Балкан

Апсењето на Светозар Маровиќ, прв чекор до смена на власта во Црна Гора

објавено:


Специјалното обвинителство на Црна Гора спроведува финансиска истрага, во која прибира докази за начинот на кој е стекнат имотот на сите осомничени за предметите поврзани со незаконско продавање на градежно земјиште и градење во Будва, вклучувајќи го и неодамна уапсениот Светозар Маровиќ, близок соработник на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ.

Обвинителството во истрагата собира докази за целиот имот кој е регистриран на име на семејството на Маровиќ, но и за имот за кој има сомневање дека е препишан на други луѓе, соопшти црногорското специјално обвинителство.

Црногорскиот закон предвидува привремено одземање на целокупниот имот, за кој осомничениот нема докази дека е стекнат законски, а трајното одземање на имотот е дозволено само со судска пресуда со која ќе биде прогласен за виновен.

Светозар Маровиќ е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување а тоа било правено на организиран начин. Засега, во притвор се неговиот син Милош, брат му Драган и неговата стрина Мирјана. Ќерката на Светозар Маровиќ, Милена Маровиќ Богдановиќ е пуштена да се брани од слобода.

Претседателот на Политичкиот совет на Демократската партија на социјалистите, Светозар Маровиќ беше приведен на 17 декември и му беше одреден притвор во траење од 30 дена. На списокот од 19 осомничени, се наоѓа и поранешниот градоначалник на Будва Лазар Раденовиќ.

Според првичните информации во аферата „Будва“ штетата е околу 40 милиони евра, од кои околу 15 милиони евра е штета само за градот Будва. Светозар Маровиќ, неговиот брат Драган и поранешниот будвански градоначалник Раденовиќ, со уште 15 други функционери се товарат дека преку низа малверзации и злоупотреба на службената положба доделувале градежно земјиште, дозолувале и одобрувале нелеални градби. 

Раденовиќ, против кого се водат четири судски постапки, а во една бил осуден и на шест години затвор, според црногорски медиуми, се подготвувал да ја признае вината во овој случај и да се спогодби за казната со обвинителството.  

На листата на осомничени се и Стевица Драговиќ и Оливера Илинчиќ, советници во Кабинетот на Маровиќ, додека тој ја извршуваше функцијата Претседател на државната заедница на Србија и Црна Гора. Илинчиќ потоа била и директорка на фирма, сопственост на Станко Цане Суботиќ.

Политичките аналитичари  и медиумите во регионов коментираат дека ставањето лисици на рацете на Светозар Маровиќ, долгогодишен соборец на првиот човек на ДПС и премиер Мило Ѓукановиќ, жестоко ги раздрмало круговите блиски до власта.

Од тука, оваа година која е изборна и за Црна Гора, се очекува да биде година на предизвици, а многу се очекува и од тоа, дали Светозар Маровиќ ќе проговори за аферата за која е уапсен, како и од одлуката на Специјалното обвинителство, за привремено одземање на целокупниот имот за кој во тек се истражни постапки.

-Без амин на Мило Ѓукановиќ ништо не се случува во Црна Гора. Поради тоа мислам дека многу бргу раката на обвинителството ќе биде ставена и врз премиерот. Некој мора да одговара да одговара за сите неправилности кои се случуваа во извршната власт во изминативе години. Кој би требало да одговара, ако не нејзиниот прв човек. Тоа што и преостанува на опозицијата, е да ги мобилизира граѓаните и да укаже на сомневањата за коруција на лидерот на ДПС, - коментира професорот Срѓан Вукадиновиќ.

Пред да биде уапсен, Светозар Маровиќ се сретнал со премиерот Ѓукановиќ. Средбата ја потврдил Ѓукановиќ, нагласувајќи дека Маровиќ е еден од политичарите со кои најмногу соработува, но одбил да каже за што разговарале.

–Во случај да остане актуелната Влада, Црна Гора е пред пропаст, бидејќи овој народ се повеќе тоне во беда и сиромаштија, - оценува професорот Вукадиновиќ.

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ пак, барањето на опозицијата за формирање на преодна Влада која ќе ги подготви изборите го оцени како „политички рекет“, нереално очекување и ултиматум до актуелната Влада.

Сепак, црногорската Влада, во последниот ден од 2015 година, од Парламентот побара да гласа за доверба на тимот предводен од премиерот Мило Ѓукановиќ.

На 31 декември, Владата на Ѓукановиќ побара Парламентот да гласа за нејзина доверба. Во поголемиот дел од тригодишниот мандат немало јасна политичка поддршка од парламентарното мнозинство за коалициската Влада составена од Демократската партија на социјалисти (ДПС) и Социјалдемократската партија (СДП), се наведува во барањето на Владата. Иницијативата за довербата на Владата на дневен ред пред парламентарците би требало да се најде до крајот на јануари.

Доколку Владата не ја добие поддршката на мнозинството пратеници, треба да се  распишат вонредни парламентарни избори.

 

И Црна Гора се соочува со „фантомски гласачи“

На иизборите во 2012 година гласале над 11 илјади странци кои немале право на глас, поради нивниот резидентен статус.  Тогашниот избирачки список броел 520 илјади гласачи од 620 илјади жители на Црна Гора. Се проценува дека на избирачкиот список на Црна Гора има фантомски 55 илјади избирачи, кои „гласале“ за владејачката ДПС.