Новинарски истражувања

Се бараат 8 „мажи“ во Судски Совет што ќе гласаат за суспендирање на членот Зоран Теофиловски

објавено:


Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во декември 2020 година поднесе обвинение против Зоран теофиловски, член на Судскиот совет и неколку службеници од Тетово. Теофиловски се уште е член на Судскиот совет, гласа за избор и разрешување на судии. За него, треба да се најдат 8 „мажи„ во Судскиот совет, кои треба да гласаат за негова суспензија штом стане правосилно обвинението.

Но, зошто би го суспендирале, кога, Советот кој го заштити да не оди во притвор, го користеше како глас и за избор на претседтелка на Врховен и за разрешување на судии. Или, народски кажано, идеален гласач, гласа за тоа што ќе му се каже!

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција 12 месеци водеше истрага за 8 лица од Тетово, на чело со членот на Судскиот совет и судија во Апелациониот суд во Гостивар, Зоран Теофиловски, кои злоупотребиле државен имот и го оштетиле буџетот на Република Македонија.

Обвинителството бараше и притвор, но, овој случај е еден од правните преседани, каде што судија кој е избран на друга функција и на кого му мирува судиската функција, се повика на судиски имунитет (кој го нема) и неговите колеги во Судскиот совет не дозволија да оди во притвор.

Ваквиот правен преседан е непознат во македонската судска и правна пракса, па се очекува Врховниот суд, пред кого треба да се најде предметот на разгледување, да им укаже на пониските судови и на Судскиот совет дека флагрантно го прекршиле Уставот, законот за судови и законот за Судски совет, со тоа што одлучувале по „судски имунитет“ кој судијата на гостиварска апелација го изгубил (ставен во мирување) кога дал заклетва пред Претседателот на Собранието дека преминува на нова функција, член на Судскиот совет, на која биил избран од страна на судиите на апелационото подрачје Гостивар, судовите во Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар.

НАНЕСЕНА ШТЕТА НА БУЏЕТОТ ОД НАД 860 ИЛЈАДИ ЕВРА

Но, да видиме што открило Обвинителството, какви злоупотреби направил судијата Теофиловски и групата околу него?

Се почнало кон крајот на месец август 2011 година, кога судијата Зоран Теофиловски  првоосомничен во случајов, тогаш како одговорно лице,Претседател на спортско здружение од Тетово, поднел лажни документи со кои сакал да изврши упис на право на сопственост и да почне постапка за легализација на објект во Тетово.

-На ваков начин, осомничениот Зоран Теофиловски сакал противправно да се стекне со имот – наведува обвинителството.

-Кон барањето за утврдување на правен статус на непостоечки објект, до Општина Тетово, приложил нотарски заверена изјава во која лажно изјавил дека станува збор за објект изграден во 1995 година и геодетски елаборат изготвен од второосомичениот во кој е прикажан непостоечкиот објект во површина од 122 м2 – утврдило обвинителството. 

Со истрагата, покрај судијата Теофиловски, опфатени се и геометар, службеници во Општина Тетово и државните служби за легализација, кои што изготвувале лажна документација дека постои наводно бесправно изграден објект, на атрактивна локација, во близина на автобуската станица и спортскиот центар во Тетово.

 

Надлежен обвинител од  Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело  – Злоупотреба на службена положба и овластување предвидено и казниво по член 353 став 5 од Кривичниот законик во декември 2019 година и побара притвор за нив.

На почетокот на 2012 година, постапувајќи по поднесеното барање на судијата Зоран Теофиловски две осомничени лица како членови на надлежната Комисија, ја злоупотребиле својата службена должност, со тоа што извршиле увид на лице место и изготвиле записник, внесувајќи невистинит податок дека на парцелата постои бесправно изграден објект што претставува градежна и функционална целина.

Подоцна, третоосомничениот со искористување на својата службена положба и овластување, иако знаел дека постојат правни пречки за издавање на урбанистичка согласност и продолжување на постапка за утврдување на правен статус за непостоечки бесправно изграден објект, изготвил и потпишал Урбанистичка согласност на име на непостоечко правно лице.

Истрагата утврдила дека правниот наследник на спортското здружение е регистриран во Централниот регистар на РМ три месеци по донесување на урбанистичката согласност, што покажува дека целата постапка се водела на лажни документи кои потоа биле „легализирани“ или антидатирани.

Во декември 2012 третоосомничениот изготвил и потпишал Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект.

Во меѓувреме, кога постапката за легализација се уште не била завршена со правосилен акт, шесто осомничениот, како управител на  Друштвото за спортски активности, со намера да прибави противправна имотна корист за правното лице, поднел  Барање за купување градежно земјиште сопственост на РМ.  Со барањето приложил Извод од ДУП што по негово барање противзаконски бил изготвен од страна на трето осомничениот, вработен во општина Тетово, кој внел невистинити податоци во планот.

Постапувајќи по барањето за приватизација, административен службеник е осомничен дека извршил увид на предметната парцела и со искористување на својата положба и овластување изготвил Записник, во кој внел невистинити податоци, по што предметот го доставил на понатамошно постапување.

По добивање на Записникот, еден од осмоосомничените, кој постапувал по предметот, наместо да го одбие заради неисполнување на законските услови за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, без извод од урбанистички план и без донесен ДУП, изготвило решение за приватизација на градежното земјиште.

На овој начин осомничените овозможиле правното лице кое го претставувал судијата Зоран Теофиловски, сега член на Судскиот совет, да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4.410 м2 откупувајќи го по цена од 43 денари за 1м2 или во вкупна вредност од 188.307,00 денари.

На ваков начин, според пресметката на обвинителството нанесена е штета на Буџетот на Република Македонија во вредност од 52.920.000 денари или 860.500 евра.

СУДИЈАТА НЕ ГИ ПРИФАТИ БАРАЊАТА ЗА ПРИТВОР ЗА ОСОМНИЧЕНИТЕ

Обвинителот кој постапува по предметот на 30 декември 2019 година до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за шест од осомничените и мерки на претпазливост за двајца од осомничените.

Предлогот на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување на мерката притвор за шестмината осомничени не беше прифатен од страна на судијата, туку на четворица им определи мерка куќен притвор, а за еден осомничен мерки на претпазливост.

Судијата Зоран теофиловски, кој два дена беше во бегство, по појавувањето кај судијата, се повикал на судиски имунитет, кој де факто го немал од моментот кога станал член на Судскиот совет, но судијата, наместо да ја продолжи постапката и да донесе соодветно решение, го известил Судскиот совет и му го препуштил предметот на одлучување.

Судскиот совет, на итна седница на 31 декември 2019 година, одлучи само да му го симне судскиот имунитет и да дозволи да се води постапка, но без да му се определи притвор.

Судијата Седат Реџепагиќ, кој по закон бил должен да го игнорира мислењето на Судскиот совет, кој не е надлежен да одлучува за имунитет на член на судски совет (бидејќи во 2005 година е укинат имунитетот на членовите на Судскиот совет), го прифатил ваквото мислење и не одлучувал понатаму по барањето на Обвинителството за определување на притвор или било каква друга мерка на обезбедување за Зоран Теофиловски, со што, тој непречено продолжил да оди на работа и да учествува во оценување, унапредување, избор и разрешување на судиите.

КАКО СУДСКИОТ СОВЕТ УСПЕА ДА ГО ЗАШТИТИ ТЕОФИЛОВСКИ СПРОТИВНО НА ЗАКОН

Правната јавност е уверена дека Судскиот совет го заштити својот колега Зоран Теофиловски со наводен судиски имунитет, иако според уставните и законските решенија јасно е дека немал основ за такво одлучување.

Уште во 2005 година, кога биле усвоени амандманите за измена на Уставот, бил променет и членот кој предвидувал дека членови на Судскиот совет имаат имунитет што ги штити од кривично-правен прогон и притвор.

Оттогаш наваму лицата именувани на оваа функција во судскиот совет немаат имунитет. Советот кој му одзеде имунитет на членот Зоран Теофиловски за да овозможи водење кривична постапка, но не и за да оди во привор, се брани велејќи дека постапува спред Законот за судски совет. Но, во законот е предвиден имунитет за судии, но не и за членови на Судскиот совет.

Теофиловски, иако доаѓа од судската фела, во овој момент не е судија, бидејќи со изборот да биде дел од советот судиската функција му е во мирување, а со тоа и правата што ги уживал.  Обвинителството e убедено дека осомничениот член на Судскиот совет, нема имунитет и одлука за притвор може да донесе само судот, но не и Судскиот совет.

Уставот пред неговата измена во 2005 година во членот 104 предвидувал дека:

„Членовите на Републичкиот судски совет уживаат имунитет. За нивниот имунитет одлучува Собранието“.

Со уставните измени што биле изгласани во Собранието во 2005 година, преку амандман, членот кој на Судскиот совет му овозможуваше да се повика на имунитет е целосно изменет, а со тоа и можноста да се спасат од евентуален кривично-правен прогон, но и притвор, ако тоа е побарано против нив.

Споредба може да се направи со членот 100 од Уставот кој им дава имунитет на судиите. Иако и тој претрпил измени со амандмани, во истиот период кога им се одзел имунитетот на членовите на Судскиот совет, членот и натаму ги штити судиите од кривично-правен прогон, а е променет и делот за начинот на кој се одобрува притвор и симнување имунитет на судија, како и во делот кој треба да одлучи за тоа.

Судејќи според законските и уставни измени од 2005 година, неминовна е дилемата како Судскиот совет одлучувал за судискиот имунитет на Теофиловски, кога тој не извршува судиска функција, бидејќи истата му е ставена во мирување од денот кога бил избран за член на Советот, а имунитетот на членовите на Советот е укинат пред 15 години?!

 

Судскиот совет објави дека дека одлучувал според одредбите на законот за судови. Но, не одговори на прашањето дали членовите на Судскиот совет уживаат имунитет, како и дали имунитетот на судиите важи кога се товарат за дело што не е поврзано со судиската функција или веќе се на друга функција, како во случајов!

-По претходно поднесено барање од судијата на претходна постапка, Судскиот совет на РСМ да одлучи за одземање на имунитетот, да се произнесе по барањето за определување мерка притвор на судија член на Судскиот совет на РСМ, Советот одлучи врз основа на член 36 став 1 алинеја 8 во врска со член 99 став 1 од Законот за Судски совет на РСМ“, е одговорот на Судскиот совет.

Членот 36 став 1 алинеја 8, на кој се повикува Советот, гласи:

 „Советот е надлежен да одлучува за одземање на имунитет на судија“.

Затоа, без одговор останува прашањето, како членовите на Судскиот совет одлучувале за одземање на имунитет на судија, кој во тој момент врши друга функција, член на Судскиот совет?!

Иако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, и натаму очекуваше судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ да одлучи по нивниот предлог за определување притвор на Теофиловски, тоа не се случи. Судијата не донесе никаква одлука откако Советот не дозволи определување притвор.

-Одлуките ги носи судијата а не Судскиот совет – е ставот на обвинителството, кое преку заштита на законитоста бара Врховниот суд да одлучи дека е повреден законот и незаконски е заштитен судија, кој во моментот не вршел судиска функција, туку член на Судски совет и на тој начин им ја отежнал истрагата.

За долгото водење на истрагата придонесе и ситуацијата со Ковид-19, време во кое судовите и обвинителствата работеа само итни предмети (иако и овој предмет со изречени мерки на претпазливост се смета за итен).

-Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителество за гонење на организиран криминал и корупција постапува по предметот во кој е осомничен член на Судскиот совет. Предметот е во истражна постапка и се прибираат материјални докази. Имајќи ја предвид вонредната состојба, но и задолжителните мерки по истекот на вонредната состојба, поради намалениот обем на испитување на странки, дел од лицата инволвирани во предметот не се сослушани. По создавање на можноста за нивно испитување и пристигнувањето на побараните докази ќе биде донесена јавнообвинителска одлука-одговорија за СВЕДОК од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Истрагата беше завршена со поднесување на обвинение во декември 2020, една година подоцна, но истото не е правосилно.

-Уште течат роковите за приговор на обвинението за дел од обвинетите во предметот кои последни ги примиле списите и затоа не е оценето обвинението - соопштија од Кривичниот суд за Сведок.

По правосилноста, СОВЕТОТ, СО ОДЛУКА за која треба да гласаат најмалку 8 членови, треба да го суспендира Теофиловски.

Според податоците на Државната комисија за спречување на корупцијата, Зоран Теофиловски поднел два анкетни листови за неговата имотна состојба и тоа, кога бил избран за судија во Апелациониот суд во Гостивар и вториот кога бил избран за член на Судскиот совет, како што пропишува законот, со што, јасно и видливо е дека Теофиловски преминал на нова јавна функција.

Во Анкетниот лист тој навел куќи, станови, деловен простор, уметнички слики и заштеда на пари на сметки во Тетово и Скопје, како и имот на сопругата и децата. Во анкетниот лист има податок дека има и два кредити во вредност од 75 илјади евра кои треба да ги исплати до 2025 година

  Анкетен лист 1 поднесен кога Теофиловски станал судија...

едвижен имот

Имот на брачен другар

        Куќа

1.500.000,00 денари

100 м2 Попова Шапка 2006 1/3

Стекнување со наследство

Недвижен имот

Имот на брачен другар

       Стан

6.000.000,00 денари

80 м2 Скопје 2001

Стекнување со договор за купопродажба

Недвижен имот

Личен имот

Деловен простор

2.000.000,00 денари

15 м2 Тетово 1985

Стекнување со договор за купопродажба

Недвижен имот

Личен имот

Куќа

15.000,000,00 денари

300 м2 Тетово 1991

Стекнување со наследство

Недвижен имот

Личен имот

семејно домување

3.075.270,00 денари

100 м2 Тетово 2013 1/1

Стекнување со договор за купопродажба

Подвижен имот

Личен имот

Благородни метали

1.000.000,00 денари

накит /

Стекнување со наследство

Подвижен имот

Личен имот

Моторни возила

300.000,00 денари

БМВ 318 1994/1995

Стекнување со договор за купопродажба

Подвижен имот

Личен имот

Уметнички и колекционерски предмети

500.000,00 денари

слики /

Стекнување со наследство

Побарувања

Личен имот

Побарување по основ на даден заем

1.200.000,00 денари

2005

Стекнување на друг начин

Долгови

Личен имот

Кредит

25.000,00 ЕУР

2013 -

 

Долгови

Личен имот

Кредит

50.000,00 ЕУР

2013 -

 

Друг имот

Личен имот

Средства од продажба на недвижен имот

2.460.000,00 денари

 

Стекнување со договор за купопродажба

 

Анкетен лист бр.2, кога Теофиловски е избран за член на Судскиот совет

Недвижен имот

Имот на брачен другар

         Куќа

1.500.000,00

100 м2 Тетово 2006 -

Стекнување со наследство

Недвижен имот

Имот на брачен другар

         Стан

6.000.000,00

80 м2 Скопје 2001 -

Стекнување со договор за купопродажба

Недвижен имот

Личен имот

  Деловен простор

2.000.000,00

15 м2 Тетово 1985 -

Стекнување со договор за купопродажба

Недвижен имот

Личен имот

        Куќа

15.000.000,00

300 м2 Тетово 1991 -

Стекнување со наследство

Недвижен имот

Личен имот

  семејно домување

3.075.000,00

100 м2 Тетово 2013 -

Стекнување со договор за купопродажба

Подвижен имот

Личен имот

Благородни метали

1.000.000,00

Накит -/1991

Стекнување со наследство

Подвижен имот

Личен имот

Моторни возила

300.000,00

Митсибуши Аутлендер 2007/2007

Стекнување со договор за купопродажба

Подвижен имот

Личен имот

Уметнички и колекционерски предмети

500.000,00

Слики и икони -/1991

Стекнување со наследство

Побарувања

Личен имот

Побарување по основ на даден заем

1.200.000,00

2005

Стекнување на друг начин

Други приходи

Личен имот

Закупнина

30.000,00

2018

 

Долгови

Личен имот

Кредит

25.000,00 еур

2013 2025

 

Долгови

Личен имот

Кредит

50.000,00 еур

2013 2025

 

Друг имот

Личен имот

Средства од продажба на недвижен имот

2.460.000,00

 

Стекнување со договор за купопродажба

 

Зоран Теофиловски како член на Судскиот совет  беше избран од судиите на подрачјето на Апелациониот суд во Гостивар. Тој е во роднински релации со Александра Зафироска, која ја наследи на функцијата, на која беше 12 години како член на Судскиот совет и во два мандати претседател, Во посебен извештај, веќе згаснатото СЈО, како и во извештајот на САД беше посочена за неправилности во работењето, но против неа не беше покрената постапка за уврдување одговорност.

Мандатот на член на Судски совет трае 6 години, а може да биде разрешен доколу е осуден на безусловна казна затвор во траење од над 6 месеци или доколку самиот поднесе оставка.

 

 

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Корупција во судството, судството за корупцијата„ што го спроведува СВЕДОК. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.