Став

НЕ БОЈАНЕ, НЕ БИДУВА ВЕТИНГ КАКОВ ШТО НАЈАВУВАШ, НИ ТРЕБА ЗАКОН ЗА РЕВИЗИЈА НА ИЗБОРОТ НА СУДИИТЕ!

објавено:


Македонија доби нова Влада, потскратена за неколку министри и мали изненадувања за министри, како Бојан Маричиќ, во улогата – министер за правда. Најмладиов министер за правда од независноста на Македонија (можеби помлад беше само еден времен министер од ДУИ) и нај неискусниот, кој нема ниту ден волонтирано, ни во суд, ниту во обвинителство или адвокатура, а не најдов ни дека положил правосуден, во неговата биографија, најавува ветинг за судиите и обвинителите, а моделот ќе се знаел во првите 100 дена!

Изборот на Маричиќ е меч со две острици: дека во клучни моменти добивме министер без искуство, кој не влегол во судница, кој не напишал решение, пресуда, не напишал жалба, а од друга страна пак, во ликот на министерот Маричиќ гледам полетен партиски член, кој од прв ден дава разни изјави за ветинг во правосудството, коментира судски одлуки или со еден збор, покажува неискуство на функцијата, кое неискуство може скапо да не чини.

Маричиќ ми е 15-тиот министер за правда од кога јас го следам овој сектор. Меѓу тие 15 министри, од кои 2 министерки, имало и малку полоши по искуство, како Џевдет НАСУФИ или Мери Младеновска, но имале барем некоја година повеќе старост.

Од досегашните министри, барем тројца беа доктори на науки, но кога ќе видам каков беше Пржинскиот договор или уредбите со законска сила во време на вонредна состојба кои паднаа на Уставен, си велам, дали навистина и вреди докторатот на уставната експертка, довчерашната министерка Рената Тренеска Дескоска, на која шефица на кабинет и беше Маинела Тушева Маричиќ, сопругата на сегашниов министер за правда, Бојан Маричиќ!

Некои мои колеги од портали, со длабоки конекции со луѓе од власта, воскликнуваа со наслови дека станувало збор за ДОБЛЕСТ, дека госпоѓата на министерот се повлекла од министерстввото за правда, а таткото на министерот ќе одел во пензија! Што има доблест да те префрлат во друго министерство, кога законски би било непотизам од најгруб вид да останела во правда, а таткото на министерот си оди во пензија зашто исполнил услови за тоа!

И така, младиот министер, кој до вчера беше во невладиниот сектор, и во кабинетот на премиерот, без ден стаж по судови и судници, прво што направи, тргна во офанзива со давање изјави да го прочистел судството и обвинителството, преку таканаречениот ветинг, ама моделот ќе се знаел за 100 дена!

Тема, која беше желба на владата на СДСМ и пред 2 години, но на која идеја се спротивстави ДУИ. И меЏународната, што би рекол еден професор.

Сега ДУИ молчи, а Маричиќ најавува ветинг на судии и обвинители, кои ќе биле разрешени поради застарени предмети или ако немаат потекло на имотот. Овде, разрешувањето ќе одело по автоматизам, а дополнително ќе се правела ревизија на 5 проценти од сите пресуди, по случаен избор.

Од ова, драг Бојене, нема да излезе ништо! Прво, затоа што никој не е толку наивен да не обезбеди покритие, на што упатуваат анкетните листови, каде што сите судии и обвинители имаат КРЕДИТИ со кои купиле станови или куќи, добиле НАСЛЕДСТВО, дале ПОЗАЈМИЦА или имаат вредни уметнички слики.

Затоа, џабе плашите „мечка со тенеќија“, од Вашава идеја ќе нема резултат.

Ако се сеќаваш Бојане, на она кафе пред 4 години што го пиевме јас, ти и Никола Димитров, во кафуле во центарот на Скопје, јас заговарав ВЕТИНГ но со Антикорупциска со одврзани раце и јасни ингеренции, со црвен телефон врзан со УЈП и Катастар од каде што за 5 минути ќе ги имаат сите податоци и ќе направат ветинг во сите власти, но со законска можност, со рокови, а не со партиски наредби!

Но, во законот за Антикорупциска, демек новиот и модерен, нема ништо од тоа што го зборувавме, па од таму, гледам, слушам, се смеам и се чудам, како извршната власт ќе и наложи на НЕЗАВИСНАТА Антикорупциска и на Судскиот совет да ја истераат владината агенда за ветинг на судиите и обвинителите, нели!

Како ќе се оправдате во Стразбур дека било кое идно разрешување не е иницирано од власта и не претставува мешање на власта во независноста на судството!? Прочитајте ја пресудата ВИОЛЕТА ДУМА ПРОТИВ РМ, а може и ПОПЧЕВСКА ГЕРОВСКА ПРОТИВ РМ, за да видите дека Вашата желба за ветинг не може да се спроведе без законски измени!

На сите ѕвона, драг министре најавуваш дека ќе се разрешуваат судии и обвинител на кои им застареле предметите! И тука те советувам да не брзаш, зашто нема да најдеш судија кој застарел предмет, посебно не кривични, а кој го имал кај себе од прием до застарување или пресудување.

Предметите застаруваат кога АПЕЛАЦИОНИТЕ СУДОВИ ЌЕ ГИ ВРАТАТ НА ПОВТОРНО СУДЕЊЕ ЕДНО ТРИ-ЧЕТИРИ ПАТИ, А СМЕАТ САМО ЕДНАШ, КОГА ПРЕДМЕТОТ ЌЕ СМЕНАТ 5-6 СУДИИ, што поради годишен распоред, кој бил унапреден, кој разрешен или пензиониран!

Еве, на пример, кого ќе разрешите што предметот ИЗГРЕВ се суди 15 години, или предметите за Армиското оружје, заа директорите на Телеком кои се во судница по над десетина години?

Ќе видите ли кој е крив што обвинението, на пример заа лекарска грешка се пушта 5 месеци пред застарување и застарува по 2 судења, без пресуда, а не пак жалба пред повисок суд?!

Но, за да го знае ова министерот треба да влегол барем неколку пати во судница! Со ич, ова не може да се знае! СО ТОА ШТО НЕМА ПОЛОЖЕНО ПРАВОСУДЕН ИПИТ, НЕ ГИ ПОЗНАВА НИ СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ, ПА СТАНУВА ЈАСНО ДЕКА ТОЈ ТРЕБА ДА СПРОВЕДУВА АГЕНДА ШТО ЌЕ МУ ЈА ДИКТИРААТ ПАРТИСКИ ШЕФОВИ. А ТАКА, ТЕШКО И НА ПРАВДАТА И НА РЕФОРМИТЕ.

Пред да се залеате со разрешување за застарени предмети, прочитајте ја пресудата на битоските судии, кои ги ослободија судиите и службениците од скопскиот кривичен суд во случајот ЈУСТИЦА, токму за застарените предмети. Таму државата плати милиони евра штета само за водење на судската постапка, па не е убаво да ги повторуваме грешките од блиското минато!

Деновиве, Маричиќ се изнаслика со сите функционери во судството, обвинителството, адвокатурата, споделија слики со поздрав со лакт, но и тука дојде до израз неискуството! Младиов министер, не знаеш дали ги викнал на кафе приватно, за да се слика со нив, или до толку е самоуверен, па сам оди на средбите, без ниту еден советник со него од соодветната област, што ниту е по протокол, ниту пак личи за човек без искуство, сам да дебатира за најстручните прашања во судство.

Во судството не се проблем само луѓето, треба да се менуваат законите, а некој треба да каже каде треба да плови бродот!

Затоа Бојане, не троши време ни на ветинг, ниту на ревизија на пресуди, за кои нема ни уставен, ни законски основ! Се знае кој може да направи ревизија, во кои постапки и во кој рок. Се што ќе биде направено надвор од постапката пред Врховниот суд, ќе биде упад во судството.

Ако не сакаш и ти да бидеш внесен во сите меѓународни извештаи како Михајло Маневски, запри се на време. Изјавата со која се впушташ во коментирање на пресудата за сообраќакјката кај Млечен, покажа дека брзоплетоста не е мудрост и покажуваш незнаење на поделба на власта и што смееш, а што не да коментираш за другата власт од оваа позиција.

Затоа, не губете време, ни 100 дена за ветинг, ако идејата ви е правите реформи. Наместо да се „џилиташ“ со писмото со задачи што ти го дал Зоран Заев (тотален аматер за право) седни, собери луѓе што разбираат и предложете Закон за ревизија на изборот на судиите од 2000 па наваму (оти ретки се тие избрани пред таа година, одат во пензија другите, и наложете му на независно тело, што ќе се формира од луѓе што се разбираат, да утврди кој и како експресно летал во кариерата, како од листите се избира 15-иот а не првиот, ако навистина некој сака прочистување на судството.

Зашто, во тоа судство, обвинителство беа избрани „мој до моега“, од тефтерчињата на Горде и Сашо, како Сафила Лаличиќ или Лидија Петровска, позната како Сваровски, па до Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов, Петранка Ташева и редица други од тефтерот на СДСМ и ДУИ пред неколку месеци.

Може тоа тело ќе ни даде одговор како Ѓоко Ристов стана судија на Апелација, а беше 10 на листа, сопругата му правобранител или како Лидија Зимбовска од 14 место отиде во Апелација, зашто го осуди Сеад Кочан или го ослободи тој што ја усмрти Маре Попева, секретарката од Врховен или оти избега од предметот „Јустиција“, или затоа што се дружи со Сафија Лаличиќ, судијката за која Заев јавно велеше „зарем Сафија Лаличиќ да ми суди?„. Да, министре, сите овие судат со голема поддршка на СДСМ.

Кога ќе ги разрешите сите кои биле избрани по разни заслуги, дури тогаш може да зборуваме дека некој има желба да го прочисти судството.

Се дотогаш, додека глумите големи мажи за судски реформи на дневна основа, од вас нема фајде! Како што немаше фајде ни од ГЕНЕРАЛНИОТ реизбор со кој не замајуваше Заев пред едни други избори.

Министер не е лесно да си, се надевам знаеш каде си се нафатил да дојдеш!

Деновиве верувам дека ќе те боли глава кава одлука да донесеш за екстрадиција на Швајцарецот кој над 50 дена е во истражниот затвор во Шутка, а постои опасност да почине поради серизно влошена состојба и потреба од операција.

Ако го испорачаш во Холандија и му го загрозиш здравјето, ќе ја налутиш Швајцарија. Ако си хуман пак, и го вратиш во Швајцарија, свесен си дека ќе ја налутиш Холандија во која си учел и која е многу информирана за се во судството. Од тој врел костен ќе зависи и колку време ќе се задржиш на функцијата! Тие ќе бараат одговорност, а не приказни како со ветингов.

Па, ти види што ќе направиш!