Вести

ВРХОВНАТА СУДИЈКА ИЛИЕВСКА ГИ ПОБЕДИ НАШИТЕ СУДОВИ - МОЖЕ ДА ОДИ КАЈ СОПРУГОТ СУДИЈА ВО СТРАЗБУР

објавено:


Врховната судијка Емилија Илиевска, по 4 годишна судска битка на релација Судски совет-Управен суд-Врховен суд, доби одлука дека домашните судови, во кои суди и самата, и го повредиле правото на заеднички живот, со тоа  што не и дозволиле да замина заедно со својот сопруг, кој е судија во Стразбур, а работното место да и мирува во Врховниот суд.

Откко Судскиот совет го одбил нејзиното барање за мирување на функцијата, за да може да живее со сопругот и синот кој заминал со таткото во Стразбур, врховната судијка поднела жалба до Управниот суд во кој била судијка, но судот ја одбил, а истото го сторил и Врховниот суд во кој сега суди.

Откако ги исцрпила правните аргументи, побарала заштита од Уставниот суд кој ја донел следнава О Д Л У К А:

1. СЕ УВАЖУВА барањето на лицето Емилија Илиевска од Скопје, застапувано од Славко Б. Секулов, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓанинот по основ на социјална припадност.

2. СЕ УТВРДУВА дека на лицето Емилија Илиевска од Скопје, со Решение бр.02-200/2 од 19.07.2018 година на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Решение УСПИ.бр.10/2019 од 16.10.2019 година на Управниот суд на Република Северна Македонија и Решение УСПИЖ.бр.17/2019 од 06.05.2020 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија, и е повредено правото на заеднички семеен живот како составен дел на правото на почитување на приватниот и семејниот живот гарантирано со член 40 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

3. СЕ ПОНИШТУВААТ:

– Решението бр.02-200/2 од 19.07.2018 година на Судскиот совет на Република Северна Македонија,
– Решението УСПИ.бр.10/2019 од 16.10.2019 година на Управниот суд на Република Северна Македонија и
– Решението УСПИЖ.бр.17/2019 од 06.05.2020 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

4. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Одлуката во корист на Емилија Илиевска била донесена со 6 гласа за и 2 против од 8 членови на Уставниот суд. Против биле претседтелот Сали Мурати и судијата Осман Кадриу, кои напишале и издвоени мислења.

Одлуката на Уставниот суд која е обемна и убаво образложена, содржи домашна регулатива која домашните судови погрешно ја ценеле, пракса на судот во Стразбур како и домашна пракса, која не ги убедила Судскиот совет, Управниот и Врховниот суд, дека и судиите како и сите други луѓе, се граѓани за кои важат одредбите од законот за работни односи, дека може да им мирува работниот однос/функцијата додека го придружуваат брачниот партнер упатен на работа во странство, во дипломатија, мисии, научни цели и слично.

Емилија Илиевска приложила и одлука на Основен суд Скопје 2, кој на сегашна врховна судијка и дозволил да го придружува сопругот амбасадор, како и мислење од Законодавно правната комисија дека законот важи и за судиите, но секаде била одбиена.

Во продолжение ви пренесуваме дел од нејзините аргументи што ги прифатил Уставен, а целосната одлука може да ја прочитате на линкот достапен на крајот од текстов.

Емилија Илиевска од Скопје поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјалната припадност, а во врска со остварување на право гарантирано со член 40 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

 

Подносителката е судија по професија, а судиската професија ја извршува во Врховниот суд на Република Северна Македонија.

На 11.10.2016 година, нејзиниот брачен другар бил избран за судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со мандат во времетраење од 9 години, сметано од 01.02.2017 година до 31.01.2026 година, а кај сопругот во Стразбур, заминал да живее и нивниот единствен син. По тој повод, на 05.02.2018 година, со писмен поднесок до Судскиот совет, подносителката истакнала барање да и мирува судиската функција, за времетраењето на должноста на нејзиниот брачен другар во странство, во кој посочила дека целта на барањето било нејзино вклучување кон семејната заедница, односно да може да живее заедно со сопругот и синот, со оглед дека нејзиното семејството на подолг рок ќе престојува во друга држава.

Со поднесокот до Судскиот совет, подносителката се повикала на членот 59 од Законот за судовите според кој судиите ги уживаат сите права од работен однос што им припаѓаат според закон, согласно што се повикала на член 152 став 3 од Законот за работните односи, каде било предвидено дека „на работник чиј брачен другар е упатен на работа во странство во случаите од ставот 1 на овој член (во рамките на меѓународно-техничка-соработка, просветно-културна и научна соработка, во дипломатски и конзуларни претставништва, на стручно усовршување или образование со согласност и за потребите на работодавачот), на негово барање, му′ мирува работниот однос и има право во рок од 15 дена од денот на престанувањето на работата на неговиот брачен другар во странство да се врати на работа кај работодавачот за вршење работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

Судскиот совет со Решение бр.02-200/2 од 19.07.2018 година, го одбил нејзиното барање како неосновано. Во образложението на Решението, Судскиот совет навел дека во конкретниот случај станувало збор за мирување на судиска функција, кое право не произлегувало од Законот за работните односи, туку од Законот за судовите во кој законодавецот таксативно навел во кои случаи на судијата му мирува судиската функција, а тоа бил член 53 став 1 од Законот за судовите, со кој било предвидено дека ако судијата е именуван или избран за член на Судскиот совет на Република Македонија, судија на меѓународен суд, судија на Уставен суд, Јавен обвинител на Република Македонија, директор или заменик директор на Академијата за судии и јавни обвинители, судиската функција му мирува за времето додека ја врши должноста за која е именуван, односно избран. Според заклучокот на Судскиот совет во конкретниот случај lex specialis бил Законот за судовите во кој било уредено правото на мирување на судиската функција на судија, а со оглед дека таа како судија, не била именувана или избрана за судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, туку нејзиниот сопруг, не можело да се примени одредбата од член 152 став 3 од Законот за работните односи.

Незадоволна од решението на Судскиот совет, подносителката повикувајќи се на посебните одредби (членови од 55 до 65) на тогаш важечкиот Закон за управните спорови („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005 и 150/2010), посветени на заштитата на слободите и правата, до Управниот суд поднела предлог за заштита на повредено право гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права.

Во предлогот, подносителката образложила дека со одбивањето на нејзиното барање од страна на Судскиот совет, била спречена во остварувањето на право на семеен и приватен живот заштитено со член 40 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права, со нејзино дискриминирање по основ на професијата којашто ја врши, а во однос на сите други лица вршители на професии, но и со нејзино нееднакво третирање во однос на друго лице, исто така судија, на кое му′ било уважено барањето за мирување на судиската функција и правата и обврските од работниот однос, за времетраењето на должноста на нејзиниот упатен брачен другар на работа во странство. Посочила и дека невоедначената практика во решавањето на вакви чувствителни прашања, претставувало повреда на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Подносителката пред судовите се повикала и на Извештај од Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Северна Македонија, од кој можело да се согледа дека во однос на членот од Законот за судовите којшто уредувал дека судиите ги уживаат сите права од работен однос што им припаѓаат според закон, според Законодавно-правната комисија, овој член бил јасен и немало дилема дека судиите ги уживаат сите права од работен однос, вклучително и правото од Законот за работните односи, коешто се однесува на мирување на работниот однос на работникот од семејни причини, кога брачниот другар на работникот е упатен на работа во странство. Се повикала и на пресуди на Европскиот суд за човекови права во кои Судот изразил ставови по прашањето за вмешување на јавните власти во правата од членот 8 (правото на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Со предлогот, подносителката му′ предложила на Управниот суд да го усвои барањето за заштита на право загарантирано со Уставот, да го поништи Решението на Судскиот совет бр.02-200/2 од 19.07.2018 година со кое е одбиено нејзиното барање за мирување на судиската функција и да го задолжи Судскиот совет да донесе решение за мирување на нејзината судиска функција додека трае мандатот на нејзиниот сопруг како судија на Европскиот суд за човекови права и истото да го достави на претседателот на Врховниот суд каде што ја врши судиската функција, за донесување на решение за мирување на нејзиниот работен однос како судија на Врховниот суд.

Управниот суд со Решението УСПИ.бр.360/2018 од 28.11.2018 година, го одбил предлогот за заштита на уставно загарантирано право, како неоснован, против кое подносителката изјавила жалба до Врховниот суд, кој со Решение УСПИЖ.бр.2/2019 од 08.05.2019 година, ја уважил жалбата и го укинал погоре наведеното решение на Управниот суд. Управниот суд донел ново Решение УСПИ.бр.10/2019 од 16.10.2019 година, со кое повторно го одбил нејзиното барање како неосновано, против кое, подносителката повторно вложила жалба до Врховниот суд, кој потоа со Решение УСПИЖ.бр.17/2019 од 06.05.2020 година, ја одбил жалбата како неоснована и го потврдил Решението на Управниот суд УСПИ.бр.10/2019 од 16.10.2019 година.

Подносителката наведува дека Врховниот суд при повторното одлучување по нејзината жалба, навел дека со Решението на Судскиот совет, не и било повредено правото на семеен живот и дека правилно било стојалиштето на Судскиот совет во однос на тоа дека за барањето за мирување на судиска функција, lex specialis бил Законот за судовите којшто во член 53 став 1, ги предвидел условите под кои било дозволено мирување на судиска функција и дека одредбите со коишто се регулирало мирувањето на работниот однос од член 152 став 3 од Законот за работните односи, на кои подносителката се повикувала, немале примена бидејќи Законот за судовите не предвидувал можност да се дозволи мирување на судиска функција заради вршење функција во странство на брачен другар. Исто така заклучил и дека со тоа што на подносителката и било одбиено барањето за мирување на судиската функција, коешто право било регулирано со определен закон, не можело да се прифати дека како судија би се нашла во нерамноправна положба наспрема правото коешто го давал Законот за работните односи.

Во барањето подносителката наведува дека за Врховниот суд, ирелевантна била дотогашната судска практика околу позитивното решавање на истото прашање, бидејќи во нејзиниот случај Законот за работните односи не бил соодветен, за кое lex specialis бил Законот за судовите.

Во продолжение на барањето доставено до Уставниот суд, подносителката ги цитира членовите 8, 9, 40, 54 и 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 8 и 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, изложувајќи ги причините поради кои пред Уставниот суд истакнува барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот по основ на социјалната припадност што ја опфаќа и професионалната положба, односно професионалниот статус на граѓанинот.

Според наводите во барањето, причините за одбивање на нејзиното барање, посочените органи ги засновале на фактот што таа била судија по професија и со тоа не можела да ги ужива правата од Законот за работните односи, туку само правата од Законот за судовите, бидејќи според органите тој бил lex specialis со кој се уредувало правото на судијата да му′ мирува судиската функција, иако членот 59 од Законот за судовите јасно уредувал дека судиите ги уживаат сите права од работен однос што им припаѓаат според закон, а со тоа и Законот за работните односи. Воедно, органите не се впуштиле по нејзините наводи за заштита од повредено право гарантирано со член 40 став 1 од Уставот и членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Подносителката нагласува дека уставната гаранција за посебна грижа и заштита на семејството од член 40 став 1 од Уставот, законодавецот ја ефектуирал преку член 152 став 3 од Законот за работните односи, посветен на институтот мирување на работниот однос на работникот од семејни причини, со цел работникот да може по негово барање, времено да му′ мирува работниот однос, додека остварува заеднички семеен живот со брачниот другар во странство, односно за времетраењето на должноста на брачниот другар во странство.

Понатаму се наведува дека државата, токму водејќи грижа за уставно загарантираното право на семејство и семејно обединување (family reunification) како и правото на приватен живот, во своето законодавство го предвидела и уредила правото на мирување на работниот однос на работник чиј брачен другар бил упатен на работа во странство од член 152 став 3 од Законот за работните односи. Членот 59 од Законот за судовите уредувал дека судиите ги уживаат сите права од работен однос што им припаѓаат според закон, од што јасно произлегувало дека судиите го уживале и правото на мирување на работниот однос по основ на упатен брачен другар на должност во странство, а каков што бил нејзиниот случај и како што по истиот основ, друго лице, исто така судија, остварило вакво право.

Во барањето, подносителката наведува дека одредбата од член 53 став 1 од Законот за судовите (ако судијата лично е именуван или избран на должностите наведени во членот од Законот, за што ќе му мирува судиската функција) којшто Судскиот совет, Управниот суд и Врховниот суд го зеле како основ за одбивање на нејзиното барање, не го исклучувала правото на мирување на судиската функција по основ на цитираниот член 59 од Законот за судовите во врска со член 152 став 3 од Законот за работните односи, а како што го толкувале и примениле Судскиот совет и судовите, што резултирало со неможност таа да замине кај брачниот другар и синот и да оствари заеднички семеен живот.

Членот 59 од Законот за судовите овозможувал судијата да ги ужива сите права од работен однос, оттаму таа го уживала и правото од работен однос коешто побарала да го оствари според член 152 став 3 од Законот за работните односи. При ова, таа најпрво морала да се обрати до Судскиот совет со барање да и мирува судиската функција (Судскиот совет најпрво го избирал лицето за вршење на судиска функција, а потоа судијата засновал работен однос во судот во кој е избран) следствено на што претседателот на Врховниот суд, кој бил и член на Судскиот совет по функција, донесувал решение за мирување на правата и обврските од работниот однос на судијата во судот каде што работел. Мирувањето на судиската функција би довела и до мирување на работниот однос во судот во кој судијата ја вршел судиската функција, така што одлуката за мирување на судиската функција била предуслов за мирување на правата од работен однос.

 

ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ВО ЦЕЛОС може да ја прочитате на следниов линк подолу, каде што се и издвоените мислења на судиите Сали Мурати и Осман Кадриу.

http://ustavensud.mk/?p=20290&fbclid=IwAR1crcLKsBDWS6_-EBB8K05mq_ZW_FdmAqb0jXJzb1Wu59Q1xsTf0GR8CHs