд.

Сведок испрати прашања до Основниот суд Скопје 1, прашувајќи на кој член се повикала судијката Александра Поп Стефанија во образложението на решението, како ги „поништила“ судските наредби и побаравме да го добиеме образложението на решението, без генералиите на обвинетиот или други податоци кои можат да бидат тајни. Од судот, Сведок доби потврда дека има донесено такво решение, а за содржината го доби следниов одговор:

-Во однос на вашето прашање ве информираме дека решението, за кое прашувате, согласно законот се доставува само до странките во конкретната постапка. При одлучувањето судијата ја ценел законитоста од одредбите од Законот и во таа насока дал образложение согласно Законот и согласно слободното судиско одлучување. Од тие причини ова првостепено, неправосилно решение подлежи на правни лекови односно жалба и од тие причини неможе да се навлегува во детали, кои се опфатени во образложението на неправоислното решение кое е доставено до странките- пишува во одговорот на Основниот суд Скопје 1 до Сведок.

Бидејќи ова е постапка во во која се ценат преземените процесни дејствија, ќе биде интересно што ќе рече Апелациониот суд во поглед на „слободното судиско одлучување“ на судијката Поп стефанија, како што наведува Основниот суд.

На ова решение има право на жалба СЈО, а рокот според судски извори истекува па можно е жалбата да била испратена уште во текот на вчерашниот ден.

Сшецијалната јавна обвинителка Катица Јанева дебатирајќи на промоција на Анализата на Сведок за неосновано притворените, покрај што се пожали на опструкции на скопскиот суд, потенцираше и дека, независно во кое време ќе ги поднесат барањата за притвор, за претрес, по нив одлучува ист судија. Неодамна судот ги одби барањата на СЈО за претреси кај високи функционери на власта. Јанева порача дека судот мора да свати дека те гонат криминал во врвот на власта, а не обичен криминал.

Судијката Александра Поп Стефанија што се „прослави“ по серија решенија во предметите иницирани од СЈО е охриѓанка, која пред да биде избрана за судија во Основниот суд во Неготино работеше во Мобимак. Нејзиниот соруг кој беше во врвот на ВМРО ДПМНЕ беше избран во Лустрациската комисија, а Поп Стефанија „делегирана“ да суди прекршоци на местото на судиите отстранети со акцијата „Јустиција“.

Но, Поп Стефанија со распоред направен од Влатко Панчевски од прекршоци стана судија во одделот за гонење организиран криминал, претходна постапка. Судскиот совет и го продолжи мандатот во Скопје, иако во Неготино има само тројца судии, вклучувајќи го и претседателот, што предизвикало целосна блокада, а многу од предметите застаруваат бидејќи нема кој да ги работи.