Новинарски истражувања

ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ СУДИЈАТА МУСТАФА ШАХИНИ, КОЈ ВРАТИЛ ПЛАЖИ НА СТРУШКИОТ БРЕГ НА РОДНИНИ

објавено:


Судијата Мустфа Шахини, на свои роднини во Струга, незаконски им вратил имот покрај брегот на езерото, злоупотребувајќи ја својата судиска функција, и тоа во предмет каде што им бил адвокат на странките пред да стане судија. За една недела, по две години водење постапка, ќе има прво судење.

Судијата од Управниот суд, Мустафа Шахини, за кој Судскиот совет не дозволи притвор, туку само суспензија, требаше да замине во пензија, но побара продолжување на мандатот, Советот му дозволи и сега, зема судиска плата, не работи, и ги одбегнуваше поканите на судот. Пред еден месец е формиран жалбен Совет во Врховниот суд кој треба да разгледува неговата жалба на разрешувањето.

Од Управниот суд со ждрепка се извлечени судиите Ѓоко Живковски и Едита Насковска, кои ќе бидат во 9 члениот жалбен совет.

Обвинителката Маја Конеска од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за една недела ќе докажува во Кривичниот суд во Скопје, дека судијата Мустафа Шахини од Управниот суд во Скопје, ја злоупотребил својата позиција и на негови роднини, на кои претходно им бил адвокат за истиот случај, сега, како судија им вратил денационализиран имот покрај езерскиот брег во Струга, иако не смеел да го стори тоа.

Судијата Шахини е од Струга. Тој порано работел како адвокат и застапувал свои роднини во предмет за денационализација, каде што барал да им се врати земјиштето, иако државата тврдела дека кога бил одземен имотот на сопствениците им биле дадени пари и затоа, не може да се врати одземениот имот.

СУДИЈАТА СИ ГО ПРОМЕНИЛ ПРЕЗИМЕТО ПРЕД ДА ГО ИЗБЕРАТ ВО УПРАВНИОТ СУД

Во меѓувреме, струшкиот адвокат, кој тогаш имал друго презиме (го сменил презимето пред да биде избран за судија, што наведува на заклучок дека полесно би бил избран со презиме кое повеќе асоцира на друга етничка заедница), бил адвокат на луѓето што барале враќање на земјата, кои биле негови роднини, а откако го избрале за судија, предметот му бил даден него во работа, иако тоа е спротивно и на законот и на судскиот деловник и морал д бара изземање.

Но, како што тврди обвинителството, тој ги прикрил фактите дека бил адвокат во предметот, дека тужителите му се роднини и продолжил да го работи предметот, како судија, кој во исто време бил и претседател на Советот на судии што требало да одлучуваат.

Според обвинението, по кое се очекува да почне судењето за една недела, судијата Мустафа Шахини,  во периодот од 10 септември 2018 година до 24 јануари 2019 година ја искористил својата службена положба и овластување, како судија на Управен суд во Скопје, во кој бил избран за судија во ноември 2007 година.

Тој, со намера да прибави корист за своите роднини М.А. и А.Д.А, на кој им бил адвокат пред да го изберат за судија и ги застапувал нивните интереси во оставинската постапка и во постапката пред Комисија за одлучување по барањата за денационализација за општините Охрид, Струга и Ресен со седиште во Охрид, продолжил да постапува по предметот и во Управниот судија, каде што бил судија и претседател на совет на судии.

 За предметот на неговите роднини, спротивно на сите законски прописи, донел пресуда на 13.12.2018 година со која одлучил имотот во сопственост на државата Република Македонија со површина од 1.958.49 м2  и со вредност од 12.044.713,00 денари да се додели во корист на неговите роднини и поранешни клиенти. Со истата пресуда било  одлученоо и да се досудат обврзници во вредност од 119.700,00 денари во корист на тужителите.


Со оваа одлука, според обвинителот, судијата Мустафа Шахини посташил спротивно на чл.7-а од Законот за управни спорови в.в. со чл.64 ст.1 т. 1, 3 и 6 од Законот за парнична постапка, на чл.25 ст.1 в.в. чл.23 ст.3 од Закон за управни спорови, чл.180 од Законот за парнична постапка, чл.29 од Законот за управни спорови, чл.4 ст.1 т.50 „Законот за води“, на чл.1 од „Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро“ и на чл.326 од Законот за парнична постапка.

Во истрагата било утврдено дека, по спроведена постапка за експропријација на земјиштето со спогодба на Записник во Собрание на Општина Струга, отсек за имотноправни работи, од 14.04.1987 година на правниот претходник  А.В. од Струга, веќе му бил утврден надомест за одземеното земјиште за чија висина се согласил.

Судијата на Управниот суд Мустафа Шахини, со ваквите дејства што ги презел нанел штета на буџетот на Р. Македонија во износ од 12.164.413,00 денари или околу 200.000 евра.

ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО ВО СУДСКАТА ПОСТАПКА?

Во септември 2018 година, тужителите М.А.и А.Д.А. роднини на судијата, сега преку нов адвокат, поднеле тужба по основ - молчење на администрација до Управниот суд во Скопје против Министерството за финансии – Комисија за одлучување по барањата за денационализација за општините: Битола, Демир Хисар, Прилеп, Велес, Крушево, Македонски Брод, Охрид, Струга, Ресен и Битола со седиште во Битола и предмет му бил доделен во работа на обвинетиот Мустафа Шахини, по што, сега обвинетиот, како судија, постапил спротивно на Законот за управни спорови и Законот за парнична постапка, па иако бил должен да се изземе поради роднински врски со тужителите и како нивен поранешен адвокат, не само што не се иззел од постапувањето по предметот и не го известил Претседателот на Управниот суд за таквите законски пречки, туку започнал да презема дејствија по предметот.

Со ова, судијата постапил спротивно на чл.25 ст.1 в.в. чл.23 ст.3 од Закон за управни спорови, така што не го повикал тужителот во оставен рок да ги отстрани недостатоците од тужбата, бидејќи тужбата била доставена само во два примероци, еден примерок за судот и еден за Комисија за одлучување по барањата за денационализациј, со седиште во Битола, иако од позиција на судија во Управен суд знаел дека во конкретниот предмет еден примерок од тужбата треба да биде доставен до Државното правобранителство на Македонија кое има право на одговор на тужба.

Во текот на претходната постапка било утврдено дека судијата постапил и спротивно на чл.25 ст.1 вв со чл.23 ст.3 од Закон за управни спорови бидејќи не ја отфрлил тужбата како неуредна, туку на 13.09.2018 година, три дена по приемот, тужбата ја доставил на одговор до Министерот за финансии преку Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во битола, и до Државното правобранителство во Битола, наместо до надлежното Државно правобранителство во Струга.

Откако добил одговор само од Претседателот на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација од Битола, во прилог со нивното Решение со кое е одбиено барањето за денационализација, обвинетиот како Претседател на совет – судија, писмено го известил полномошникот на тужителите за добиената одлука и барал да се произнесат по повод одлуката на Комисијата. Адвокатот на тужителите, роднините на судијата Шахини, до Управниот суд доставил поднесок со кој го известува судот дека тужбата поднесена поради молчење на администрација ја проширува и кон Решението на Комисијата и бара Управниот суд да донесе одлука во корист на тужителите.

Судијата Шахини, како Претседател на совет – судија, иако согласно на чл.180 од Законот за парнична постапка и чл.29 од Законот за управни спорови бил должен, вака уредената тужба  да ја достави до надлежното Државно  правобранителство на Македонија за подрачје Струга, на одговор, тужбата не ја доставил, па со истата намера, а злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, во рок од 3 дена, на 13.12.2018 година како Претседател на совет – судија донел пресуда со која одлучил спротивно на чл.4 ст.1 т.50 „Законот за води“ и спротивно на член 1 од „Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро“ .

Иако недвижниот имот не смеел да биде вратен во приватна сопственост, бидејќи како крајбрежен појас – плажа претставува јавно добро, предметниот недвижен имот што претставува градежно неизградено земјиште во Струга со површина од 1958 м2, заведена на име на Република Македонија во имотен лист за Струга, го вратил во сопственост на тужителите, со што одлучил во нивна корист.

ПЛАЖАТА ВРАТЕНА И ОДМА ПРОДАДЕНА НА ДРУГ ЧОВЕК


Покрај враќање на плажата, на неговите роднини им досудил и надомест во вкупен износ од 119.700,00 денари во вид на обврзници, иако по спроведена постапка за експропријација на земјиштето со спогодба, на записник во Собрание на Општина Струга Отсек за имотноправни работи од април 1987 година на правниот претходник  А.В. веќе му бил утврден надомест за одземеното земјиште за чија висина тој се согласил.

Обвинителството тврди дека судијата Шахини, со намера да причини штета на имотот на Р. Македонија оневозможил заштита на имотните права и интереси на Републиката, бидејќи спротивно на одредбите од Законот за парнична постапка во пресудата од 13.12.2018 година како Претседател на советот - судија, не внел доставна наредба со која примерок од Пресудата задолжително треба да биде доставен до надлежното Државно правобранителство за подрачје Струга, заради право на жалба.

Бидејќи надлежното Државно правобранителство за подрачјето на Струга не дознало за пресудата и не поднело жалба, еден месец подоцна, на 24.01.2019 година, судијата Шахини со својот потпис овозможил пресудата да стане правосилна.

Штом ја добиле пресудата, роднините на судијата, на 19.02.2019 година, извршиле упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижности при Агенцијата за катастар на недвижности Имотен за КО Струга, каде се впишани како сопственици на имот во површина од 1958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713,00 денари, со што во тој паричен износ стекнале корист, а воедно стекнале корист и од досудените обврзници во вредност од 119.700,00 денари, или севкупна противправна имотна корист за значителен износ од вкупно 12.164.413,00 денари, на штета на Буџетот на Р.Македонија.

Роднините на судијата на 28.02.2019 година, 9 дена откако станале газди на плажата во Струга, склучиле Договор за купопродажба на имотот со лицето Б. К., познаник на судијата Шахини, кој го купил имотот и до даночното одделение на Општина Струга истиот ден поднел даночна пријава, по што, на 05.03 2019 година, надлежната служба на Општина Струга му издала Решение за утврдување даночна основа за  пресметан данок на промет на недвижност вовисина од 8.966.700,00 денари и данок во висина од 269.001,00 денари.

СУДИЈАТА СО МЕСЕЦИ ПРИМА ПЛАТА, НО НЕ БЕШЕ ДОСТАПЕН ЗА СУДОТ

Со ова, според обвинението, судијата на Управниот суд Мустафа Шахини, сторил кривично дело  „Злоупотреба на службената положба и овластување“ казниво по чл.353 ст.5 вв ст.3 и ст.1 од КЗ.

Обвинението против судијата Шахини во Кривичниот суд во Скопје, според податоците на Сведок е поднесено на 5.12.2019 година, но тоа 8 месеци не можеше да биде оценето и процесуирање за судење, бидејќи обвинетиот судија не ги примал известувањата од судот што му биле доставувани на двете адреси што ги доставило обвинителството и во Скопје и во Струга.

-Поради неможност да се достави известување до обвинетиот за поднесеното обвинение, обвинителниот акт во целост е одобрен на седницата на судот одржана дури на 2.7.2020 година- одговори Јавното обвинителство на барање на Сведок до каде е постапката против судијата. Судењето ќе биде во текот на ФЕВРУАРИ 2021 ГОДИНА.

Јавниот обвинител кога ја отвори истрагата, бараше притвор за судијата Мустафа Шахини, но Судскиот совет не дозволи негово притворање. Неколку седмици подоцна, повторно на барање на обвинителот, донесе одлука за негова суспензија, но не отвори постапка за негово разрешување. Во меѓувреме, судијата исполни услови за пензионирање, но користејќи ја можноста во законот, побара од Судскиот совет да биде продолжен неговиот работен однос до 67 години старост.
Судскиот совет го прифати барањето на суспендираниот судија Шахини и донесе решение да му дозволи да има статус на судија додека не наполни 67 години.

Во меѓувреме, судијата додека се водеше истрагата, иако не одеше на работа, примаше судиска плата, а наскоро треба да седне на обвинителна клупа и да одговара за незаконското враќање на плажата на неговите роднини од Струга.

 

 

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Корупција во судството, судството за корупцијата„ што го спроведува СВЕДОК. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.