Информации

Катица Јанева на голема врата влезе во медиумите - синот вработен во телевизијата на Боки 13

објавено:


Гевгеличанецот Лазар Јанев, синот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, од неодамна е вработен во новата телевизија 1ТВ, позната како телевизијата на Бојан Јовановски - Боки 13.

Младиот правник Јанев, како што откриваат вработени во оваа телевизија за Сведок, им бил претставен како “директор на правна служба“ со кого ќе можат да се консултираат доколку имаат правни дилеми околу содржината на текстовите кои ги објавуваат. Некои од нив пак знаат дека „синот на Катица Јанева работи нешто во техника“.

Лазар Јанев, синот на Катица Јанева, вработен во фирмата на Боки 13.

Според фотографиите на неговиот ФБ профил, Јанев има завршено правен факултет на УКИМ.

Фотографија на Јанева и Боки 13 објавена на Инстаграм од роденденска прослава

Катица Јанева во последниов период често може да се види фотографирана со Боки 13, почнувајќи од приватни забави - родендени, до „работни состаноци“ и гостувања во 1ТВ каде што беше нејзиното гостување во вторникот, кога за цело време додека беше емитувано интервјуто, телевизијата информираше дека ја презела палката во медиумскиот бизнис.

Гостувањето на Катица Јанева во вторникот на 1ТВ

На оова „саморекламирање“ дека се лидери во медиумскиот простор, реагираше Канал 5, кој објави текст дека „1ТВ е лидер во медимскиот простор колку што е Груевски во вилата на Орбан“, алудирајќи на известување на новинарка на оваа телевизија од околината на Будимпешта која тврдеше дека Груевски е во вилата на Орбан, што беше веднаш демантирано од унгарските власти.

Според информацијата на Канал 5, објавена на нивниот сајт, според агенциските мерења, 1ТВ имало рејтинг од само 1 процент.

Интервјуто на Катица Јанева во телевизијата во која работи нејзиниот син беше најавено и со заедничка фотографија од нејзината канцеларија, насловена како „работен состанок“.

Под фотографијата на страницата на 1 ТВ беше објавена следнава најава: Во рамките на новата сезона на емисијата „Правда и неправда“, одговори за сите актуелни случаи на Специјалното јавно обвинителство, диркетно од првата жена на ова тело, Катица Јанева.

На работниот состанок во кабинетот на специјалната обвинителка, со авторката на емисијата, Гордана Дувњак и сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, се договара форматот на кој Јанева ќе ги даде одговорите кои ги очекува целата македонска јавност, како за минатите така и за актуелните случаи.

Ќе добијат ли судски разврски предметите на СЈО кои треба да го откријат начинот на функционирање на „Фамилијата“ која ја претвори Македонија во „заробена држава“? Ќе се проширува ли истрагата за случајот „Империја“?- беше најавата пред емисијата емитувана во вторникот, оваа недела, во 21 часот.

Бојан Јовановски, кој се претставува како сопстеник на 1ТВ, на прашањето: Дали Катица Јанева влијаела за вработување на нејзиниот син Лазар јанев во 1ТВ, за Сведок одговори:

-Лазар Јанев е вработен во БМЈ МЕДИА ГРОУП, а не во 1ТВ. Неговите стручни квалификации беа пресудни за неговото вработување, ни еден друг фактор немал влијание и пресудна улога. Во приватна компанија како што е БМЈ МЕДИА ГРОУП единствено сопствениците имаат правото на одлука за вработување на било кое лице- ни одговори Бојан Јовановски, познат како Боки 13.

Според податоците на агенцијата која ги издава дозволите за работа, 100 проценти сопственик на телевизијата 1ТВ ДООЕЛ, е фирмата БМЈ МЕДИА ГРОУП ДОО Скопје, во која како што вели Јовановски е вработен Лазар Јанев, и кое нели „ич не е исто“.

Катица Јанева, Сецијалната јавна обвинителка, во разговор за Сведок, вели дека не влијаела за вработувањето на нејзиниот син.

-Лазар е возрасен и до сега има работено на повеќе работи. Има завршено Правен факултет, а сега завршува и новинарство и си бара работа која му е интересна. Јас си ја гледам мојата професионална работа и не се оптоварувам со неговото вработување - рече меѓу другото во разговорот за Сведок Јанева.

Секако и за Јанева беше интересно прашањето зошто ќе се занимаваме со неа сега и со вработувањето на Лазар, но што би рекол Миле Јанакиески за притворот што му е определен по барање на СЈО, „кога не можеш по магарето, удри по самарот“, така и СЈО ќе биде интересно не само по обвиненијата што ги поднесува и по постапките што ги води, туку и по нивното целокупно однесување во јавниот и приватниот живот.