Правни анализи

ВЕТИНГ на судии или басна за орелот и полжавот кој стигнал до врвот со лигавење

објавено:


Орелот летал многу високо и на највисокото дрво во околината забележал полжав. Зачуден орелов, како успеал полжавов да стигне до врвот на дрвото, го прашал, како се качил до врвот, на што, полжавот гордо му одговорил: -Со лигавење! Кој ќе спроведе ветинг над тие како и полжавот што дошле до врвот со лигавење?

Басната за орелот што го сретнал полжавот на врвот на највисокото дрво е доста поучна и идеално се вклопува во амбиентот на во хор деновиве извикуваниов ВЕТИНГ! Јас верувам дека половина од тие кои велат ВЕТИНГ не знаат што значи, но вака фино звучи, моќно, остро и демек навестува нова и голема промена.

Но, поддржувачите на ветингот не се свесни дека најавената операција за „проветрување и чистење во правосудниот систем„ нема да се случи наскоро, а и да се случи, ќе биде само втор дел на операцијата „лустрација по нарачка“ кај нас, или повторување на сцената од пред 10 години во Србија кога беа разрешени половина судии, па многу од нив ги врати назад Уставниот суд, а државата им исплати големи штети.

Гледано во регионов, ветингот со сите ризици што ги носи, беше релативно успешен во Албанија, каде што, под закана да завршат во затвор, многу судии и обвинители сами ги напуштија позициите.

Но, има ли кај нас сила за тн. Ветинг, кој, кога и како, во која процедура ќе го спроведе?

Јас уште сега тврдам дека ветингот ќе биде уште една „пропадната инвестиција“ и се ќе остане само едно ветување, во низата ветени, а не исполнети на СДС, кои се актуелизираат само пред избори.

Ако не сте заборавиле, на последните парламентарни избори, Зоран Заев, откао се прослави со изјавата „ќе јадеме живи луѓе“, тргна во поход за „генерален реизбор на судиите“.

Заев не разбира право, а на реакцијата дека се слуша ли што зборува, неговите слаби правни советници ме убедуваа дека тоа било само изборна реторика!

Така и бидна, кога се формираше Владата, прво ДУИ преку лекарот Бујар Османи, па потоа кој стигне, го демантираа премиерот, тврдеа дека не бил добро разбран, зашто реизборот не можел да се направи без промена на Уставот, па после измислија дека ЕУ забранила ветинг, што е апсолутна лага, ЕУ беше против генерален реизбор на судии! Тоа беше времето кога ова исто судство му судеше на Заев за поткуп, или случајот познат како „едно евро за Вицето“.

Со еден збор, се што поплукаа на тема судии и разрешување во изборен период, подоцна излижаа! Дури до таа мера, што изјавите од типот „кој, една Сафија Лаличиќ ли да ми суди“ беа основа овие судии да ги зацврстат нивните позиции, а не нешто да им фали (што би рекле, влакно од глава).

Затоа, сегашното хорско натпреварување, кој да даде повеќе изјави на тема ВЕТИНГ е очајнички обид за собирање гласови пред претстојните избори. Од Заев, до Рената Тренеска, Дамјан Манчевски, секој koj стигна неделава се изјасни на тема „ветинг“.

Човек ќе помисли дека готово, од утре почнуваат, а никој не кажува дека ниту некој подготвува закон, подзаконски акти, ниту некој има идеа кое тело ќе ја спроведува целата операција, во кој рок, по кои критериуми и слично. Но, битно е да се зборува за ветинг!

Оваа власт јасно е дека пред избори не може да почне ветинг, а по избори, ако биде заслужна опозиција може само да се надева дека ќе биде набљудувач, бидејќи ВМРО пак срамежливо најавува дека нема да прават ветинг, туку некоја друга форма на јакнење на судските капацитети.

За да ви покажам дека ВЕТИНГОТ ќе биде мислена именка, на кратко ќе ги анализираме судиите на Врховниот суд, па сами видете кој како станал Врховен судија и дали некој би можел да ги смени.

Затоа, во овој текст ќе почнеме со судиите на Врховниот суд, да видиме дали тие би поминале еден лаички, новинарски ветинг, со факти кои се помалку или повеќе познати во јавност, или се подолго паметење на авторот, а би требало да се помине филтер кој ќе значи: стручност, кариера, неповрзаност со политички и бизнис центри, без непотизам, како услов за судија во секој, а најмногу во Врховниот суд. Овој пример може да се преслика за сите судови, до оние во Дебар, Виница или Берово каде што има од еден до тројца судии.

Но, ќе видите дека наместо стручен, имаме Врховен суд кој е депо на истрошени политичари, но употребливи правници, кои дошле во Врховниот суд исклучиво поради други заслуги, а не по стручност

Во Врховниот суд има малку судии кои поминале низ сите степени на судството, а и тие кои поминале, претрчувале од суд во суд колку да им стои во биографијата, а не дека се истакнале ви тој суд и решавале предмети, па биле избрани поради квалитет.

ФАИК АРСЛАНИ во моментов е вд претседател на Врховниот суд, откако Судски совет го разреши неправосилно Јово Вангеловски. Арслани, од поранешен судија за прекршоци во Гостивар, решил да се проба во политиката, па станува министер за локална самоуправа како предлог на ДУИ. Од министер, натаму пак гради политичка кариера во Советот на јавни обвинители, повторно како кадар на ДУИ, за пред 9 години да го предложат за судија на Врховниот суд.  Верува ли некој дека дошол во Врховен затоа што бил стручен и имал судиски стаж зад него, или затоа што партијата решила дека треба да го награди поранешниот министер за локална самоуправа? Арслани завршил Правен факултет во Нови Сад, магистрирал на Управно пред неколку години во Приштина, а суди кривично! Совршен спој за квалитет, нели?!

ЏЕМАИЛИ САИТИ исто така е поранешен министер за локална самоуправа. И тој по завршување на мандатот во политиката, едно време е адвокат, па влегува во Управниот суд и од таму експресно во Врховен. И тој како и Арслани суди кривично! Во моментов е и претседател на Здружението на судии. И за него истото прашање, ќе дошол ли во Врховен без ниту еден ден стаж во редовното судство, ако не бил министер и имал политичка поддршка?!

ШПЕНД ДЕВАЈА е адвокат од Скопје, кој за времето на ДУИ во власта можевме да го видиме како адвокат на сите јавни претпријатија во кои директорите беа од ДУИ, како аеродроми и слично. Од адвокат Деваја стана директно судија на Врховниот суд. Да не зборавиме, дека Деваја е сопруг на Теута Арифи, сегашна градоначалничка на Тетово, а во тој период, пратеник, министер во Владата и во целиот мандат потпретседтел на ДУИ. Дилемата дали да не бил сопруг на потретседателката на ДУИ би дошол во Врховен, излишно е да се дискутира!

НИКОЛЧО НИКОЛОВСКИ е првиот судија кој пред 20 години го сруши рекордот, па од правник во „Макошпед“, ВМРО директно го лансираше во Врховниот суд, без ниту еден ден судиски стаж. Подоцна станува раководител на одделот за судење во разумен рок, станува претседател на здружението на судии, каде што си ја вработува снаата, а неодамна побара Судскиот совет да му го продолжи работниот век до 67 години, не му се одело во пензија! За него и не можеме да прашаме кој критериум за квалитет го задоволил за да стане Врховен судија!

ВАСИЛ ГРЧЕВ е поранешен градоначалник на Струмица. Тој не крие дека по завршување на мандатот разговарал со тогашниот лидер на ВМРО Љупчо Георгиевски, од кого не барал втор мандат, туку судија во Врховниот суд. Така и бидна, Грчев стана Врховен судија, подоцна член и претседател на Судски совет, а на неговата сестра и го отстапи местото во Струмичкиот суд, каде што за некој ден и завршува 4 годишниот претседателски мандат.

СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ е судија во Врховниот суд, како дел од судиите кои имаат излет во политичките води за напредок во кариерата. Од судија и претседател на Основниот суд во Штип, Рибарев влегува во Изборна комисија, кога судиите беа предлагани од партиите, па по изборите во 1998 година, влегува во составот на тогашниот Републички судски совет. Посакува поради сигурност на позицијата да се врати акко судија на апелациониот суд во Штип, што неговите колеги од советот му одобруваат, по што станува и претседател на штипска апелација, а од таму во Врховен. Неколку месеци е ставен и за вд претседател на скопска единица. Во овој период неговата сопруга е именувана за нотар во Штип.

МИЛКА РАДЕВСКА СТЕФКОВА од судија во Основниот суд Скопје 2, беше „катапултирана“ во врховниот суд. Нејзиниот скок се должи на тоа што е сопруга на амбасдорот Сашо Стефков.

ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА од судијка во скопска двојка, споменувана по разни контраверзни одлуки, станува претседателка на скопска единица, земајќи ја позицијата од Добрила Кацарска. Со незавршен мандат како претседателка конкурира за претседател на Апелација, но на сред гласање во Судски совет ги повлекува документите, па конкурира за судија на Врховен, каде што станува и претседателка. Нејзината блискост со екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков е рецептот за напредување. Синот и се вработува во СЈО, а поради блискост со скопски адвокат полицијата ја сомничеше за „нарачани пресуди“, но ниту една пријава немаше резултат. Влезе во војна со Јово Вангеловски во Врховен, си поднесуваа кривични пријави меѓусебно, а пред Судскиот совет и се води постапка, која наскоро може да заврши со нејзино разрешување.

ЕМИЛИЈА ИЛИЕВСКА е сопруга на сегашниот судија во Стразбур и, екс обвинител и сестра на сопругата на Сашо Мијалков. И покрај тврдењата дека е квалитетен судија, дека татко и бил судија, Емилија немаше да дојде од Основен преку Управен до Врховен суд, да ги немаше овие конекции. Сега користи отсуство за придружба на сопругот во стразбур, кое не го доби доброволно, туку мораше да тужи.

ИСАМЕДИН ЛИМАНИ е екс вработен во Министерството за правда, кадар на ДУИ, кој беше избран за судија во Управниот суд и негов претседател, кој ќе остане запаметен дека си даде оставка незадоволен од одлуките на судиите за време на еден од изборните циклуси каде што судиите на маса ги одлучија изборите, СЈО поведе постапки, но судот ги спаси. Лимани, по ова беше избран во Врховниот суд. Неговата ќерка се вработи во СЈО, како предлог најверојатно на обвинителот Артан Ајро, со кого работеа во правда.

БЕСА АДЕМИ беше стручен соработник во Апелациониот суд, од каде што беше избрана за заменик државен правобранител, а од таму за судија во Апелациониот суд. Кратко време потоа беше избрана во Врховен и како што вели, таа е првата жена судијка Албанка во Врховниот суд. Не е многу експонирана, бидејќи нема некаква среќа, и не беше блиска ни со Јово вангеловски ни со Лидија Неделкова кои беа претседатели на овој суд.

СНЕЖАНА БАЈЛОЗОВА е судијка со најконтраверзни одлуки зад себе, како пресудата за Агим Красниќи од Кондово, предметот за насилствата во дискотеката Процес, за братот на екс градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митревски и други. На нејзин избор од основен во Апелација остро се спротивставуваше Дане Илиев додека беше во Судски совет, на што, Бајлозова со плачење твдеше дека ќе направи се да стане судија на Апелација! Беше избрана во апелација, каде што ја ставија ада суди граѓанско, а не кривично. Во Врховен беше избрана како судија за граѓанско. Од бомбите дознавме дека Сафија Лаличиќ ургира кај Саш Мијалков сестрата на Бајлозова, Виолета Арнаудовска, тогаш стручен соработник во Судски совет да биде избрана за судија, со последниот воз, кога за судии се избираа кадри без академија. Арнаудовска, Мијалков посредува да стане судијка и сега суди работни спорови во Основниот суд Скопје 2.

СНЕЖАНА ЗЕКИРИЈА е судија која подолго време е во судството и која била основен и апелационен судија и зад која не се врзувале поголеми афери. Низ медиумите се споменуваше дека одлучувала во предмети за Скопски пазар, а нејзиниот сопруг имал дуќани кои му биле земени под закуп токму од Скопски пазар.

МАРИКА МАТЕВСКА е судија на која пред десетина дена Судски совет и ја запре постапката за разрешување поднесена од Јово Вангеловски затоа што не решавала подолг период, а кои тој всушност не и давал предмети. Таа е доктор на науки, и ако мене добро ме држи сеќавањето и магистерската и докторатот и се од кривична област, а цело време, од основен до Врховен работи на граѓанска материја.

РИСТО КАТАВЕНОВСКИ е судија кој ги помина сите степени во судството, но со поддршка на Трајко Вељаноски, по линија на пријатели од Ѓорче, многу бргу стигна до Врховен. Тој е третиот судија од советот на Јово Вангеловски на кого му се заканува разрешување. Речиси година и пол е на боледување и не ги прима поканите да дојде во Судскиот совет. Има уште една година до пензија, па веројатно се обидува со одолговлекување на оваа пстапка да замине во пензија.

ЦВЕТАНКА ПЕРИЌ е последно избраната судијка во Врховен, која од стручен во Апелација беше избрана за судија во скопска двојка, каде што во судница од лидија Неделкова учеше како се суди, по спојување на судовите кратко време помина во единица и експресно, таа и Татјана Дуковска беа избрани во Апелација, а сега и во Врховн.

ВЛАДЕ СТОЈАНОВСКИ во моментов е судија на Уставниот суд, но за неколку месеци се враќа назад поради истек на мандатот. Тој, од министерството за земјоделство, преку Бирото за судски вештачења, во времето на ВМРО експресно влезе во судството, па од судија во Управниот суд, преку ноќ стана судија на Врховен, а уште побргу и судија на Уставниот суд на местото на лустрираниот судија Трендафил Ивановски, за кого претходно донел пресуда да му ја потврди лустрацијата, а за која Стразбур утврди повреда. Од пролет, Стојановски пак ќе биде Врховен судија.

ЈЕЛИЦА КРСТЕВСКА е судијка на Врховен, која некако во пакет одеше со Владе Стојановски на меорскиот пат во кариерата. Од судија на скопска двојка, преку Управен суд беше избрана во Врховен, а по само неколку месеци во тој суд, 6 години помина како член на Судскиот совет, од каде што пред неколку месеци пак се врати во Врховен, а вд претседателот Арслани ја имаше ставено во Кривичен совет.

ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ е досегашниот претседател, кој вториот мандат го доби благодарение на ДУИ. Неправосилно е разрешен, а во тек е формирање на жалбен совет во Врховен кој треба да ја донесе конечната одлука. Во скопска апелација завршило ждребањето, се чека тоа да го сторат и другите апелации кои делегираат членови во Советот. Беше избран од адвокат директно во Врховен само затоа што беа кум-кумашин со Трајко Вељановски. Разрешен е за одлуката за притвор на Сеат Кочан.

РАХИЛКА СТОЈКОВСКА е судијката која е разрешена во пакет со Јово Вангеловски како член на Советот. Работеше во Министерството за правда, од каде што ја избраа во Управниот суд. Ја споменуваа за претседателка, но заврши во Врховен. Беше избрана за во граѓанскиот оддел, но Вангеловски ја стави на кривично, па според интересот, во советот, покрај него вклучуваше двајца македонци и двајца албанци или тројца албанци, ако одлуката требаше да виде во корист на барателот македонец или албанец. И Стојковска чека формирање на жалбен совет за нејзино конечно разрешување.

По овој краток преглед на тоа, кој е кој од судиите на Врховен, оценете сами кој би можел да го помине ветингот, кој значи квалитет, стручност, непартиска личност, судија со интегритет и кредибилитет?

И секако, за крај едно наградно прашање до Судскиот совет, ако вд претседaтелот на Врховен го тера третиот месец зошто не распишувате оглас за избор на Претседател на Врховен и кога ќе го сторите тоа? Или чекате прво да изберете тројца нови судии на неодамна распишаниот оглас па од нив да избирате претседател? На ова може да одговори и Киро Здравев, кој не беше опфатен во оваа листа бидејќи е во Судски совет, па ќе дојде на ред заедно со колегите во следна анализа. Дотогаш, само да споменам дека тој е судија на Врховен суд, а неговиот син е вработен во Врховниот суд.

Инаку, муабетот ни беше за ветингот, нели?