Тековни судења

Врховен го одби барањето на Кическиот за ублажување, казната за Рекет останува иста

објавено:


ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

 ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: д-р Џемали Саити - претседател на советот,Африм Фидани, Цветанка Периќ, д-р Мирјана Лазарова Трајковска и м-р Сафет Кадрии - членови на советот, со судски советник м-р Маја Котевска - записничар, одлучувајќи по барањето на осудениот Зоран Милески од С., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.131/19 од 04.12.2019 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.8/20 од 02.09.2020 година, поднесено преку бранител м-р Александар Новакоски, адвокат од С., по претходно прибавениот писмен одговор на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ОВП-КОК.бр.10/2020 од 21.12.2020 година, во согласност со член 467 во врска со член 464 и член 460 од Законот за кривичната постапка, на седницата одржана на ден 24.02.2021 година, донесе:

                                                 П Р Е С У Д А

 Барањето на осудениот Зоран Милески од С., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.131/19 од 04.12.2019 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.8/20 од 02.09.2020 година, поднесено преку бранител м-р Александар Новакоски, адвокат од С., СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.

                                               О б р а з л о ж е н и е

 Основниот кривичен суд Скопје со пресуда КОК.бр.131/19 од 04.12.2019 година, врз основа на признание на вина, обвинетиот Зоран Милески од С., го огласил виновен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 7 во врска со став 3 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик и го осудил на казна затвор во траење од 3-три години, во која казна му се засметува и времето поминато во притвор и во куќен притвор сметано од 15.07.2019 година од 13,20 часот до правосилноста на пресудата, односно до започнување со издржување на казната, но најдолго додека не истече времето на траење на изречената казна затвор. Го задолжил обвинетиот да плати на име судски паушал износ од 2.000,00 денари, да ги надомести трошоците на кривичната постапка во износ од 5.789,00 денари, се во рок од 15 дена, по правосилноста на пресудата, а под страв од присилно извршување. Согласно член 100-а од Кривичниот законик, предметите што настанале од извршување на кривичното дело, како и предметите што биле наменети или биле употребени за извршување на кривичното дело, по вид и количина, опишани како во изреката на пресудата, се одземаат од обвинетиот.

Апелациониот суд Штип со пресуда КОКЖ.бр.8/20 од 02.09.2020 година  жалбите на обвинетиот Зоран Милески од С., изјавени преку бранителот Сања Алексиќ, адвокат од С. и бранителот м-р Александар Новакоски, адвокат од С., делумно ги уважил. Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.131/19 од 04.12.2019 година, освен во делот на одлуката за одземање на предметите согласно член 100-а од Кривичниот законик, ја потврдил. Со решение, пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.131/19 од 04.12.2019 година, во делот на одлуката за одземање на предметите согласно член 100-а од Кривичниот законик, ја укинал и предметот во тој дел го вратил на повторно судење пред првостепениот суд.

 По правосилноста на пресудата, осудениот Зоран Милески од С., преку бранителот м-р Александар Новакоски, адвокат од С., до Врховниот суд на Република Северна Македонија во законски предвидениот рок, поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на Кривичниот законик од член 416 став 1 точка 5 од Законот за кривичната постапка.  Предлага барањето да се уважи, а казната да се намали соодветно на законскиот минимум.

 Врховниот суд на Република Северна Македонија, во согласност со член 466 став 3 од Законот за кривичната постапка, поднесеното барање и другите списи кон предметот ги достави до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, кој со писмен одговор ОВПКОК.бр.10/2020 од 21.12.2020 година, предложи барањето на осудениот да се одбие како неосновано.

Врховниот суд на Република Северна Македонија, откако го разгледа и проучи поднесеното барање, пресудите на пониските судови и другите списи приложени кон предметот, а имајќи го притоа предвид и писмениот одговор на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, најде:

                                                Барањето е неосновано.

Во барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда се укажува дека судот согласно интенцијата на признанието на вина требало да изрече поблага казна, односно условна осуда. Ова од причина што, признанието на вина од осудениот уште на првата главна расправа требало да има влијание да му се изрече поблага казна бидејќи признанието на вина не е ниту едноставен чин, ниту дејствие без ризици, осудениот дал придонес во расчистување на овој предмет, па во таа смисла, која би била целта на признанието на вина ако осудениот добил казна  која  би  ја добил  и  доколку  не би ја признал вината. Оттука, смета дека судот бил должен да и даде предност на казната која ќе е минимална, имајќи ги предвид сите отежителни и олеснителни околности.

Овој суд по извршениот увид во списите на предметот и оценка на наводите во барањето, најде дека неосновани се наводите кои се однесуваат на видот и висината на изречената кривична санкција. Имено, во постапката за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, одлуката за казна може да се преиспита само во случај кога со правосилната пресуда судот го пречекорил овластувањето кое го има по закон, а на штета на осудениот, односно ако му одмерил повисока казна од онаа која е предвидена за конкретното кривично дело. Со оглед на наведеното, а како во конкретниот случај судот одмерил казна која е во границите пропишана со закон, по оценка на овој суд не е сторена повреда на Кривичниот законик од член 416 став 1 точка 5 од Законот за кривичната постапка. Пониските судови при определувањето на видот и при одмерувањето на висината на казната за осудениот Зоран Милески од С. неспорно постапиле согласно член 39 од Кривичниот законик, имајќи ги предвид како отежнувачките, така и олеснувачките околности, кои влијаат казната да биде помала или поголема, па изречената казна затвор во траење од 3-три години е одмерена во границите пропишани со закон. 

Од овие причини, следуваше да се одлучи како во изреката на пресудата, во согласност со член 467 во врска со член 464 и член 460 од Законот за кривичната постапка.

Пресудено во Врховниот суд на Република Северна Македонија на ден 24.02.2021 година под Квп.КОК2.Квп.бр.10/2020.