Балкан

БиХ: Се предадоа двајца осомничени за воени злосторства

објавено:


Двајца поранешни припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) му се предадоа на Обвинителството на Босна и Херцеговина, откако тоа соопшти дека покренало истрага против нив, за воени злосторства извршени врз цивили во градот Столац, јужна БиХ.

Портпаролот на обвинителството, Борис Грубешиќ, за БИРН изјави дека поранешниот припадник на ХВО, Јосип Крешиќ, доброволно се предал и дошол на сослушување, додека второто осомничено лице, Виде Крешиќ, се вратил во БиХ од Хрватска, за да се соочи со обвиненијата. Двајцата се осомничени дека извршиле злосторства над Бошњаци во болницата Коштана во Столац.

Според Грубешиќ, Јосиф и Виде Крешиќ учествувале во тортура и нечовечки третман на цивили, кои биле затворени во болницата. Се верува дека двајцата осомничени не се семејно поврзани.

По сослушување на осомничените, обвинителството ќе одлучи дали да поднесе барање за притвор. Виде Крешиќ веќе е обвинет за воени злосторства.

Обвинителство го обвини заедно со Миле Пазин и Ивица Марковиќ за злосторства во општина Столац во 1993 година.

Во обвинението се наведува дека Пазин, Марковиќ и Крешиќ, сите поранешни припадници на ХВО, во текот на летото на 1993 година, апселе бошњачки цивили и ги чувале во нехумани услови во Столац. Тие, наводно, биле придружувани од други војници.

Според обвинението, додека биле во заробеништво, цивилите биле физички и психички малтретирани и биле подложени и на други форми на нехумано постапување.

Почетокот на судењето во овој предмет беше одложено за 15 март, бидејќи, како што беше најавено од страна на обвинителот Станко Благиќ, тој планира да подигне уште едно обвинение против еден од обвинетите.

Извор: BIRN