Правни анализи

(Д)Eфектите на Законот за кривична постапка: кога казнениот налог станува пресуда - случај Прилеп!?

објавено:


Дали прилепскиот градоначалник Марјан Ристески е осуден од Основниот суд во Прилеп по пријава на прилепски адвокат или не? Сите медиуми, повикувајќи се на пресудата издаена врз основа на казнениот налог тврдеа дека е осуден, цититирајќи и суми наведени во неа.

Но, Ристески, на таа „пресуда“ поднел приговор и таа пресуда повеќе не постои, ќе се смета дека не е донесена, бидејќи судот, ќе мора да закаже судење, на кое, од ново ќе ги цени доказите па треба да пресуди. Гледано формално правно, денеска градоначалникот на Прилеп не е осуден, а секое тврдење за негова осуда може да значи повлекување на одговорност за тој кој го тврди тоа без судска поткрепа.

Е, како е можно, што би рекле Бугарите „тзи дупка, сега да не е дупка“?

Во македонскиот закон за кривична постапка (ЗКП) од 2010 година, покрај другите скратени постапки, се предвиде и издавање на казнен налог, или носење на пресуда без судење. Ова решение се покажа како едно од дефектните со серијата други новитети во ЗКП, кои создаваат проблеми во имплементацијата.

Овде накратко ќе дадеме некои „за и против“ ваквото решение, бидејќи во моментот, група професори и експерти, повторно, како и секоја година за солидни хонорари ги ревидираат запирките во законите, па можеби и овој проблем ќе го погледнат и ќе предложат измени во ЗКП. Има десетици одредби за менување, но во конкретниот случај ние ќе се задржиме на пресудата и постапката која е предвидена по казнениот налог.

Казнениот налог, како дел од мерките во скратената постапка, му дава можност на јавниот обвинител како овластен тужител да одлучува за начинот како ќе го иницира кривичното гонење, во скратена, редовна постапка, со спогодба и слично.

Кога се исполнети законските услови, јавниот обвинител  е овластен да поднесе предлог за издавање казнен налог до судијата поединец во основниот суд.

Како во случајов, по пријава на адвокатот, обвинител во Прилеп ценел дека има одговорност за Марјан Ристески како градоначалник и поднел предлог за издавање пресуда врз основа на казнен налог до Основниот суд Прилеп.

Судијата поединец (основен степен на проверка на сомневањата, нема совет од тројца или пет судии) го прифаќа предлогот од јавниот обвинител и издава казнен налог со пресуда, а обвинетиот ако се согласува со таквата пресуда со казнен налог – не поднесува приговор против вака донесената пресуда.

Доколку не се согласува пак, во објаснувањето подолу ќе видите дека таа се смета како воопшто да не е донесена и се оди на судење.

Оваа постапка е дозволена, кога се работи за кривични дела од надлежност на судија поединец, (кривични дела за кое е предвидена парична казна или казна затвор во траење до 5 години (чл.25 ст.1 од ЗКП), при што е важно да постојат доволно докази кои ќе го убедат јавниот обвинител дека е основано да поднесе предлог за издавање казнен налог.

Покрај личните податоци на обвинетиот, опис на делото кое се става на товар, правната квалификација на делото, доказите со кои располага oбвинителството , обвинителот ја предлага и кривична санкција (казната).

Казната која е предложена мора да се движи во рамките на санкциите предвидени во ЗКП – парична казна од 10 до 100 глоби, условна осуда со утврдена казна затвор до 3 месеци или парична казна, забрана за управување со моторно возило до 2 години и конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривичното дело.

Судијата кога ќе го добие казнениот налог, има можност да го отфрли предлогот доколку истиот е поднесен за кривично дело за кое не може да се поднесе пресуда поради запретената казна или ако тоа е во надлежност на кривичен совет, а не на судија поединец. Доколку судијата смета дека не е оправдано изрекување на предложената кривична санкција и дека од приложените докази може да се очекува изрекување на друга кривична санкција, судијата нема да донесе пресуда врз основа на предлогот за издавање на казнен налог туку ќе закаже главна расправа според одредбите на скратена постапка.

Доколку за судијата е прифатлива предложената санкција тој ќе издаде казнен налог со пресуда со која ќе ги изрече предложените санкции и други мерки од јавниот обвинител. Образложението ги содржи само доказите кои го оправдуваат изрекувањето на казнениот налог. Во оваа постапка, судијата е врзан само со казната што ја предложил јавниот обвинител и не може да изрече помала или поголема, ниту пак може да врши преквалификација на делото. Во превод, судијата е во позиција само да се согласи или да не се согласи. Други ингеренции нема, доколку не закаже судење.

Против вака донесената пресуда обвинетиот има право на приговор во рок од 8 дена. Ако обвинетиот на пресудата со казнен налог која уредно ја примил не поднесе приговор, се претпоставува дека се согласил со истата и по истекот на рокот од 8 дена за приговор пресудата станува правосилна.

Но, доколку обвинетиот не е согласен со пресудата истиот може да поднесе писмен приговор или усмен на записник пред судот. Приговорот воопшто не мора да биде образложен, а судот е должен да закаже судење. Во таква ситуација се смета дека пресудата воопшто не е донесена и таа како во случајов во Прилеп, се става ад-акта и не може да се користи како документ донесен од официјален орган.

Судот го цени приговорот само од формален аспект и проверува дали приговорот е навремен и поднесен од овластено лице. Доколку приговорот е навремен, задолжително се закажува рочиште за главна расправа согласно одредбите на скратената постапка. Штом ќе се закаже рочиште за главна расправа се смета дека пресудата воошто не била донесена како што веќе објаснивме. 

На судењето, тогаш судијата не е врзан веќе за предложената санкција од страна на обвинителот и може да донесе одлука со повисока или пониска казна но и да ја менува правната квалификација. Затоа, многу е важно, кога како граѓанин ќе добиете ваква пресда да знаеете дали треба да поднесете приговор или да ја прифатите пресудата бидејќи двете постапки се различни.

Законодавецот сметал дека улогата на јавниот обвинител во постапката за издавање казнен налог е значајна. Без предлог од јавниот обвинител казнениот налог всушност и не може да биде издаден. Јавниот обвинител во секој случај треба да оцени дали има доволно докази судот да издаде казнен налог. Тргнувајки од принципот на економичност, јавниот обвинител секогаш кога се исполнети законските услови и се располага со доволно докази може да предложи издавање на казнен налог. Тоа значи дека треба да се работи за кривични дела во надлежност на судија поединец и да постојат доволно  докази од кои судијата ќе заклучи дека обвинетиот е сторител на кривичното дело што му се става на товар.

Одговорноста на јавниот обвинител лежи и во соодветната правна квалификација на делото кое го става на товар на обвинетиот. Ова особено затоа што во глава 31 која се однесува на постапката за издавање на казнен налог не е предвидена можност судијата да ја промнени правната квалификација на кривичното дело за кое јавниот обвинител предложил издавање казнен налог, па неправилната правна квалификација може да доведе и до одбивање на предлогот од обвинителот.

Исто така одговорноста на јавниот обвинител лежи и во предлогот за кривичната санкција. Прво, да не предложи кривична санкција која излегува надвор од рамките на законот и да не предложи кривична санкција која не соодветствува на тежината на кривичното дело, што му дава право на судијата да не се согласи со изрекување на предложената кривична санкција, бидејќи не е предвидена можност судијата поеднинец да изрече друга санкција од онаа што е предложена од јавниот обвинител. 

Сепак, праксата покажа дека јавните обвинители, па и судиите немаат доволни познавања за примена на оваа мерка, што говори и со постапки за разрешување на судии и обвинители, токму поради оваа законска повреда.

Имено, пред Судскиот совет, во крајна фаза е постапка за разрешување на судија од Основниот суд Скопје 1, а и постапка против јавен обвинител, кој предложил издавање на казнен налог, а судијата се согласил за дело кое не било во надлежност на судија поединец, туку на совет и за кое била запретена казна затвор за која не може да суди судија поединец.

Во овој случај, не е очекувана жалба од страна на осудениот, бидејќи таквата помала санкција би му одела во прилог.

Друг пример, каде што во вода се фрлија десетици пресуди донесени по предлог за издавање на казнен налог се предметите по пријави на Фондот за здравство против десетици граѓани за „употреба на исправа со невистинита содржина“. Фондот за здравство до обвинителствата во земјава пушти десетици илијади пријави дека граѓаните прикажале дека имаат приход помал од 100.000 денари годишно на пример за да користат бесплатно здравство, а УЈП утврдила дека имаат на пример 120.000 денари, како планиран приход од земјоделски површини, но и како пари што ги добиле по основ на школарини, стипендии, поклони.

Судовите издадоа десетици пресуди по овој основ со условни казни и во дел паушал за судот од 2-3 илјади денари, најмалку половина од нив ги оспорија ваквите тврдења и поднесоа приговори, па судовите ги поништија пресудите и закажаа судења, за на крај, државата да донесе амнестија па судиите со денови да пишуваат и решенија за запирање на постапките.

Од тука, низ пракса, во македонски услови казнениот налог се претвори во пародија, или како што велат, алатка за работа на судијата според народната: џабе работи, џабе не седи, бидејќи најчесто секој се жали и пресудите се безпредметни. 

Улогата на адвокатите во оваа постапка е исто така важна, бидејќи адвокатот ја сноси одговорноста околу проценката дали доказите кои се доставени до судот се доволно и релевантни на нив да се заснова пресудата и дали во скратената постапка обвинетиот би поминал полесно од аспект на вината и кривичната санкција. Ако оцени дека некои од доказите се прибавени на противзаконит начин, бранителот секако ќе поднесе приговор бидејки на расправата во скратена постапка ќе добие можност за истакнување на приговор за незаконитост на доказите. Но, доколку навистина не постои основ за истакнување на приговор, одговорност на адвокатот е како ќе го советува обвинетиот за поднесување приговор или да прифати прсудата да стане правосилна .

Ако поднесе приговор и се закаже судење, на расправа во скратена постапка судот воопшто не мора да изрече иста казна како предложената во казнениот налог, туку може да изрече и потешка казна.

Во скопскиот кривичен суд неодамна бил заземен став од раководството дека со поднесување на приговор на пресудата донесена врз основа на казнен налог, истиот судија да не може да суди и тоа да се смета како нов предмет. Гледано од аспект на почитување на правото на презумпција на невиност, а во врска со одредбите кои регулираат дека ако пропадне спогодба меѓу обвинител и обвинет, судијата кој ќе судии не смее да знае за тоа, вреди да се размислува и во тој правец, бидејќи со прифаќање на казнениот налог, судијата изразил сомневање кон обвинетиот во поглед на неговата вина.

Од тука, при сериозна анализа за (д)eфектите на ЗКП и издавањето на казнен налог, може да се размисли дали не треба да се даде можност обвинетиот да се изјасни пред јавниот обвинител да го пушти предлогот во судот. Правото би добило многу, ако обвинителот, во крајната фаза го повика обвинетиот и го запознае дека планира да пушти казнен налог. Доколку обвинетиот се согласи на тоа, тоа ќе значи и правосилност (по верификација од страна на судијата) и ќе нема приговори и џабе пишување пресуди.

Доколку не се согласи и изјави приговор, тогаш обвинителот нема да оди со предлог за издавање на казнен налог, туку со предлог во скратена постапка, кој според одредбите ќе си продолжи со судење.

На овој начин ќе се избегне шокот за граѓаните да дознаваат од пресуда за донесена казна кога ќе им биде доставена на врата, од пари за адвокати и приговори и судења, како и непотребна работа на судиите, бидејќи бројот на поднесени илјадници приговори покажува дека не станува збор за економична постапка, бидејќи се што е сработено претходно, со обичен приговор, напишан ако треба дури и на лист од зелка, без образложение, ја фрла целата постапка во вода.

Секако, ова е само едно од дефектните решенија во ЗКП од 2010 кои создаваат серија проблеми пред македонските судови.