Вести

Власта награди судија со позиција во Уставен, Судски совет во вторник ќе го „устоличи“

објавено:


Владејачката СДСМ избрала кандидат меѓу судиите од редовното судство, кој во наредните 9 години ќе биде судија во Уставниот суд на Република Македонија.

Кандидатот на власта, во вторник треба да биде потврден про-форма од Судскиот совет и испратен на гласање во Парламентот.

Новиот судија, кој доаѓа од редовното судство, ќе го пополни местото нна Владимир Стојановски, кој од јуни оваа година, по завршување на мандатот се врати во Врховниот суд.

Стојановски остана без мандат уште во март, но го затече вонредната состојба, а во таква ситуација, според Устав, на судиите на Уставниот суд им се продолжува мандатот. Така, Стојановски остана до јуни на функцијата во Уставен, до завршување на вонредната состојба, по што се врати во Врховен од каде што дојде.

Екс уставниот судија имаше галопирачка кариера, од министерството за земјоделство, преку Бирото за судски вештачења, до Управниот, Вишиот управен суд и Врховниот па Уставниот суд, во кои не се задржуваше ни по 2-3 години, освен во Уставен каде што истера 9 години и 3 месеци.

Новиот судија, близок до СДСМ, нема толку галопирачка кариера како Стојановски низ повеќе институции, но ќе предизвика реакции во јавноста, посебно по некои од предметите на кои работел.

СВЕДОК нема да го објави името денеска, за да им остави простор на членовите на Судски совет во вторник да глумат „демократија“, да предлагаат и да изберат еден од судиите а тоа да не изгледа дека сите го знаат името, како што беше случајот кога Гордана Спиреска го предложи Александар Чичаковски за судија во Управен, а кого, како што рече, не го познавала, туку го гледала како ги води седниците на ДИК на телевизија и заклучила дека е најдобар да биде Управен судија.

За местото во Уставен неколку судии покажале и сами аспирации и лобирале кај власта и во Судски совет, а амбициите им оделе до таму, што на оваа функција сакале да заминат и актуелни членови на судскиот совет и една поранешна претседтелка на Врховниот суд, блиска до структурата на УБК која нелегално прислушуваше илјадници граѓани во Македонија.

Судијата, чие име ќе се утврди во вторник, треба да биде потврдено во парламентот. Има мандат од 9 години во Уставен, каде не важат одредбите за пензионирање, туку е врзано за мандат од 9 години.

За неколку месеци од Уставниот суд треба да заминат уште тројца судии кои се избираат преку Собраниската комисија за избори, во која СДСМ и ДУИ имаат мнозинство.