Став

Драги судии, слободно правете криминал! Судски е тука да ве заштити

објавено:


Додека некои ги виткаа новогодишните сарми и ја подготвуваа руската салата, Судскиот совет се мобилизираше, па на 31 декември закажа итна седница за да одлучува за имунитетот и барањето за притвор на нивниот осомничен колега, тетовецот Зоран Теофиловски.

Коинциденција или не, полицијата не го најде дома Теофиловски по барањето за притвор на обвинителката Вилма Русковска, која го гони во истрагата за нелегална приватизација и легализација на државен имот во Тетово, при што уапсени беа петмина службени лица од Општина Тетово. Групата на чело со Теофиловски, со незаконски дејства го оштетила државниот Буџет за 860 илјади евра.

Откако останатите осомничени поминаа со куќен притвор и поблаги мерки, Теофиловски самиот се пријави во судот и се повика на судискиот имунитет, иако на тоа нема право, бидејќи, со изборот за член на Судскиот совет, нему му мирува фунцкијата судија. Прашање е дали може да има судиски имунитет човек на кого му мирува судиската фунцкија, а е избран во административно тело какво што е Судскиот совет.

Дополнително прашање е и дали може да се повика на судиски имунитет за дело кое не го сторил во вршење на функцијата како судија, туку настапувал ако физичко лице, и надвор од постапување во судница на што може да се повика и да биде заштитен со судскиот имунитет.

Посебно што со измените на Уставот од минатата година, е укинат членот 104 во делот за имунитетот на членовите на поранешниот републички Судски совет, а за него одлучуваше Собранието. Сега, во услови кога, ваквото уставно решение го нема, членовите на Судскиот совет, штитејќи го нивниот колега Теофиловски, во најмала рака сториле злоупотреба на својата службена положба и овластување, бидејќи заштитиле човек на кој de facto му мирува судиската функција, а тој, како член на Советот повеќе не ужива уставна заштита. Во ваква поставеност на работите, сега може да очекуваме доколку фунционира правото, јавниот обвинител да покрене кривични постапки за сите членови на Судскиот совет кои гласале за имунитет, кој, според Уставот веќе не постои.

Според Закон, Teoфиловски може да има само материјален имунитет за одлука што ја донел како судија, но не и функционален имунитет. Истрагата за него не се води поради одлука што тој ја донел како судија, туку како одговорно лице и тоа претседател на спортско здружение од Тетово, што секако оди во прилог на тезата дека не може да се повика на имунитет, а уште помаку Судскиот совет да гласа и да го заштити тој да не оди во притвор.

Од Кривичниот суд вртеле телефони во Судски за да прашаат што да прават во ситуацијата, а од таму им рекле дека штом Теофиловски се повика на имунитет, тие мора да расправаат за точката на седница.

Уште едно отворено прашање е суспензијата на Теофиловски. Формално тој е осомничен, но и натаму може непречено да присуствува на седниците за избор и разрешување на судии, како онаа што е закажана за 27 јануари, кога треба да се избираат судии на Апелациониот суд во Скопје. Прашањето е со кој морален интегритет тој и натаму би останал на таа функција?

Со измените на Законот за Судскиот совет, член на Советот може времено да се оддалечи од функцијата ако за него има поднесено обвинение. Теофиловски не може да биде наскоро суспендиран додека не заврши истрагата за која ќе поминат месеци.

Ова е втор случај во 2019 година кога имунитетот му беше одземен на управниот судија Мустафа Шахини, но Судски и во тој случај не дозволи да има притвор, со што им прати „сериозна“ порака на судиите, дека можат да прават каков било криминал во рамки и на судиската функција и надвор од неа, и нема да заввршат зад решетки, затоа што Судскиот совет е тука за да го заштити секој криминал, воочен на пример, во овие два предмети, каде што управниот судија Шахини бил и адвокат и судија во исто време, и доделил градежно земјиште на брегот на Охридското Езеро, а Теофиловски успеал за себе и тие околу него, да прибави корист од 860 илјади евра.

Членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, или познат како зетот на Александра Зафировска, е познат по многу афери во последниве десетина години, почнувајчи од неговиот избор, каде што од позиција на заменик министер за правда и адвокат, директно се вгнезди во тогаш новоформираниот Апелационен суд во Гостивар. Неговиот избор беше во време кога неговата балдаска Зафировска, беше член на Судскиот совет, и без оглед што формално не гласаше за него, едногласниот избор на тогашните членови на Судскиот совет за Теофиловски, покажа дека кандидатот бил однапред договорен.

Во неговата судиска кариера, Теофиловски се прослави со една одлука по жалба на судот во Кичево, каде што од гостиварска Апелација излегоа две пресуди донесени за ист предмет, на ист ден, со тоа што, во едната, пишуваше дека жалбата се одбива, и се потврдуваат казните, а во другата, дека жалбата се усвојува и обвинетите се ослободуаат од казна. Двете пресуди во кои се` беше исто, а различна беше само казната, беа пратени во кичевскиот суд, кој, имаше дилема која пресуда да ја прати до обвинетите.

При мојата посета тогаш на гостиварскиот суд, Теофиловски се правдаше дека стручниот соработник вежбал една или друга варијанта на пресуда, па направил две различни, но немаше одговор како тоа, тој и двајцата членови на советот, потпишале и експедирале две различни пресуди за истиот предмет, наводно без да видат што потпишуваат, што е основна работа на судиите кои ја донеле одлуката.

Теофиловски се прослави и со физички закани и забрануваше пристап на адвокатка во Апелациониот суд во Гостивар, со вербални закани и навреди кон негов колега од Основниот суд во Тетово, но затоа пак, за неговиот избор успеа да ги мобилизира политичките партии на Албанците и во Основниот и во Апелациониот суд во Гостивар, на свое конто да ги добие гласовите на сите судии.

Теофиловски како што е познато е во кумовски односи со бизнисменот Ристо Гуштеров.

Познавајќи ги „сите успеси“ на Тефиловски, многу е интересно Судскиот совет да каже кој од членовите гласал против барањето да оди во притвор за да ги видиме личните или други мотиви да го заштитат него само затоа што се повикал на судски имунитет, а останатите обвинети да завршат во најмала рака во куќен притвор, или со мерки на претпазливост, а тој, ако првоосомничен, и со корист од над 800 илјади евра, не само што ќе го чека завршувањето на истрагата од слобода, туку без проблем, ќе ја извршува и функцијата во Судскиот совет, тело кое не само што во јануари ќе избира судии, туку и ќе разрешува, во некои од над 40 постапки што се водат пред Советот.

Ваквото однесување на Судскиот совет, кога станува збор за судиите и поднесените барања за притвор, не само што испраќа лоша порака, туку го отвора и прашањето дали измените во Законот за Судски совет каде што се предвиде можност за дисциплинска постапка или времено оддалечување од функцијата се доволно силни гаранции за утврдување одговорност на член на највисокото тело во судството.

Посебно, вреди да се размисли дали на оваа одлука на Судскиот совет не треба да се предвиди и судска заштита, барање до Врховниот суд, или тужба до Управниот суд, како што е во постапките за разрешување на судија. Вака како што е сега поставен судскиот систем, одлуката на Советот е конечна и без право на судско преиспитување што не е познато за други административни тела, чии одлуки, според Уставот, секогаш завршуваат со судска заштита, доколку се покрене иницијатива за промена на Законот вакво решение би можело да го спречи самоволието на Судскиот совет, и да се избегне видливата пристрасност која ја покажува овој орган при донесување одлуки кога има барање за притвор на судија.

Обвинителството, или друг подносител, тогаш би можел да поднесе жалба до Врховниот суд, а тој, до Совет, како и во постапките за разрешување, да ги цени аргументите на обвинителот наведени во барањето за притвор.

Ова однесување на Судскиот совет дава целосно оправдување на заканата на јавната обивнителка Вилма Русковска дека ќе го „тресе“ судството од гаќи, како поинаку би се воделе судски постапки во најмалку десетина случаи каде што има криивчни пријави против судии, ако Советот, од старт ги сече сите инструменти што ѝ стојат на државата олицетворена во Обвинителството да гони и да го докажува тоа низ постапка, како и за сите други граѓани.

Последниот пример на судија кој заврши во притвор е пред десетина години, а од тогаш, нема прифатено барање за притвор иако низ кривичните постапки има најмалку десет судии на кои се` уште им се суди и тоа од основните судови во Скопје, Струга, Куманово, Гевгелија, Струмица и други судови. Најеклатантен пример на толеранција на криминалот направен од судија преку одлуките на Судскиот совет е примерот на судија од Основниот суд во Охрид, каде што Судскиот совет, цела година по правосилност на пресуда во која судијата беше осуден за примање мито одбиваше да го разреши.

Во Судскиот совет сегашни спречувачи на правдата се: Киро Здравев, штипски судија на работа во Врховниот суд, Зоран Караџоски од Битола, пред крај на мандат како член на Советот, тетовецот Шемседин Јусуфи, чиј мандат завршува за 20-ина дена, веќе осомничениот Зоран Теофиловски, скопската судијка Гордана Спиревска, струмичката Лорета Ѓоргиева, штипјанецот Сашко Георгиев, кумановецот Мирсад Сурои, експравобранителот Владе Богдановски, староновиот член од редот на ДУИ, Селим Адеми, новата членка на предлог на претседателот Стево Пендаровски, новоизбраната стручна соработничка, Весна Дамева, и стручниот соработник од правда, Миљазим Мустафа, исто така предлог на претседателот.

Овој состав на Советот е најслаб по квалитет и по функција бидејќи од формирањето во 1995 година не се случило мнозинството членови да се судии на основен суд, партиски кадри, кои никогаш не биле дел од судската власт, на телото кое ја оцнеува работата и на судии од Апелација и Врховен, каде што тие никогаш не влегле и не знаат како изгледа работа на повисок суд.