Вести

Судски совет стана „сончоглед“ и угоди на власта за дел од кадрите, другите места не ги пополни

објавено:


На маратонска седница, Судскиот совет избра претседатели и судии во неколку судови, но на битни позиции ги остави празни местата не избирајќи никого, иако имаше над 30 пријавени кандидати.

Па така, за претседател на Апелациониот суд во Штип, беше избран Наќе Георгиев, струмичанец и сопруг на јавната обвинителка од Струмица Лидија Георгиева. Иако се очекуваше „штипското“ лоби да проработи и да застане зад сегашната вд претседтелка Весна Димитровска Накова која имаше брза судиска кариера, за Георгиев беше применет принципот да се гласа за тој кој има најмногу поени, што не беше случај во другите судови. За штипска апелација имаше пријавено 9 кандидати,

За судија на Врховниот суд, од 7 пријавени кандидати беше избран само Африм Фидани, од листата на националности, додека едното место предвидено за судија Македонец од кривична област остана непополнето. На членовите на Судскиот совет не им се допаднаа кандидатите: Цветанка Периќ, Едита Насковска и Данка Ристова, судии на скопска и штипска апелација и на Управниот суд. За ова место ќе се повтори огласот.

Новоизбраниот Врховен судија Африм Фидани доаѓа од Гостивар и во изминатиов период беше во Советот на Апелација заедно со Љиљана Шопова Ивановска и Јани Нича кои дозволија бомбите да бидат доказ во предметите на СЈО. Судијата Фидани е брат на сегашниот Државен правобранител во Гостивар Шоип Фидани и поранешен судија на Апелација Гостивар, кој беше разрешен, откако новинарот Саше Димовски го обзнани скандалот дека судел предмет во кој странка била неговата мајка. Подоцна, на предлог на ДУИ, Владата го постави за правобранител во Гостивар.

Интересна беше борбата и за скопска апелација, каде што за кривична област, за 2 места беа пријавени 33 кандидати, вклучувајќи ја речиси цела скопска единица и судии од другите судови.

Прв на таа ранг листа беше кавадаречкиот судија Лазар Нанев кој ја води комисијата што ги контролира злоупотребите на АКМИС системот, но за него немаше доволна поддршка. Судија на скопска апелација стана Тања Милева, судија од Основниот суд во Велес која беше трета на ранг листтаа од пријавени 33 кандидати. Милева е кадар од првата генерација судии што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители.

Од листата на националности и покрај многуте пријавени и јавната поддршка од Јово Вангеловски и Мирјанка Стефановска за Насер Хаџиахметагиќ, судија на скопска единица и екс член на Судскиот совет, не беше направен избор и ова место остана празно. Хаџиахметагиќ имаше најмногу стаж од сите пријавено, но најмалку поени и неговите екс колеги не му дадоа поддршка ни нему, ниту на тие погоре на листата со максимални поени.

За две позиции во Апелација Скопје за граѓанска област и покрај пријавени кандидати со максимален број од 260 бодови, беше избран деветиот на ранг листата, Зоран Герасимовски, судија од Основниот суд во Тетово кој имаше само 222 бодови.

Во граѓанска област во Апелација беше унапредена и Мелек Елези, судијка од одделот за работни односи во скопска двојка која беше последна на листата со 201 поен. Мелек е од поновите судии, која пред да ја изберат за судија работеше во Владата.

Меѓу интересните детали од денешната седница на Судскиот совет беше и податокот дека судијката Татјана Михајлова од скопска единица која беше и вд претседател на судот, а го суди предметот „Шамарите во Центар“ ги повлече пријавите за претседател на Основниот суд во Ресен и за Апелација Битола за кои конкурирала. остана само пријавата за судија на скопска апелација.

Денеска, за прв пат по 15-тина година на чело на кумановскиот суд застана кандидат Македонец, бидејќи до сега првата позиција беше резервирана за Албанец кандидат. За претседателка е избрана судијката Снежана Манев, која беше втора на листата.

За претседател на Тетово имаше пријавено 7 кандидати, сите судии Албанци од судот во Тетово и од двата скопски суда, како и еден од апелација Скопје кој ја повлекол кандидатурата во последен момент. И покрај симпатиите на дел од членовите да биде избран Бетим Јахија, од првата генерација академци, кој ја предводеше листата со најмногу поени, беше избран Хасан Асани, четвртиот на ранг листата. Судијата Јахија не помина ни за скопска апелација.

Нова претседателка на Основниот суд во Ресен е Емељ Кранли Али, а нов судија на Апелација Битола ќе биде Александар Камбовски, млад судија од втората генерација од Академијата за судии и обвинители, кој ја доби јавната доверба од Караџоски и Самарџиски, членови на Советот.

Во Дебар, од можни четворица судии, тројца се јавиле на огласот, но Судскиот совет не бендиса ниту еден од нив, иако претходно ги оценил со оценки многу добар (двајца) и добар (еден). таму ќе се повтори огласот.

Судскиот совет, по чекање од речиси цела година, денеска на дневен ред ги стави и предлозите за разрешување на судии, поднесени од Советот за утврдување на факти, чие укинување е на дневен ред на Собранието, но таа седница е затворена за јавност.