Балкан

Белград: Пресметки само меѓу навивачки групи или борба за превласт во нарко бизнисот?

објавено:


Водачот на навивачката група на Партизан „Забранети“, 27-годишниот Ален Костиќ викан Куби во саботата беше тешко ранет во пукотница која се случи во белградската населба Железник.

Костиќ бил пренесен во Ургентниот центар во Белград каде што се бори за живот. Неколку часа пред инцидентот, во Раковица се случи уште една престрелка во која беше ранет навивачот Владимир Милеусниќ на што пак, му претходела масовна тепачка меѓу припадници на две навивачки групи.

Нападот на Ален Костиќ речиси никого не изненади во Србија, особено не полицијата.

Станува збор за познат хулиган со дебело полициско досие кој до сега многу пати се извлекувал на мистериозен начин од заслужена затворска казна.

Според пишувањата на српските медиуми, не е тешко ниту да се претпостави кој стои зад нападот со оглед на фактот дека навивачката група на Костиќ веќе неколку години е во војна со соперничката група Алкатраз.

Костиќ веќе еднаш преживеа сличен напад, но за разлика од сега, во 2013 година во болница заврши со прострелна рана во бутот, откако се уште непознат напаѓач во него истрела четири куршуми.

 

Полицијата тогаш истражуваше дали станува збор за предупредување или промашување, а нападот го сметаше за продолжение на пресметката меѓу две навивачки групи на белградскиот клуб Партизан познати како „Забранети“ и „Алкатраз“, кој два дена претходно се случил на стадионот Маракана каде се судриле приврзаници на двете групи. Истражителите се сомневаа дека Костиќ го видел напаѓачот, но не сакал да соработува со полицијата.

Војна поради тешки навреди или за профитабилен бизнис со наркотици?

Војната меѓу овие две навивачки групи трае уште од 2011 година. Оттогаш членовите на „Алкатраз“ и „Забранети“ се во постојан судир. Водачот на „Алкатраз“, Џорџе Прелиќ кој долго време беше во бегство поради убиство на францускиот навивач Брис Татон, успеваше преку своите најверни хулигани да ја контролира групата и да го раководи судирот со „Забранетите“. Прелиќ во февруари беше уапсен во Шпанија по потерница за убиството на францускиот навивач.

Во врска со мотивите за војната меѓу навивачките групи има две различни верзии. Според едни, судирот меѓу „Алкатраз“ и „Забранети“ наводно избил поради тоа што членови на „Забранетите“ обвиниле припадници на „Алкатраз“ дека се „полициски поткажувачи“.

Но, со оглед на тоа дека навивачките групи обично се занимаваат со многу профитабилни бизниси меѓу кои продавање дрога, голем де од српската јавност верува дека вистинскиот судир е околку поделбата на територија и заработувачката од нелеганиот бизнис.

Водачот на „Забранети“ со дебело полициско досие

Против Ален Костиќ поднесени се 15 кривични пријави а во моментот се водат две судски постапки пред Основниот и Вишиот Суд во Белград. Првата кривична пријава ја добил на 18 години поради нанесување на тешки телесни повреди.

Тогаш со уште 20 други хулигани нападнале момчиња кои играле баскет на импровизиран кошаркарски терен. Костиќ и неговата дружина носеле обележја на Партизан, но и метални шипки, безбол палки, лети, стаклени шишиња и ноожеви.

Без никаква причина ги нападнале момчињата,а Куби со нож прободел едно од момчињата директно во градите при што му ја прибл белодробната марамица.

Во тепачката се ранети уште три момчиња од кои едниот во врат, другиот во гради, а третиот со исеченици по надлактицата.

Против Костиќ тогаш се поднесени пријави за тешки дела но за ниту едно не бил осуден.