Вести

Оливер Спасовски не се појави на распит кај Зврлевски - не добил покана

објавено:


Поради недобиена покана, генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска не се појави на распит во Основното јавно обвинителство. Од Обвинителството потврдија дека Спасовски е повикан на распит. Тој пак за новинарите рече дека нема добиено покана.

Наводните сомненија за лажирање на финансиските извештаи  и начинот на финансирањето на партијата, се предмет на истрага.

Oд обвинителството на Зврлевски на 13 февруари соопштија дека е оформен предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик.

Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи.

Во постапката преземени се претходни дејствија, побарана и прибрана е материјална документација, релевантни писмени докази, а во Основното јавно обвинителство – Скопје се сослушани повеќе од 70 лица сведоци.

Во петокот во ОЈО на распит беше и лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој изјави дека Јавното обвинителство отвора контра истрага на секоја нова истрага на Специјалното јавно обвинителство и дека ќе се докаже невиноста. В среда адвокатот и Заев најавија дека ќе направат увид во доказите.

Утрово и директорот на Архивот на Република Македонија Филип Петровски беше на распит во Јавното обвинителство. Петровски се товари дека предизвикал општа опасност и загрозување на националните и верски права преку објава на социјалната мрежа Твитер. Распитот е по барање на Хелсиншкиот комитет, а пријавата ја поднесе МВР во времето кога со него раководеше Оливер Спасовски од СДСМ.


В.М.