Правни анализи

Спогодбата како алатка за скратување на постапката или за пазарење и уценување на обвинетите

објавено:


По теркот на американското законодавство и со нивно силно залагање, во законот за кривична постапка што почна да се применува од декември 2013 година, беше внесена и спогодбата како една од можностите обвинетиот да ја признае вината, да се спогоди со обвинителот за висината на казната, а судот тоа да го верификува во скратена постапка, без судење, долга постапка во која се прават големи трошоци.

Но, каква е примената на спогодбата во реално, изминативе три години во Македонија? Дали спогодбата се користеше за избегнување на долгите судски постапки во релативно „правно чисти постапки“ каде што има доволно докази или спогодбата стана алатка за пазарење на обвинителот со одредени обвинети во предметот, што понатаму беше уцена кон другите обвинети во предметот.

Што се случува со обвинетиот кој склучува спогодба во предмети каде што има повеќе обвинети и како се цени неговиот исказ. Дали Судот остана на висина на задачата да ги утврди сите задолжителни елементи што треба да ги има една спогодба и со тоа да ги избегне тврдењата за манипулација со истите?

Неколкуте примери кои ќе ги анализираме во случајов покажуваат дека спогодбата сепак била злоупотребувана, напаѓана и оспорувана, судиите слепо го прифаќале предлогот на јавниот обвинител без да се впуштат во утврдување на важните факти.

Само два веќе правосилни предмети доволно говорат за злоупотребата на спогодбата. Во првиот случај, спогодбата склучена со Ѕвонко Костовски, обвинет во „Пуч“ покажа дека судот верификувал акт во кој нема утврдено ништо што оди во поткрепа на самопризнанието на обвинетиот за тоа за кого прислушувал, по чиј налог, дали и каде било правено тоа и слични работи. На ваков начин, со спогодбата за „Пуч“ судот со образложение од 10-тина редови затвори една од најголемите афери во земјава. Спогодбата која се криеше со години, сега е на оценка пред Врховниот суд по Барање за заштита на законитост поднесено од Специјалното јавно обвинителство.

Вториот случај, во кој беа склучени повеќе „правно дефектни“ спогодби е предметот „Јустиција“ каде што судиите од одделот за прекршоци и дел од вработените потпишаа спогодби прифаќајќи вина дека застареле одреден број предмети.

Каде е дефектот во овие предмети? Задолжителен елемент на секоја спогодба е да се утврди штетата за да може оштетениот, правно или физичко лице или државата понатаму да се обештети. Но, во „Јустиција“ во ниту една спогодба нема утврдено штета. Ако нема штета, како е направено кривично дело тогаш за кое се гонат судиите?

Овие предмети покажуваат дека спогодбата како еден од новите механизими во ЗКП се злоупотребува, а овие примери се само мал дел од големиот мозаик.

Но, да видиме сега низ бројки како последниве две години обвинителите ја практикувале спогодбата и за кои дела.

Јавните обвинители во 2016 година, споредено само со 2015 година го зголемиле бројот на склучени спогодби за 15,5%. Во текот на 2016 година биле склучени 458 спогодби случаи, додека во 2015 година бројот на спогодбите бил 300. Во 226 од случаите спогодбата била склучена во скратена постапка, 213 случаи во текот на истражната постапка и во 19 случаи по поднесен обвинителен акт, односно во фаза на оценка на обвинение. 

Гледано по подрачја на Вишите обвинителства, прво е скопското со 242 спогодби, по него следува Обвинителството за гонење на организиран криминал кое склучило 78 спогодби во 2016 година, на трето место е битолското обвинителство со 61 спогодба, 56 спогодби склучиле штипските обвинители и само 21 спогодба е направена од обвинителите во гостиварското обвинителство.

Ако се гледаат кривичните дела за кои се склучувале спогодбите, според податоците на Јавното обвинителство на Македонија најчесто тоа биле дела за кои е запретена казна затвор до пет години и за кривични дела за кои е запретена казна затвор над пет години.

Обвинителството оценува дека: „јавните обвинители во текот на постапката прибавиле квалитетни докази, поради што обвинетите сами или преку своите бранители барале да се спогодат за казната со јавниот обвинител и не само за кривични дела во кои согласно законот се определува условна осуда или парична казна, туку и за кривични дела за кои согласно законот се определува ефективна казна затвор“.

За „изненадување“ е што судот не одбил ниту една спогодба. За ова, ЈОРМ го има следниов одговор: “квалитетот на потпишаните предлог спогодби се огледа во фактот дека од страна на судот ниту една потпишана предлог спогодба не е одбиена“.

Во 2016 година, обвинителите се спогодиле за казната со обвинети за кривични дела: неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, овозможување на употреба на наркотични дроги, бесправно градење, даночно затајување и за кривични дела против имотот.

Во Основното јавно обвинителство Прилеп била склучена спогодба за кривично дела Убиство во обид за што била договорена казна затвор во траење од четири години.

-Придобивките од користењето на спогодувањето, намалени трошоци за кривична постапка и ефективна и ефикасна кривична постапка со кратко времетраење кои според одредени показатели целокупната постапка од поднесување на кривична пријава до склучување предлог спогодба е во просек пет месеци, укажуваат на оправданоста на заложбата на Јавното обвинителство на Република Македонија во иднина се поголем број на предмети да се решаваат на ваков начин - заклучува Јавното обвинителство.