Коментар

Ау, какво лажење! Кој ги пишува соопштенијата во скопска единица? Тој што им прави „сопки“ на СЈО?!

објавено:


Овие од скопска единица да ти биле големи лажговци! И тоа, лажат јавно, бесрамно и безобзирно, мислејќи дека сите имаат кратко паметење! Е, не бре другари, еве, ќе се најде некој што памети од поодамна, од пред некои си 22-3 години, и кој со крената глава ќе ви кажете: „попаметни сте кога молчите“.

Така викаше мојот професор по француски јазик кога се обидувавме на финти да фатиме кривина од час, да не види дека не знаеме, па измислувавме милион лаги во секунда, несвесни дека брзо ќе не откријат.

Така и овие од скопскиот кривичен суд, мислејќи дека нападот е најдобра одбрана, наместо да им одговорат на новинарите зошто половина кривичен оддел е прекомандуван во прекршоци, испратија наводен демант, полн, со за нив многу непознати и чуденки, со квалификации за медиуми, ама, ни запирка да објаснеа од прашањето, зошто е направена смената.

Судиите кои реагираа и јавно на оваа одлука, ќе ги тргнеме на страна и ќе се занимаваме со судското писание.

Прво, неминовно е, јавно да прашаме кој го пишувал соопштението? В.д. претседателката Татјана Михајлова (која себеси се гледа дека може да биде англиска кралица, ама сепак се мачи да ги одбие доказите на СЈО- нејзино видување на работите кажано на судењето за „нарачаните шамари врз Жерновски“), екс претседтелот Владимир Панчевски или двајцата портпароли на судот. Кој и да е, ЛАЖЕ!

Не верувате? Сега ќе ви објаснам и зошто некој од судот лаже!

„За судот е нејасно каква екслузивна вест претставува Годишниот распоред за работа во судот, кога таков распоред се утврдува секоја година и секоја година се вршат распределби и прераспределби на судии по оддели и одделенија зависно од потребите на судот за што и досега јавно и трансапретно сме известувале“ - вели судот, ЛАЖЕ и сака да му веруваме.

Прво, тој што се чуди во име на судот зошто биле „ексклузивна вест“, мора да е некој правен дудук, кој џабе му диплома, ако не го знае значењето на судот, посебно на скопскиот суд, кон кого се вперени сите очи и кој, а не судот во Дебар на пример, треба да ја врати вербата во правото и правдата, владеењето на правото и тоа да ни биде „виза за будуќност“. Оти, без судски одлуки за „че си лежите“ потврдено низ легитимна судска постапка, ние не можеме да фатиме приклучок за ЕУ возот ни до станицата во Трубарево, а не да продолжиме понатаму.

Навистина, ако на пишувачот на соопштението не му е јасно зошто промена на 20 судии е вест, тогаш да го оставиме да го мачи сопствената совест, ако еден ден сфати зошто биле вест.

Во соопштението се вели дека секоја година имало промени на распоредот, а тие транспарентно информирале. Е, овде, не да лажат, сушат! Или потврдуваат дека пишувач е некој што ги правел измените и лани и преку лани.

СВЕДОК, кратко време по почнувањето со работа, ланскиот февруари се занимаваше со темата „Војна на ѕвездите“ во која пишувавме за казнената експедиција на судии пратени во прекршоци, како резултат на двете крила, едното блиско до Панчевски, а второто до Лидија Неделкова. Панчевски ги прати во прекршоци, сменетите се жалеа, Неделкова ги врати, Панчевски пак ги врати и тука судиите ја прекинаа борбата со жалби, кренаа рацеи останаа да судат прекршоци.

Е, тогаш, не само што не информираа транспарентно како што лажат сега (а срамоа е да се лаже, нели) туку одбиваа да ми го дадт годишниот распоред кој го барав упорно. Тогаш, Панчевски се „смилува“ па ми го даде распоредот на увид, правдајќи се дека ако добијам копија за тоа кој судија во кој оддел суди, ќе се откриело кои судии го сочинувале Кривичниот совет, па граѓаните можеле да вршат притисоци! Чиниш, законодавецот за џабе го впишал кривичното дело „влијание врз правосуден работник“.

Да заклучиме, лажат за ова! Ајде да видиме и кои им се дугите „аргументи“?

Велт дека : -ВД Претседателот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на завчерашниот ден, на колегиум на сите судии при овој суд, согласно Законот за судови, по претходно произнесување на секој од судиите на Колегиум за прибавување милење со изјава за определба за специјализација од секој судија, а со оглед да се работи за единствен суд во Р.Македонија кој работи исклучиво на кривична и прекршочна материја, а со цел исполнување на функцијата како сервис на  граѓаните на Скопје и Р.Македонија и во рамките на потребите на судот за распределба на судиите по оддели и одделенија во кривичната област, утврден е и доставен до сите судии годишниот распоред за работа на ВД Претседателот и судиите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје за 2017 година-!

 

Еве ги парадоксите: Го менуваат судијата Ѓоко Ристов од организиран криминал во прекршоци, позиција која му носи најмалку 100 евра помала плата (судиите од организиран земаат плата на ранг на Апелационен судија). Што мислите, судијата сам се согласил на ова? Дал позитивно мислење! Сигурно! Само што не ме убедија. Во организиран криминал е префрлена судијката Моника Бахчовановска, од прекршоци. Мислите ја „амнестираат“ затоа што е сопруга на високиот партиски кадар на ВМРО ДПМНЕ и директор по потреба во јавни претпријатија, Бахчовановски? Ве молам, дај не бидете толку малиоциозни! Сигурно н е е за тоа.

Гарант е за нејзината одлука да го прати правното лице „Реплек“ во затвор, ако не ја плати клеветата за која е осуден? Што, не ви звучи логично правно лице да оди во затвор? Ако не ми верувате, прашајте ја судијката Бахчовановска за оваа пресуда по тужба на Р.Д. против „Реплек“ кога судеше клевети. Секако, ако ја најдете, ако не, како и скопскиот граѓански суд, и Вие објавете оглас во Службен весник дека ја барате судијката.

Но, судијката Моника, или нејзината колешка  Лидија Петровска кои ќе судат организиран криминал, нема да ги преземат предметите од Ѓоко Ристов на пример, туку тие предмети ќе одат кај судијата Ивица Стефановски, а предметите на Ивица кај новите судијки!

А, во соопштениево пишува дека распоредов се правел во интерес на граѓаните! Секако! Нема збор. Михајлова сигурно била пресреќна да го ослободи Стефановски од неговите предмети и да му даде нови, за да ги израдува странките што им (го) се сменил  судијата па судењето ќе им почне од почеток!

Човек да посака да прошшета покрај судот за да ги види среќните лица на граѓаните за чие добро Михајлова, или нејзините ментори сеедно, направија турли тава од распоредот.

Читам, и Оља Ристова и Седат Реџепагиќ  „бликаат“ од среќа што ќе можат од канцеларијата во градскиот парк да си го одмараат погледот во зеленило, чекајќи да влезе друга странка што направила сообраќаен прекршок.

Реџепагиќ се пожали дека по 32 години стаж му го прават ова! Не е фер нели, Михајлова мисли на неговото здравје и поглед со одмор во зеленило, а тој се буни! И после, не било вест кога судиите се бунат. Но, навистина, не сме навикнати да гледаме често побунети судии, па може и држи прашањето, од каде сега пак тоа е вест!

„Секој судија во овој суд е избран за судија на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, а не за оддел или одделение во кое ќе биде распореден да постапува, па нејасна е квалификацијата на „подобни и неподобни“ судии и нејасно е за кого и во кој контекст. Проценката кој судија во кој оддел или одделение ќе биде распоред е законски утврдена и е право на Претседателот или ВД Претседателот на судот, па од таму нејасни се објавените дезинформации за некакво задоволување на желбите или „чистка“ на одредени судии- се ичудува авторот на писанието објавено на официјална судска страна.

Не да се чуди, пишувачот треба и да се крсти на нашата новинарска дрскост да употребиме „подобни“ и „неподобни“, да заклучиме дека „метлата“ ги зафати тие судии кои беа потпишани на петицијата против Владимир Панчевски и сведочеа во Судскиот совет.

Татјана Михајлова е судијката која му пишуваше на Никола Груевски дека реформи во судството не се прават со стари луѓе (мислејќи на Михајло Маневски) и со криминалци, скриени зад ликот на судии и обвинители. Дел од тие судии-криминалци според писанието на Михајлова до Ггруевски, истиот што бесрамно го суди сега и не најде основа да си побара сама изземање, седат и во Врховниот суд и треба да одлучуваат по жалбите на преместените судии, па не е лошо да се потсетат што пишуваше за нив!

Можеби Михајлова ќе сака да објасни зошто Весна Димишкова од претходна постапка ќе суди малолетници на местото на Оља Ристова, а Оља ќе оди во прекршоци?!

Ако и е репер дека децата на Оља се малку поголеми од детето на Димишкова, не верувам дека ќе ме убеди дека Димишкова е подобар судија за деца. Да не ве потсетувам дека Димишкова е сменета од судечки во организиран криминал, а подоцна и од истрага (претходна постапка по ново, без вознемирување ве молам) затоа што „ОЗНА“ дозна дека Димишкова била повикана кај „американците и кај Лидија Неделкова“, па Панчевски бил известен, ја повика на рапорт и ја смени).

И, за чудо, никој, ама никој од овие судии немал ништо со предметите на СЈО! Не издале наредби за влез во УБК (да не се лежеме, тоа е најголемиот греф што може да постои во денешницава), за претрес кај Коста Крпач, за блокада на „Финзи“ за притвор на Владимир Талески, за....! Не, не, сето ова е случајно, а новинарите случајно прават сензации и измислуваат подобни и неподобни судии.

Има и уште еден млад судија Александар Милошевски, кој како џокер во покер го шетаа кај што им требаше, од прекршоци во кривично, па на санкции и сега ќе биде во претходна постапка заедно со Александра Поп Стефанија и досегашниот обвинител Ненад Савески, како брана пред налетот на барањата на СЈО.

И, пак новинарите се криви што наоѓаат непријатели, во една навидум небитна папирологија што ги размрда сите судии од корен во најголемиот суд во земјава.

-Годишниот распоред се утврдува единствено во функција за ефикасно работење на судот, а пред се да се задоволат потребите на граѓаните. Годишниот распоред почнува да се применува од  1 март 2017 година и во најскоро време списокот на судии ќе биде ажуриран и на веб – страницата на судот- тврди судското писание.

Имам голема желба да ги видам лицата на сите граѓани чии илјадници предмети сега ќе мора да почнат од почеток. Ако некој, со истенчени нерви, во нервозата натепа некого, јас не тврдам ништо, само така нафрлам, дека и тоа може да се случи. НО, НЕ ОД ГНЕВ НЕЛИ, ТУКУ ОД ВОСКЛИК, ОД ПРЕМНОГУ ДОБРО ЗАДОВОЛЕНИТЕ ПОТРЕБИ НА ГРАЃАНИТЕ, КАКО ШТО ВИКА СУДОВ.

А, за тоа, дека ќе ја ажурирале веб страницата на судот, повторно нека молчат, нека не се брукаат. Се сеќаваат сигурно дека јас минатата година им кажував кој судија им е погрешно напишан, кој е отиден во пензија, кој разрешен, кој заминал на друга должност.

А, да, не може да ја ажурираат страницата се додека в.д. претседтелката на врховен и самите судии на највисокиот суд не се изјаснат по приговорите што сменетиве судии логично ќе ги поднесат. Затоа, не мора да значи дека овој распоред ќе се примени од 1 март.

А, ако се формира Влада, може и да не се примени воопшто.

Важно, екс претседтелот Владимир Панчевски си обезбеди место во одделот за организиран криминал и корупција. Сега, кога повторно ќе суди, може на пример да ни каже, зошто сред судење во предметот за лекарите кои делеле лажни инвалидски пензии побара да биде заменет и го напушти судењето? Случајно, да не има полиција некакви докази или можеби се сетил дека некој 7-ми братучед бил пациент кај некој од овие лекари, кај првообвинетиот на пример.

Но, не оној братучед со кого имаа дивоградба во центар на Скопје, туку со некој друг, виртуелен, измислен.

-Судот во целост  ги демантира наводите на одредени интернет портали дека со Годишниот распоред за работа на судот се прераспоредени само судии кои биле потпишани на петиција против поранешниот претседател или судии кои постапуваат само по предмети на СЈО, или судии кои се „подобни или неподобни“, со оглед да судиите се распоредуваат согласно Закон и потребите по оддели и одделнија зависно од бројот на предмети кои се во работа во судот со цел да не се дозволи било каков застој во постапувањето и одолговлекување на постапките-!

Е, овде, малку е во право судот. Од сите потпишани, само судијата Илија Трпков не е опфатен со оваа смена. изгледа морало некој и да остане на одделот, сепак.

-Бареме соопштението да биде презмено и објавено во целост- вели авторот на писаниево „демант“.

ЕВЕ, ЈА ИСПОЛНИВМЕ НЕГОВАТА ЖЕЛБА, ГО ОБЈАВИВМЕ. АКО САКА И УШТЕ ПОДЕТАЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА ГО СЛЕДИМЕ СЛУЧАЈОТ И ДА ОБЈАВУВАМЕ.

А, пред крај, јас имам само едно прашање: кој е автор на ова писание? Истиот што ги прави сопките за СЈО во сите предмети или? Кој и да е, барем да научи да пишува демант. Тешко на судот со вработени двајца портпароли, со двајца советници на иста тема и со дузина судии кои се чудат зошто биле вест!

Драги мои, како сте тргнале, не само вчера или денеска што сте вест, Вие ќе бидете вест и натаму. Вест во низа. Вест во недоглед. Се додека сите погледи се вперени во вас и се додека земате плата од Буџетот, а носите одлуки во ИМЕ НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.