Вести

Уставен не поведе постапка за референдумот, Јосифовски обвини дека судиите гласале под притисок

објавено:


Со 7 гласа „против“ и два „за“, Уставните судии го отфрлија предлогот на судијката Елена Гошева која предложи да се поведе постапка за поништување на Одлуката на Собранието за распишување на референдумот и да се донесе времена мерка, за да се запрат штетните последици кои може да настанат.

Сепак, седницата, на која мнозинството судии рекоа дека се расправа за важно, историско прашање, помина во знакот на сериозна кавга помеѓу судијата Јован Јосифовски и претседaтелот на Судот Никола Ивановски, по реакцијата на Јосифовски на говорите на судиите Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, кадри предлог на Ѓорѓе Иванов, дека не го почитуваат судијата известител и ги навредуваат подносителите на иницијативата.

Јосифовски обзнани дека со седумте судии кои гласаа за оtрфрлање на иницијативата бил извршен разговор и тие под притисок го смениле мислењето, па праша, зошто не биле викнати и тој и Гошева, кои имаат различен став, да им кажат како да гласаат.

Елена Гошева предложи да се поведе иницијатива за оценка и да се донесе времена мерка, бидејќи Собранието донело одлука за референдум во која има многу повреди кои не се во согласност со Уставот и со законот за референдум.

Покрај формалните недостатоци на одлуката во која не е наведено каков вид на референдум се распишува, дали истиот ќе се прогласи за валиден со 900.000 или со 450.000 гласови, спорно е и референдумското прашање кое е „три во едно“ и за кое се можни 8 одговори, а не еден и едноставен како што бара и Законот и правилата на Венецијанската комисија, Кодексот за добри референдумски практики.

Според Елена Гошева, Никола Димитров како министер за надворешни работи немал мандат да потпише таков договор и од тој аспект, Преспанскиот договор кој не е наведен со целосниот назив во Одлуката е непостоечки.

Судиите Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Сали Мурати, Вангелина Маркудова, Владе Стојановски и Никола Ивановски, наспроти обемноста на рефератот и констатираните законски пропусти, имаа општи и конфузни дискусии, во кои повеќе се задржаа на „вовед во право и филозофија на право“ отколку на Уставот и согласноста на одлуката со Уставот и законот и рекоа дека ќе гласаат против предлогот на Гошева.

Во дискусијата, Јосифовски им рече дека кога ги избрале, се заколнале дека ќе го штитат uставниот поредок, но денеска се паднало во вода. Како реакција на излагањето на Јосифовски, Ивановски му влета во збор и му рече „да не се тресе многу и да кажува кој судија како треба да зборува“ што ја подгреа атмосферата, па Јосифовски му врати дека тој требало да реагира на нападите и навредите, дека не е ставен за сликар тука, туку да ги води седниците, а не ги прекинал судиите, најмногу осман Кадриу, бидејќи им биле договорени дискусиите.

На ова, Ивановски рече дека „тој бил господин и таков ќе остане“, а Јосифовски му врати „ти само мисли си дека си господин“.

Елена Гошева реагираше дека во јавноста некој од внатре, го издал нејзиниот реферат, дека таа работи на предметот и што предлог дава, но остави „кртот“ да го бараат внатре.

Се очекува рефератот на Елена Гошева и мислењето на Јосифовски да се појават како издвоени мислења, наспроти мнозинството од погоре спомнатите 7 судии, кои не видоа ништо спорно во три иницијативи поднесени од Левица, Светскиот Македонски конгрес, чии претставници ја слушаа дебата во Уставниот суд.

Уставниот суд беше чуван од бројни полициски сили, а пред судот имаше мал број демонстранти.

Никола Ивановски на крајот рече дека Уставниот суд често е мета на критики, така очекува да биде и овој пат, но тие не ги носеле одлуките да ја задоволат јавноста, туку да одлучат според Устав и закон.