Вести

Плацевите на Водно не биле купени за Груевски, туку Систина да гради дом за стари лица

објавено:


Фирмите во склоп на Орка Холдинг не го купиле земјиштето на Водно за Никола Груевски, туку за изградба на современа геријатрија, изградба на Дом за стари лица и затоа по купување на фирмата Сирах лимитет, името е променето во Систина лајф, за да асоцира на дејноста по која е познат брендот, нагласија адвокатите на денешното рочиште познато како „Плацеви на Водно“.

-Фирмите кои го купуваат уделот не се наменски отворени, туку постоеле и работеле и истите и се наследени на Ратка Куновска Камчева од нејзиниот сопруг. Тој имал желба да се изгради модерна гериатрија, дом за стари лица, кој ќе биде во близина на Клиничкиот центар, но планот не се реализирал поради административни пречки во општина Центар - објасни адвокатката Светлана Савиќ.

Таа вели дека со докази ќе го потврдат работењето на фирмите што ги купиле уделите од претходно, а до промена на името дошло поради поврзување со брендот Систина.

Откако не можело да се гради, бидејќи општината не го менувала планот за да дозволи изградба на објекти од А1 во А3 (од индивидуално домување во објекти за стари лица) дел од плацот бил продаден на фирмата СУПЕРТРЕЈТ, за кој Орце Камчев праша зошто обвинителката ја штити оваа фирма и ја нагласува продажбата само кон фирмата на Самсоненко.

Адвокатката Савиќ тврдеше дека овде нема никакво перење пари, а за да го докажат тоа ќе повикаат и претставник на ВМРО ДПМНЕ да каже дали партијата е оштетена, како и сите институции кои биле должни да го следат патот на парите дали регистрирале сомителна трансакција и дали реагирале кога било купувано и продавано земјиштето, со средства од тековното работење на фирмите во рамки на Орка Холдинг.