Балкан

Прво судење во Блеград против злосторствата во Сребреница

објавено:


Пред Специјалниот суд во Белград, вчера започна првиот случај, што во врска со масакрот во Сребреница, извршен во 1995 година се суди во Србија, откако судијата го отфрли барањето за повторно одложување на процес.

Осум поранешни припадници на специјалната полициска бригада на РС, се обвинети дека во јули 1995 година, учествувале во организирање и убиство на повеќе од 1.300 бошњачки цивили во земјоделското складиште во селото Кравица, во близина на Сребреница.

Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ се обвинети за воени злосторства, односно за стрелање на Бошњаците.

Судењето требаше да започне во декември, но беше одложено поради барањето на одбраната за изземање на судскиот совет, поради што организациите на жртвите од Сребреница се заканија со протести.

Во понеделникот, еден од адвокатите на обвинетите побара повторно одложување, со образложение дека адвокатите на заштитените сведоци не биле присутни кога тие давале исказ, па затоа исказите не можат да се сметаат за законски докази.

Убиствата во Кравица се меѓу неколкуте масакри што по падот на Сребреница во јули 1995 година, ги изврши ВРС. Во овие масакри беа убиени околу 7.000 бошњачки мажи и момчиња.

Досега идентификувани се повеќе од 1.300 цивили убиени во Кравица. Нивните тела беа пронајдени во неколку масовни гробници во Босна и Херцеговина.

Обвиненија за геноцид против Милидраговиќ и Голијанин, првично подигна босанското обвинителство, но тие не можеа да бидат уапсени, бидејќи по завршувањето на војната во БиХ, во 1995 година, заминале да живеат во Србија.

Откако во 2013 година Србија и БиХ потпишаа протокол за соработка на предметите за воени злосторства, доказите од босанското обвинителство, беа префрлени во Белград.

Босанското обвинителството ги товари Милидраговиќ, поранешен командант на специјалната полициска единица на РС, која делувала при Центарот за обука Јахорина, и неговиот заменик, Голијанин, за учество во извршување на геноцид над Бошњаците од Сребреница, во периодот од 10 до 19 јули 1995 година.

Српското обвинителство пак соопшти дека не можело да ги докаже обвиненијата на босанските обвинители за геноцид и наместо тоа, ги обвини за воено злосторство.