Вести

Судски ја вивна Кацарска во Уставен, била најдобра меѓу судиите

објавено:


Добрила Кацарска, судија од кривичниот суд во Скопје е предлог за судија на Уставниот суд, кој го утврди Судскиот совет едногласно и ќе го испрати на усвојување во Парламентот.

Кацарска треба да го пополни испразнетото место на Владимир Стојаноски кој од јуни е вратен во Врховниот суд по истек на мандатот.

За Кацарска дека ќе биде предложена во Уставен се знаеше од поодамна, а денеска, на седницата, откако Киро Здравев објасни дека треба да утврдат предлог за судија, единствена која се јави да предложи судија, беше Гордана Спиреска, која кога станува збор за промовирање на партиски кадри на СДСМ е задолжена да ги промовира.

Та ја предложи Кацарска, за која овој пат кажа дека ја познава, работеле заедно, посочи дека сите знаат на какви тешки предмети работела периодов, мислејќи на „Тенк“, „Транспортер“ и дека ги завршила.

Спиреска потсети дека Кацарска била и граѓански и кривичен судија и претседателка на скопскиот суд, и има речис 30 години искуство, а законот бара најмалку 15 години стаж.

Мандатот на судија во Уставниот суд е 9 години и тој не е врзан со староста на судијата. Кацарска има уште малку до редовно пензионирање.

По предлогот на Спиреска за Кацарска, никој во Советот не се осмели да даде друг предлог и таа беше утврдена за кандидат со 12 гласа, колку што беа присутни.

Претседтелот на Советот, Здравев, во изјава за медиумите рече дека правеле анализи за работата на судиите, имало предлози и за други судии, но претежнала Кацарска и затоа ја поддржале едногласно. како што рече, таа не е партиски кадар, туку професионалец и затоа очекува собранието да ја избере.

Додека ја даваше изјавата Здравев пред салата во Судски совет, внатре членовите се втурнаа во жолчна дискусија, на висок тон, што изгледаше како да се колат внатре.

Предлогот за Кацарска да биде уставен судија се совпаѓа со влегувањето на Гордана Јанкулоска во затвор, која ја осуди во предметот „Тенк“ заедно со Никола Груевски и Ѓоко Поповски.

Опозицијата цело време ја критикуваше Кацарска дека суди по нарачка, па дури и сите слабости во судството ги нарекува како „Кацарска судство“.

Оттука, очекувана е жестока дебата при нејзиниот избор во Собранието.