Вести

Скандал во изборот за член на Судски совет: еден кандидат се повлекол под притисок, а го гласаа

објавено:


Судиите збунети, но од рано наутро гласаа за избор за член во Судскиот совет, за едно место од заедниците, за кое беа пријавени двајца кандидати, скопскиот судија Артан Лимани од Граѓанскиот суд и гостиварскиот судија Ханиф Зендели, иако рано утрото дознале дека Лимани ја повлекол кандидатурата.

По објавување на вчерашниот текст, СВЕДОК доби информација дела Лимани ги повлекол документите во понеделникот попладне, но за тоа знаеле само во Судски совет, но не и судиите, а уште помалку изборната комисија реагирала и дала некакви напатствија.

Информацијата ни беше потврдена синоќа, а нашите извори не знаеја што ќе се случи со гласачките ливчиња на кои беа отпечатени имињата на двајцата кандидати.

Уште рано изутрина, до речиси 9.30 часот, во скопскиот суд од каде потекнува Артан лимани изгласаа 35 проценти од запишани 64 судии на избирачкиот список.

Судиите кои гласаа, не беа информирани дека Лимани се повлекол, а немаше никакво известување ниту на избирачката комисија.

Од избирачкиот одбор во скопска двојка ни рекоа дека до нив нема доставено никакво известување, тие делат ливчиња со имињата на двајцата кандидати, а што ќе се случува натаму нека одлучува Комисијата што ја води врховниот судија Исамедин Лимани.

За тоа дека Лимани се повлекол и претседaтелот на скопска двојка добил неофицијална информација утрово, но не и писмена потврда од било кого.

Претседaтелот на Судскиот совет Киро Здравев, на прашање на Сведок рече дека знае за повлекување на документите, но според него, тоа не е возможно во оваа фаза на постапката.

Според Здравев, штом тие ја потврдиле листатат, не може да има повлекување, а работата ја препушта на Комисијата која треба да ја реши.

Под реална претпоставка Артан Лимани да победи, иако се повлекол, бидејќи судиите гласаа за него, Здравев вели дека тие ќе го сметаат за член на Судски, иако тој може и тогаш да даде оставка, а целата постапка да се повтори.

Но, според Киро Здравев, тоа значи дека постапката ќе се повтори целосно, а тие ќе останат без еден член, затоа што на сегашниот Шемседин Јусуфи на крајот на неделава му истекува мандатот.

Судијата Артан Лимани повлекувањето го правда од лиќни причини, сепак, неговите колеги не веруваат во тоа и тврдат дека станува збор за притисок од ДУИ, да се избере гостиварскиот судија, а со тоа ДУИ би имала целосна контрола врз членовите Албанци во Советот.

Доколку биде избран Ханиф Зендели пак, тоа ќе значи клуч за кривичното одделение на гостиварска апелација, бидејќи и тој и Зоран теофиловски доаѓаат како членови од кривичниот оддел, па сега ќе нема кој да суди.