Балкан

Обвинителството во Хаг бара доживотна казна затвор за Ратко Младиќ

објавено:


Обвинителството на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) побара од судиите на судот на ООН, да го осудат воениот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, на казна доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства.

Во заклучокот на своите завршни зборови изнесени пред Хашкиот трибунал во среда, обвинителите изјавија дека Младиќ треба да биде осуден на казна доживотен затвор за геноцид и други злосторства, извршени од силите под негова команда, за време на војната во Босна и Херцеговина, од 1992 до 1995 година.

Обвинителот Алан Тигер нагласи дека „секоја казна помала од најголемата според законот, би била навреда и за живите и за починатите жртви, но и навреда за правдата“.

Младиќ е обвинет за геноцид врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година, за прогон на Бошњаците и на Хрватите низ Босна и Херцеговина, кој во неколку општини во 1992 година достигнал размери на геноцид, за тероризирање на населението во Сараево за време на 44-месечната опсада на главниот град на БиХ, и за земање на мировници на ООН како заложници.

74-годишниот Младиќ изјави дека не е виновен по обвиненијата. Одбраната ќе ги изнесе своите завршни зборови помеѓу 9 и 13 декември.

Пресудата се очекува во 2017 година.

 

Извор: БИРН