Зоран Божиновски екстрадиран во Македонија и сместен во истражниот затвор
објавено:

Притворот, во траење од 30 дена, за новинарот Зоран Божиновски почна да тече од вчера откако тој, како осомничен во случајот „Шпион“, по меѓународна потерница издадена на 19 ноември 2013 година, беше уапсен вчера во Нови Сад, Србија од страна на српската полиција, по што и доцна синоќа им бил предаден на македонските власти.
На Божиновски Кривичниот суд му има определено мерка притвор од 18 ноември 2013 година, која според решението на судот треба да почне да се применува од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Зоран Божиновски, од порталот „Буре весник“ кој беше уапсен во Нови Сад, екстрадиран е во Македонија и префрлен во истражниот затвор во Шуто Оризари.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека од српското МВР вчера добиле информација дека Божиновски е уапсен.
„Нашата улога беше лицето да го преземе од граница и да го спроведеме во затворот „Шутка“, додека сите други прашања во однос на целата постапка за екстрадиција мора да ги упатите до Министерството за правда“, рече Спасовски.
Божиновски е осомничен во случајот „Шпион“, но постапката за него беше раздвоена поради тоа што им беше недостапен на органите на прогон. Тој се товари дека ги сторил делата: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в со чл. 45 од КЗ и кривично дело уцена од чл. 259 ст. 2 в.в ст. 1 в.в со чл. 19 д КЗ.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое го води предметот „Шпион“, велат дека постапката за Божиновски се води по стариот Закон за кривична постапка.
„Осомничениот треба да биде изведен пред истражен судија кој е надлежен да постапува во предметот. Потоа Судот треба да донесе решение за продолжување на истражната постапка кое ќе го достави до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да може Обвинителството да продолжи да постапува по предметот“, велат од Обвинителството.
Новинарот беше уапсен во Нови Сад, Србија, и во 2013 година, но тамошниот суд ја усвои неговата жалба, по што тој го напушти екстрадициониот притвор каде што помина 11 месеци, со обврска да се јавува во тамошната полициска станица на секои 15 дена. Како гаранција дека нема да ја напушти земјата, му беше одземена и патната исправа.
Во пресудата за Шпион, напишана на околу 1.100 страници има повеќе дејствија кои се врзуваат со името на Божиновски, почнувајќи од сведочење на Минчо Јорданов за уцени, до серија транскрипти и разговори помеѓу Марјан Ефремов, Мичо Насковски и Божиновски, за трошење на пари од грант доделен од Фондацијата отворено општество за „Буре весник“, каде што според следените комуникации, Ефремов и Мичо Насковски прават план како да го земат делот од парите кој им припаѓал за наводното лобирање за добивање на парите од Соросовата Фондација.
На товар на Божиновски, му се ставаат и средби со Ване Цветанов, на кои средби добил случаи за истражување на кои работела Управата за спречување перење пари.
Божиновски, во разговор со нас, не ги негира овие обвинување и појаснува дека се сретнал со Ване Цветанов од кого добил само 5 случаи, а веднаш по враќањето од втората средба во Врање, Цветанов бил уапсен.
Божиновски по ослободувањето од екстрадициониот притвор во Нови Сад имаше побарано српско државјанство.
На одлуката за екстрадиција на Божиновски, ден пред одржување на изборите во Србија како и во предизборен период во Македонија реагираа и македонското и српското здружение на новинари.
За Македонските власти сите што размислуваме поинаку сме шпиони...сите што не се вклопуваме во нивните бизнис планови сме шпиони. Така и смешниот политички мотивиран случај така наречен "шпион" за да добијат на тежина и оправданост пред македонската јавност дека божемната власт е во служба на заштита на државните и национални интереси. А всушност, вистината е сосема друга ...за да ги заштитат своите интереси во состојба се да уништуваат семејства и судбини без докази и со измислени, хорор сценарија
Зарем овој личи на новинар или на касап? Кој го издржуваше дури беше во Србија?