Правни анализи

Зошто Велес го изгуби судскиот спор против државата, во кој бараше чист воздух

објавено: ажурирано: 28.04.2017 14:39:00


Зошто Велес го изгуби судскиот спор, во кој ја тужеше државата и беше единствена општина, каде што заедно со екологистите бараа право на чист воздух и здрава животна средина? Прашањето кое доби судски епилог пред Основниот суд во Велес и Апелациониот во Скопје, сепак не заврши во Стразбур. Поради високите такси, екологистите се откажаа од постапката пред Врховниот суд.

Во рамки на оваа сторија ги презентирамее аргументите на екологистите и одлуката на судот, по прашањето, зошто Велес го загуби спорот?! Пресудата на велешкиот суд е образложена на 29 страници.

Но, да ги видиме фактите и аргументите што ги користеле тужителите во постапката и каква е одлуката на судот:

До Основниот суд во Велес на 30.05.2008 година била поднесена тужба Општина Велес, Еколошкото друштво Вила Зора и други тужители против Република Македонија - Министерство за животна средина, за отстранување опасност од штета, вредност на спорот 1.500.000,00 денари.

Во тужбата тужителите навеле дека на подрачјето на општина Велес на севeрната страна на градот  постои Топилница  за цинк и олово Злетово. со повеќе објекти. Со активното работење на овие објекти на подрачјето на градот многу години наназад, без притоа да се води сметка за работењето  по сите стандарди  и нормативи  кои треба да ги  спроведе вршителот на дејноста, направена е голема штета  по здравјето на луѓето  на ова подрачје и  загадување  на животната средина.

-Од започнувањето со работа на топилницата континуирано до мај 2002 година од технолошкиот процес се вршела постојана  емисија на штетни гасови како и емисија на тешки метали кои ја загадувале водата ,воздухот, почвата  и непосредно влијаеле врз здравјето на луѓето. Загрозени се и животинскиот и растителниот свет  и земјоделските производи  што се произведуваат и дистрибуираат во  општината и пошироко. Републиката и Министерството не презеле мерки на контрола и елиминирање на противправното дејствување  на Топилницата  согласно обврската за темелната вредност на Уставниот поредок предвидена во чл.8 од Уставот со што придонел да настане штета на воздухот, водата, земјиштето а со тоа и на животната средина и здравјето на луѓето  во Општина Велес- наведуваат тужителите, Општината и екологистите.

Според тужителите, Република Македонија, е одговорна за  направена штета –загадена животна средина  и последиците по здравјето на луѓето во Општина Велес, поради неспроведување на уставната и законската обврска од член 43 од Уставот и одредбите од Законот за заштита и унапредување на животната средина  според кој државата била должна спрема сите загадувачи кои не ги исполувале обврските предвидени со тој закон да поведе постапка за надомест на штета.

Општината и екологистите побарале од судот да ја задолжи Република Македонија да ја надомести штетата и да им плати износ од 1.500.000,00 денари.

Тие барале од судот да ја задолжи Република Македонија: да не смее преку своите  државни органи да даде  одобрение  за повторно почнување со работа на објектите  и на локацијата на поранешната  топилница за цинк и олово  во Велес, да ја отстрани депонијата на  троска  од олово, цинк, кадмиум  и други тешки метали  во близина на топилницата останати и депонирани  од работата на топилницата, да го забрани земјоделското производство на земјоделски производи  наменети  за пазар  на правни лица, да ги исчисти деконтаминира  јавните зелени области  и земјоделски површини  преку промена на почвата  или засадување  на растенија  кои ги елиминираат  тешките метали  од почвата  или да и плати  на Општина Велес сума за таа намена  во износ од 2.4 милиони евра за таа во рамки на овластувањата  по Законот за локална самоуправа  во делот за екологијата го стори тоа наместо државата.

Државниот правобранител како застапник на државата побарал да се одбие барањето како неосновано, а приговарал и дека нема активна легитимација на страната на тужителите и нема пасивна легитимација на страната на тужениот.

Од страна на Европската агенција за реконструкција на 22.11.2007 година била изготвена Физибилити студија со цел да помогне во елиминација на индустриските жешки точки во РМ преку развој на санациони планови со финансиски барања за 4 индустриски жешки точки.

Во студијата   е утврдено дека  во моментот  државата и министерството немаат системски пристап или политика за ремедијација на овие жешки точки. Нивното влијание не е целосно познато, трошоците за расчистување не се системски проценети, финансирањето за најголем дел е недостапно, институциите за имплементација не се поставени дури и сопственоста на овие еколошки товари во постприватизациска поставеност е нејасна. Што се однесува до контролата на индустриското загадување и управување со ризикот Министерството за животна средина и просторно планирање МЖСПП има собрано список од инсталациите кои ќе бидат подложни на интегрирани еколошки дозволи но интегрираното спречување и контрола од загадување треба да стане оперативно. Некои елементи од ЕУ легисативата во областа на контрола на хаварија кои вклучуваат опасни супстанции се транспонирани во националното законодавство, но констатирано е дека во време на изготвување на студијата сепак целосна транспозиција се уште не е оставарена. Капацитетот на МЖСПП  и на други заинтересирани страни треба да се зајакне (локална самоуправа, претпријатија и.т.н.), за имплементирање на мерки за контрола на индустрискко загадување и управување со ризикот.

Во 2003 година Македонија започнала со хармонизација на националното законодавство од областа на животната средина со законодавството на ЕУ. Биле подготвени 5 основни закони и тоа закон за животна средина, закон за управување со отпад, закон за води, закон за природа и закон за квалитет на амбиентниот воздух и неколку подзаконски акти-уредби и правилници. Сите споменатии закони и донесените подзаконски акти се однесувале целосно или во некоја мера на отпад и управување со опасен отпад но ниеден од нив директно не ги споменува или регулира индустриските жешки точки. Методологијата е базирана на процена на ризикот на здравјето, геотехнички истражувања, проценка на јавна свест, информирање, проценка на процесот и квалитативна и квалитативна идентификација на токовите на отпадот, проценка на влијанието врз животната средина идентификација на опции за третман, и еколошко рангирање на идентификуваните опции за третман.

Главни загадувачи на локацијата се олово и цинк од поранешните депонирања на троска од поранешното работење на Топилницата. Производствената линија е затворена во 2003 година. Депонирани се остатоци од кокс на локацијата близу до топилницата. Оцената на процесот укажува на депонирани 1,8 мио.мг. на троска која содржи олово и цинк. Локацијата е само делумно покриена и затоа очигледни се тековните емисии но не се големи и имаат секундарно значење. Не може да се претпостави дека реката Вардар е под директно влијание од постоечката депонија на троската.

Како резултат на поранешниот процес на производство во почвата наменета за земјоделски активности и јавните места на општината акумулирани се олово, цинк, и кадмиум како резултат на загадување на воздухот. Претходно извршените истражувања покажалет дека не само почвата, туку и храната произведена на земјоделските површини покажува зголемено ниво на тешки метали.

Извршените истражувања на подземната вода ја потврдиле претпоставката дека како резултат на слабата мобилност на тешки метали, повеќето загадувачи се останати во почвата и не се пренесени во подземната вода. Процената на ризик од влијание врз здравјето во 2006 год. идентификувала тековно загадување на воздухот од кадмиум што може да се случи само поради несоодветното повторно отварање на производната единица - бие само дел од студиите кои биле презентирани пред судот.

Физибилити студијата покажала дека активностите треба да се насочат на 4 главни области зони за деконтаминирање на почвата, на јавните „зелени„ области и земјоделското земјиште, оние за повторно отварање и / или затварање на постоечките објекти и санација на постоечката депонија на троска. Квалитетната процена на ризикот по здравјето го гарантираше влијанието врз здравјето како високо. Главно влијание врз здравјето на луѓето е предизвикано од поранешните производствени активности. Идентификувани како главни опасни материи се оловото и кадмиумот. Во моментот извори на тековно загадување се постоечката депонија на троска и прашина акумулирана во фабриката. Миграционите патишта вклучуваат ерозија на фини честички преку ветер, почва и водни текови.

Ризикот по здравјето на луѓето како резултат на соединенија на олово и кадмиум е рангирано како многу високо. Ризикот од влијание врз здравјето е означен како умерен до висок. Затворањето на топилниццата и третманот на троската или санација на депонијата значително ќе го намали ризикот по човековото здравје. Во продолжение треба да се превземат мерки за санација на големите земјоделски површини и јавно земјиште со цел да се пресечат секундарните миграциони патишта.

Од еколошка гледна точка влијанието на постоечката депонија на троска врз почвата може да се смета за толерантно или поврзано со долгиот период на напуштеност на производството како ниско. Резултатите покажале постоење на олово, цинк, кадмиум и арсен во подземната вода.

Некои од резултатите ја надминуваат максимално дозволената концентрација според Холандските стандарди. Контаминацијата од олово е лоцирана во блиската околина на топилницата, цинкот, кадмиумот и арсенот имаат поширока област на влијание, додека бакарот и живата не покажуваат никакво ниво на загадување. Влијанието е скоро пропорционално со растојанието на топилницата во главната насока на ветрот. Влијанието во близината на топилницата може да се смета за умерено, додека во поголемо растојание како ниско до умерено, но очигледно. Влијанието на отпадните води настаната со лужење на депонијата врз подземните води може да се смета за (многу) мало. Троската од депонијата во Велес не е опасна и може да се управува како инертна депонија. Почвата околу фабриката и депонијата е контиминирана како резултат на мобилноста на елементите и нивното долготрајно влијание како и растворливоста во вода која предизвикува контаминација на подземната вода и во исто време контаминација на водата за пиење.

Во бунарите за вода за пиење овие елементи се забележани во голема концентрација. И воздухот околу депонијата и во околната област е загаден од прашината од депониите. Нивото на олово близу топилницата може да претставува опасност по здравјето особено за деца ако се дише во одредени количини. Индивидуалци може да се изложени на олово преку дишење на контаминираната прашина, преку голтање на контаминираната почва, преку јадење на недоволно измиена храна која е одгледувана на контаминираната почва.

НЕАП известил дека нивоата на кадмиум, олово и цинк се 10-15 пати повисоки во зеленчукот одгледуван во Велес во сопоредба со контролираните области. Во спанаќ и зелка е пронајдено 4-10 пати повеќе од дозволеното ниво на олово и кадмиум што е резултат на контаминација на почвата. Ризикот од сегашната депонија е низок до умерен, ризикот од зафатената почва подземната вода површинската вода, и од ланецот на храна е умерен до висок.

Земајќи го во предвид нагибот на теренот постои висок ризик од лизгање во насока на речното подрачје.Депонијата на троска мора да се премести или израмни на површина со максимум висина од 0,5 метри за што би била потребна област од 20 хектари, се констатирало во анализите кои биле презентирани на судењето.

Од изведените докази на расправата и од увид во десетици анализи, студии и можни решавања на еколошкиот проблем, Судот го утврдил следново:

Јавните зелени зони имаат површина од 228.237 м.кв. додека опширното истражување (длабинско истражување) ќе биде превземено. Материјалот ќе биде покриен и депониран надвор од локација(во најлош случај 70 км до Л.) пресметани се 500 примероци. Вкупните оперативни трошоци ќе достигнат 2,4 милиони евра што доведува до трошоци за специфичен третман во висина од 21,38 евра/метар кубен ископана и сменета почва.

Најдобра економска корист ќе се постигне со комбинирање на ископување на локација и повторна употреба на резидуите во фабрика за цемент. Фиторемедијацијата ќе биде извршена на зафатените земјоделски површини кои покажуваат постоерње на тешки метали над дозволената концентрација според холанските стандарди, додека почвата во областа на општината ќе биде заменета со јавни зелени површини. Времето за извршување замена на почва е помалку од 1 година, за фиторемедијација на зафатените земјоделски површина е најмалку 5 години.Ќе треба да се извршат дополнителни длабински истражувања на почвата објаснети во целите на проектот ТОР. Втора изводлива опција е чисто рекламирање(концесија) на материјалот поради непостоење на трошоци за депонирање.

Предложената методологија ќе има позитивен ефект врз еколошката ситуација особено врз влијание на здравјето ќе го одбие директното влијание на загадувачите, ќе го опфати економскиот пристап на позитивен начин ќе ја зголеми геотехничката стабилност, ќе покаже позитивен ефект на прекуграничното и ќе ја одрази вкупната и специфичната цел на проектот финансиран од ЕУ.

Уставот  на РМ од 1991 година е основа за донесување на нови закони за овие права, за нова ориентација на судовите  и политиката во оваа област која е од егзистенцијално значење   за граѓаните на РМ.

Во периодот на транзиција кон пазарно стопанство, во период кога е воведена  силна програма за стабилизација и реформи, со цел да се контролира инфлацијата, да се  намали дефицитот и да се  зајакне стопанството. Војната во регионот, меѓународното ембарго како и блокадата на границата, имаа негативно влијание врз реформите  во земјата, но и покрај тоа  постоела  подготвеност прашањата за заштитата на животната средина да претставуваат интегрален дел од општата стратегија за општествен и стопански развој  па  тужената Република Македонија ја усогласила својата регулатива во однос на заштита на животната средина со Европската Унија и на тој начин  промовира интеграција со другите Европски земји.

Правата и должностите на Република Македонија, правните и физичките лица, во обезбедувањето услови за заштита и унапредување на животната средина и природата, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина  по конституирањето на РМ  како самостојна и суверена држава со закон се регулирани во Законот за заштита  и унапредување на животната средина и природата (Сл. Весник на Р.Македонија бр.69/96 од 23.12.1996 година ).

Во Законот за заштита на природните реткости во чл.2  е определно дека природни реткости на коишто овој закон им дава правна заштита се  “недвижни и движни делови и предмети на живата и неживата природа кои поради своите научни, естетски, здравствени и други вредности, културна, образовно-воспитна и туристичко-рекреативна функција, како културни добра, се под посебна заштита на општествената заедница“. Според чл. 13  природни реткости во смисла на овој закон се:  1. природни резервати,  2. одделни растителни и животински видови надвор од природните резервати, 3. споменици на природата, 4. меморијални споменици.Од наведеното произлегува дека предмет на заштита во овој закон  се приридните реткости .

Во чл.2 од  Закон за заштита и унапредување на животната средина и природата определено е значењето на   поимите  животна средина и  природа и заштита и унапредување  на животната средина(заштита на воздухот, водата и земјиштето  од  загадување, користење и депонирање на отпадоци и друг вид на заштита на животната средина и природата). Во чл. 14 определно е дека Владата на Република Македонија, за оцена на состојбите и  утврдување на мерките што треба да се преземат, донесува Национален акционен план за заштита на животната средина на Република Македонија.

Според чл. 17 „Правно и физичко лице кое со користење на минерални суровини,со користење на минерални суровини, одлагање на отпадоци, јаловина, пепел и згура и други активности, ќе деградира земјиште, е должно тоа земјиште да го рекултивира или надруг начин да го санира по претходно изготвена техничка документацијаза рекултивација, согласно со закон, во рок од најмногу три години по завршувањето на користењето на минералните суровини и одлагањето на јаловината, пепелот, згурата или други отпадоци.Министерството за животна средина дава согласност на техничката документација за рекултивација од став 1 на овој член

Според чл. 36  „За обезбедување на финансиски средства, за поттикнување на превентивни и преземање на санациони мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, се основа Фонд за заштита и унапредување на животната средина и природата во состав на  Министерството за животна средина со својство на правно лице.Според чл. 37Користењето на средствата ќе се врши врз основа на програма која ја донесува Владата на Република Македонија, согласно со Националниот акционен план за заштита на животната средина. Средствата за остварување на Програмата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, како и од донации, загадувачите, кредити и друго.

Според чл. 39 „Надзор над примената на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Министерството за животна средина.  Инспекциски надзор над примената на техничко-технолошките мерки за заштита на воздухот и водите од загадување, заштитените посебни бучава и заштита од отпадни материи и од јонизирачки и нејонизирачко природни богатства, земјиштето од деградирање и загадување, штетна зрачења врши Републичкиот инспекторат за животна средина, како орган во состав на Министерството надлежно за работите на животната средина.

Од содржината на одредбите на овој закон  произлегува дека  во него се регулирани правата и должностите  на Републиката, правните и физичките лица, регулиран е  начинот, мерките за заштита на животната средина, обезбедувањето   на финасиски средства   за поттикнување на превентивни и преземање на санациони мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, надзор над примената на овој закон.

Од изведените докази произлегува дека тужителите не доставувале до надлежните органи  приговори –забелешки во врска со прашањата  на штета   и опасност од штета  во животната средина,  од нивното основање  па до 2003 год. кога Топилницата престанала да работи , не повеле  судска постапка за  заштита  во врска со штета и опасност од штета  во животната средина од загадувачот  ,ниту пак повеле постапка за преиспитување на законитоста на  одредени одлуки  и акти на надлежни тела барајќи од нив да  превземат соодветни мерки  во согласност со закон.

Тужителите тужбата ја поднеле на 30.05.2008 година во време кога загадувачот  е во стечај, а  во сила е  Законот за животна средина (Сл.Весник на Р.Македонија бр.53 од 05.07.2005 година  којшто во чл.  224  определува дека со денот на отпочнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата (“Службен весник на Република Македонија” број 69/96, 13/99, 41/2000, 96/2000 и 45/2002),

Законодавството на Европската Унија (Директивите) - Директивата за оценка на влијанието врз животната средина  (ЕIA  Директива)  и Директива за пристап до информации од областа на  животната средина.  од  областа на  животната средина  е транспонирано  и имплементирано    во Репбулика Македонија во Законот за животна средина и подзаконските акти. Министерство за животна средина (МЖСПП)  е главен  надлежен орган што ја обезбедува имплементацијата на    законодавството за  животна средина во оваа област. 

Во чл.1 од Законот за животна средина се уредуваат правата и должностите на Република  Македонија, на општината, на градот Скопје и на општините во градот  Скопје, како и правата и должностите на правните и на физичките лица, во обезбедувањето услови за заштита и за унапредување на животната средина, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според чл.  3 (1) Мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина се од јавен интерес. (2) Владата на Република Македонија е должна да обезбеди од Буџетот на Република Македонија, финансиски средства за заштита и унапредување на животната средина. (3) Општината, градот Скопје и општините во градот Скопје, се должни, од буџетот на општината, буџетот на градот Скопје и буџетите на општините во градот,, д обезбедат финансиски средства за заштита и унапредување на животната средина

Во  чл.  4  ст.1  се опредлени целите  на овој закон помеѓу кои и предвидување, следење, спречување, ограничување и отстранување на негативните влијанија врз животната средина; заштита и уредување на областите од животната средина; зачувување на чистата животна средина и санирање на оштетените делови на животната средина; воспоставување на систем на планирање на заштитата, унапредување и управување со животната средина;  обезбедување средства за финансирање на мерките и активностите за заштита и за унапредување на животната средина;  контрола на активностите кои ја загрозуваат животната средина

 Засегната јавност според чл. 5. 31 од овој закон  е јавноста којашто, во моментот или во иднина, е засегната или има интерес, во врска со донесувањето одлука за животната средина  која е во посебен однос со одредена постапка. Засегната јавност ги вклучува и здруженијата на граѓани формирани за заштита и за  унапредување на животната средина, како и поединец кој има голема веројатност да ги почувствува последиците од донесувањето на одлуката;

Законот за животна средина ги определува и  поимите еколошка штета, Реституција, Трошоци (во смисла на одговорност на штета предизвикана врз животната средина), воспоставува  правила за одговорност за штета  во животната средина врз основа на  принципот “загадувачот плаќа“  и “корисникот плаќа“

Според чл.   157 “Целта на одговорноста за штета предизвикана врз животната средина, заснована на принципот “загадувачот плаќа”, е: - превенција и ремедијација на целокупната штета предизвикана врз  животната средина (во натамошниот текст: еколошка штета), - реституција на животната средина и - воведување на мерки и практики за минимизирање на ризикот од штета врз животната средина. (2) Одговорноста за еколошка штета настанува заради: - непосредна закана од еколошка штета или еколошка штета која настанала како последица на вршење на професионални активности определени со прописот од ставот (3) на овој член ...  , без оглед на степенот на вина на операторот. (3) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува професионалните активности од ставот (2) на овој член, со чие вршење може да настапи одговорност за еколошка штета. Со прописот се определуваат и  критериумите за определување на постоење на еколошка штета, како и случаите во кои, по исклучок, нема да настапи одговорноста за еколошка штета.

(4) Одговорен за штета предизвикана врз животната средина е операторот којшто врши професионална активност определена со прописот од ставот (3) на овој член и со вршењето предизвикал еколошка штета, односно непосредна закана од еколошка штета.(5) Операторот е одговорен, доколку: 1) не ги презел потребните превентивни мерки; 2) не ги презел потребните мерки за ремедијација и 3) не го известил надлежниот орган за опасноста од еколошка штета,  којашто може да настане и покрај преземените мерки или за настанатата  штета.

(8) Во случај на сторена еколошка штета, операторот е должен: - за настанатата штета да го извести органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, - да изврши реституција на целокупната штета, во согласност со начелото “загадувачот плаќа”, - да ги преземе сите неопходни мерки за контрола, задржување, отстранување или друг вид на управување со факторите кои ја предизвикуваат еколошката штета со цел да ја ограничи или спречи натамошната штета врз животната средина, негативно дејство врз животот и здравјето на човекот и загрозување на функцијата на природниот ресурс и- да ги преземе сите неопходни мерки за ремедијација определени  согласно со прописот од ставот (10) на овој член.

(9) Во случај на сторена еколошка штета, органот на државната управа надлежен за работите од област на животната средина носи решение со кое ќе: - побара од операторот дополнителни информации за сторена штета, - преземе, побара од операторот и/или да му даде на операторот упатство за преземање на мерки за контрола, задржување, отстранување или друг вид на управување со факторите кои ја предизвикуваат еколошката штета со цел да ја ограничи или спречи натамошната штета врз животната средина, негативно дејство врз животот и здравјето на човекот и загрозување на функцијата на природниот ресурс, - побара од операторот преземање на неопходните мерки за ремедијација и да даде упатства за преземање на мерките за ремедијација и- ги преземе неопходните мерки за ремедијација, или ќе определи друго  правно и физичко лице кое ќе ги преземе мерките, за сметка на операторот.

(10) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува мерките за ремедијација на сторена еколошка штета. (11) Во случај на сторена еколошка штета операторот е должен, врз основа на прописот од ставот (10) на овој член, да определи и предложи  мерки за ремедијација и истите да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, заради одобрување. При определување на мерките за ремедијација, операторот води сметка дека мерките за ремедијација се соодветни и ефикасни за отстранување на целокупната штета предизвикана врз животната средина.(12) Доколку сторената еколошка штета е повеќекратна така што мерките  за ремедијација не можат да се преземат истовремено, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина одлучува за приоритетот на преземање на мерките. При определување на приоритетните мерки за ремедијација, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен особено да води сметка за природата, обемот и сериозноста за секоја сторена еколошка штета, ризикот по здравјето на човекот и можноста за природно обновување на ресурсот.(14) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на  животната средина е надлежен да го утврди операторот кој предизвикал непосредна закана од штета, односно еколошка штета, да изврши процена на значителноста на штетата, како и да ги определи мерките за ремедијација кои се во негова исклучива надлежност.

Според чл 158 (1) Операторот е должен да ги покрие сите трошоци за преземање превентивни мерки и мерки за ремедијација.

Според чл. 159 Реституција на еколошка штета (1) Правно или физичко лице, како и здружение на граѓани формирано заради заштита на животната средина, коешто е директно загрозено или трпи последици од настанатата еколошка штета, има право пред надлежен суд од операторот да бара:1) да изврши враќање во почетната состојба на животната средина или 2) надомест за сторена еколошка штета, во согласност со општите прописи за надоместок на штета, доколку е невозможно враќање во почетната состојба. (2) Република Македонија го задржува правото да бара враќање во почетната состојба на животната средина и надомест за сторена еколошка штета, доколку нема или не се јават други лица кои, согласно со одредбите од овој закон, имаат право на тоа.

Во чл.162 -178 од истиот закон се регулирани прашањата за финансирање- кофинасирање на  активности за поттикнување, зачувување, одржливо користење, заштита и унапредување на животната средина, како и за подготовка, спроведување и развој на програми и проекти за заштита и унапредување на животната средина  и  начинот на доделување на средстав .

Во чл.194 – 214  е определено дека дека  надзорот  над примената на овој закон и прописите донесени врз основа на него  го врши органот на државната управа надлежен за работите  од областа на животната средина  Инспекцискиот надзор над примената на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон го врши .

Со Законот за управување со отпад (Сл. весник на РМакедонија” бр.68/04 од 05.10.2004 год.со измени во бр.107/07,102/08 ,143/08 и 124/10 .) се уредува управувањето со отпадот; начелата и целите за управување со отпад; плановите и програмите за управување со отпадот; права и обврски на правни и физички лица во врска со управувањето со отпадот ; начинот и условите под кои што може да се врши собирање, транспортирање, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот; увозот, извозот и транзитот на отпадот; мониторингот; информативниот систем; финансирањето и надзор над управувањето со отпадот. Управувањето со отпадот е дејност од јавен интерес, којашто се врши во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Имајќи ги во предвид погоренаведените и во дел цитирани  прописи судот најде дека неосновано е тужбеното барање на тужителите, Општина Велес, ЕД Вила Зора и другите тужители наведени во тужбата како тужители- пишува во судската одлука на Основниот суд во Велес, која е потврдена и од Апелациониот суд во Скопје.

При одлучувањето судот ги имаше во предвид и наводите на тужителите дека постои одговорност на тужениот  и од причина што не побарал од операторот(загадувачот)  надомет за  сторена еколошка штета меѓутоа истите не се од влијание за поинакво одлучување од причина што  за прв пат оваква можност е предвидена во закон како право на тужениот со донесувањето на Законот за заштита на животната средина од 2005 год. а тоа е во време кога  Топилницата е во стечај.

Несоновани се наводите на тужителите дека постои одговорност на тужениот и од причина што не се донесени прописи за управување со отпад од причина што во време на поднесување на тужбата во сила е  Законот за управување со отпад (Сл. весник на РМакедонија” бр.68/04 од 05.10.2004 со измени)  во согласност со кој  тужениот во рамки на своите права и обврски утврдени со овој закон а со цел активна ремедијација преку избор  на соодветна метода  на ремедијација на индустриското жариште -Депонија за згура на МХК З.  со можност за повторно користење  на складираната згура  преку нејзина преработка и/или третман објавил оглас за конкурс за избор на идејно решение

При одлучувањето судот ја  имаше во предвид и  другите содржини на Геохемискиот атлас но истиот не е од влијание за поинакво одлучување .

При одлучувањето судот ја имаше во предвид и наводите на тужителите кои се однесуваат на примената на  Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина (Архус) 40/99 Ратификувана 1999.“   според  која  во чл.1  е предвидено дека  “За да се придонесе кон заштитата на правото на секој поединец од сегашните и идните генерации, да живее во животна средина што е соодветна за неговото здравје и добросостојба - секоја страна(договорна страна на оваа конвенција) ќе ги гарантира правата на пристап до информациите, учеството на јавноста во одлучувањето, и на пристап до правда кај прашањата сврзани со заштитата на животната средина,  согласно со одредбите од оваа Конвенција“ но истата не е од влијание за поинакво одлучување  од причина што во конкретниот случај не се бара  правна заштита пред  надлежен суд (чл.9)  од заинтересирано лице (заинтересирана јавност е јавност  која е загрозена или ќе биде загрозена  или има интерес  во донесување на одлука  која се однесува на животната средина    - невладина организација  која промовира заштита на животна средина и која ги задоволува условите   пропишани  со националните законодавста   се смета за заинтересирана јавност)  коешто смета дека неговото барање за информација за животната средина (чл.4) е игнорирано или неоправдано одбиено.

Предмет на судска заштита може да биде  преиспитување на законитоста на  одредени одлуки  и акти на надлежни тела но во  друга соодветна постапка пред надлежен суд, заклучува велешкиот суд.

Поради високите судскии такси, тужителиите се откажаа од тоа предметот да го изнесат пред Врховниот суд, а понатаму и пред меѓународниот суд во стразбур, што би бил прв предмет против Македонија од ваков вид, кој се повикува на обврската на државата да обезбеди чиста и здрава животна средина.

 

 

Ова истражување е изработено со помош од Европската Унија.Содржината на ова истражување е исклучиво одговорност на СВЕДОК и на ниеден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.

http://medium.edu.mk/images/footer/Logo-EU-ZA-TEBE-MKD.jpghttp://www.focus.org.mk/images/2017/01/logo-Florozon-page-001.jpghttp://sumnalproekt.mk/design/images/logo.pnghttp://www.svedok.org.mk/mk/images/logo_svedok.png

Истото е реализирано во рамки на проектот „Равој на еколошко истражувачко новинарство“, поддржан од ЕУ, а го спроведуваат Флоразон и Сумнал.