Правни анализи

Стратегијата за реформа на судството стокмена, фалат само уште гласови за да се сменат законите

објавено:


Укинување на Вишиот управен суд, укинување на донесените решенија за лустрација, укинување на Советот за утврдување на факти кој покренува постапки за разрешување на судиите, редефинирање на Академијата за судии и јавни обвинители, избор на судии без взавршена Академија од редот на стручни соработници, адвокати, припојување на СЈО кон Јавното обвинителство, образложени одлуки за избор на судии и јавни обвинители и отвореност на седниците на Судскиот и на Советот на обвинители, се најголемиот број „новитети“ утврдени во стратегијата за реформа на судството.

Стратегијата во прва фаза е подготвена, но за да се реализира голем дел од зацртаното, владејачките СДСМ и ДУИ со нивното мнозинство, без поддршка од ВМРО ДПМНЕ не можат да направат ништо.

Предвидено е носење на нови закони или менување на Кривичниот и ЗКП, Парничниот закон, законот за заштитени сведоци, за извршување на санкции, кои во најголем дел се двотретински.

Од тука, копјата за овој документ ќе се кршат во Собранието, каде што без опозициска поддршка, ништо не би можело да се спроведе.

Еве, што е зацртано да се менува, укинува, дополнува или изменува:

-Ќе се укине Вишиот управен суд, а предметите ќе се префрлат во Врховниот суд, со закон ќе се уреди постапката, како и извршност на пресудите на Управниот суд. Ќе им се взабрани на државните и јавни органи да поднесуваат жалби против пресудите на Управниот суд, а нив, како до сега да ги застапува Државниот правобранител,

-Ќе се носи нов закон за прекршоци кој треба да ги намали казните/глобите, и да воведе задолжителна опомена пред глоба. Ќе се скратува времетраењето на прекршочните постапки кои ги водат органите на управата,

-Нови закони за извршување на санкции, за заштитени сведоци, донесување на нов Кривичен закон , укинување на законот за одмерување на видот и висината на казната, дополнување на ЗКП кој треба да ги надмине постојните непрецизности што доведуваат до различно толкување.

-Стратегијата предвидува и една чудна новост, рамномерна распределба на предмети во Апелационите судови преку автоматска распределба, за да се реши проблемот што сега го има скопскиот суд за разлика од трите други, иако ова е во директна спротивност со законот за судови кој го регулира прашањето за месна надлежност на судовите.

За Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се предлага да стане дел од Јавното обвинителство (ЈО), а да се укине и Советот за утврдување факти и одговорност на судиите, да се намали бројот на судии и основни судови во државата, членовите на Судскиот и Советот на јавни обвинители да сносат одговорност, а не да се „недопирливи“ како досега, да се промени начинот на избор на судии и јавни обвинители, да се поништат мерките кои беа преземени кон лустрираните лица.

- Заради постојното законско решение кое се однесува на мандатот за постапување на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а имајќи ги предвид бројноста и сложеноста на предметите во надлежност на ова обвинителство, потребно е да се создадат законски предуслови за продолжување на неговата работа како посебно одделение во рамките на ЈОРМ – предвидува стратегијата.

Се предлага СЈО да добие пошироки надлежности и да ги истражува сите кривични дела од висок профил на корупција.

За олеснување на истрагите на СЈО кое би се преточило во специјализирано одделение во рамките на ЈО, но и за сите други судски предмети, во Нацрт-стратегијата се споменуваат и промените во Законот за заштита на сведоците. Се вели дека системот за заштита на сведоците е воспоставен во 2005 година, но оттогаш се направени крупни законски измени, па затоа е потребно преиспитување на овој закон. Се наведува оти Министерството за правда работи во насока на прилагодување на законот за заштита на сведоци во согласност со другите законски прописи од казнената област.

Во Нацрт-стратегијата се споменува и намалување на бројот на основните судови во земјава. Како што констатираат, сегашната поставеност на првостепените судови и годишните извештаи за работа укажуваат дека има нерамномерно предметско работење и оти се забележани се поголеми отстапки кои ги ставаат под знак прашање функционалноста и ефикасноста. Отткука, се наведува, аргументирани се и заложбите за намалување на бројот на основните судови. Исто така, се споменува и бројот на судиите.

 

- Сите релевантни меѓународни извештаи сугерираат намалување на бројот на судите, бидејќи истиот не содејствува со стандардите за бројот на судиите по глава на жител. Ваквиот пристап ќе овозможи организациони и финансиски бенефиции во однос на креирањето на подобри организациони и финансиски предуслови – предвидува Нацрт-стратегијата.

Стратегијата се бави и со поставеноста на Судскиот и на Советот на јавни обвинители.

- Според позитивните прописи Судскиот совет на Република Македонија би требало да биде орган кој ќе претставува заштитник на независноста и самостојноста на судството, но оваа своја улога Советот не ја реализира, ниту пак успеа изминатава деценија да се наметне во општеството како гарант или чувар на независноста на судиите кои ги избира, унапредува, оценува и разрешува. Истите критики важат и за Советот на јавни обвинители, за чии членови не е предвидена никаква одговорност.

Се нагласува потребата од промена на критериумите за избор на членовите за кои се вели дека треба да се избираат од редот на најискусните судии и јавни обвинители, како и од останати претставници од правничките професии.

- Изборот на обвинители во основните јавни обвинителства кој го врши Советот на ЈО е пропишан релативно детално, но критериумите и постапките за именување во повисоките јавни обвинителства се недоволно уредени – пишува во Стратегијата.

Во Стратегијата се констатира дека Македонија е единствена држава во која влезот во судската и обвинителската професија е условен од поседување диплома од правни студии, положен правосуден испит и задолжителна обука во Академијата за судии и јавни обвинители.

-Македонија е единствената држава во која Академијата за судии и јавни обвинители има целосен монопол во одлучувањето за тоа кои ќе бидат идните судии и јавни обвинители во државата. Нејзината улога во оваа насока е позначајна и помоќна и од улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители – стои во документот. 

Се предлага одреден процент од новите судии да може да се избираат од редот на искусните правници без да поминат Академија и да се укине електронското полагање на правосудниот испит.
Се предлага и поништување на процесот на лустрација.

- Штетните последици по лицата кои беа жртви од овој Закон остануваат и денес. Заради нивна општествена рехабилитација, како и заради заштита на нивниот личен интегритет и достоинство ќе биде воспоставен правен основ за поништување на мерките преземени кон нив – пишува во Стратегијата.

По јавната расправа треба да се направат измени на законите, кои, како што споменавме и на почетокот без гласање на 2/3 од пратениците во Парламентот невозможно е да се донесат.