Балкан

Човиќ обвинет за проневера на пари наменети за косовските Срби

објавено:


Обвинителството за организиран криминал во Белград до посебното одделение на Вишиот суд во Белград, денеска (18 јануари) доставило обвинение против Небојша Човиќ, поранешен координатор на Координативниот центар за Косово и Метохија.

Човиќ, заедно со уште 6 лица е обвинет за малверзација со парите наменети за Србите во Косово.

Портпаролката на судот Тања Кољеншиќ, во изјава за медиумите потврдила дека го добиле обвинението против Човиќ подигнато на 15 јануари и наскоро судот ќе закаже испитно рочиште на кое ќе се цени содржината на обвинението.

Против Човиќ и другите обвинети Обвинителството за организиран криминал спровло истрага под сомневање дека од јануари 2003 година до средината на септември 2005 година ја злоупотребиле службената положба и овластување и примале поткуп врзано за откупот и градењето на недвижнини.

Во август 2014 година Обвинителството покренало истрага против Човиќ, против поранешната секретарка на Координативниот центар Анѓелка Раденовиќ, поранешниот началник на косовско-митровичкиот округ Драган Калабе и против сопствениците на  на приватните фирма „Комграп градба“, „Даки“ и „Мастерс“. Тие се обвинети за остварување на противправна имотна корист во износ од околу 10 милиони евра.

Обвинителството се сомнева дека во процесот на откуп на недвижности во северниот дел на Косовска Митровица, Човиќ, Раденковиќ и Калаба а по претходен договор со сопствениците на приватните фирми овоможиле да се извршат незаконски плаќања врз основа на фиктивни документи.

Како што се тврди во обвинението, Координативниот центар му платил речиси 426 милиони српски динари (120 динари=1 евро) на претпријатието „Даки“а тој откупил само 18 недвижности за што биле потрошени само 181 милион динари, а за остатокот од 245 милиони динари не постоела валидна документација.

Спорна била и изградбата на неколку згради, кои и натаму биле само обична ливада, за што Координативното тело и Градежната дирекција платиле 180 милиони динари за градбите, а од тоа, реално биле потрошени само 18 милиони динари.

Човиќ изјавил дека ова е политичко обвинение и пресметка на претходната власт со него.